На денешната програма на „Македокс“ се прикажува и филмот „Ме викаат Бабу“, филм за женската перспектива на една Индонезијка што животот ќе ја однесе на посебен пат за борба за слобода, право на сопствен избор и сон за подобра иднина за неа и нејзината ќерка. Поразговаравме со режисерката Сандра Беерендс, која ни раскажа за создавањето на филмот.
Кое е вашето искуство со македонската кинематографија, дали досега сте имале можност да гледате некој македонски филм или да работите со нашите актери?
Ова е интересна приказна. Мојот филм имаше премиера на IDFA (Меѓународен документарен филмски фестивал во Амстердам) 2019 и таму го гледав и „Медена земја“! Бев импресионирана од убавата природа, прекрасниот главен лик и нејзиниот мудар начин на живот како дел од природата. Кога заврши филмот некој ми прати апликација дека мојот филм беше меѓу десетте омилени филмови на публиката, а уште попочестена бев кога видов дека и „Медена земја“ е меѓу нив. Сакав да го споделам ова чувство со некој и на таа што седеше до мене ѝ кажав; ‘Мојот филм е во топ 10 заедно со „Медена земја“ ‘. Таа изгледаше збунето и рече ‘браво за тебе но јас сум заинтересирана само за филмови од Балканот’. Нејзината искреност ме насмеа и иако бев сè уште горда, од поинаква перспектива ги видов работите.
Вашиот филм „Ме викаат Бабу“ годинава е дел од фестивалот „Македокс“. Што е најважно за еден документарец да допре до публиката и да биде успешен?
Не можам точно да одговорам што е најважно, но имам чувство дека може да има голема разлика помеѓу филм омилен на публиката и успешен. За мене како режисерка е важно да се поврзам со публиката. Не со правење на избор околу тоа што сакам да раскажам (каква приказна) туку да ја раскажам на начин на кој публиката ќе се поврзе со приказната.
Во „Ме викаат Бабу“ целата приказна е раскажана преку перспективата на главниот лик Алима, млада сиромашна девојка од Индонезија која живее во време на менување на светот. Ние го гледаме светот преку нејзините очи, слушаме преку нејзините уши и чувствуваме преку нејзините емоции. Таа се обраќа на нејзината почината мајка која многу ѝ недостига. Низ нејзината перспектива мајка ѝ е се уште со неа (според индонезиските убедувања, предците остануваат дел од нашиот свет).
За мене беше важно публиката да го има истото знаење како Алима во нејзиното време (пред 75 години). И поради тоа што е жена и поради нејзината (ниска) положба, таа нема многу информации и моќ да биде дел од играта на моќ околу неа – како повеќето луѓе – таа мора да се носи со тоа. Но според нејзините способности таа се бори за слободата на нејзината земја, сопствената слобода и за иднината на нејзината ќерка, на нејзин начин. Иако не е типична „холивудска хероина“ таа според мое мислење сепак е хероина. Во оваа приказна се фокусирав на човечноста, не на политичката страна на моќните луѓе (од кои повеќето се мажи) кои со поставување на своите знамиња велат сега ова е мое и ќе ти кажам како да се однесуваш.
Алима е главниот женски лик во филмот, носител на приказната и акцијата. Како ја гледате неа и кои карактерни особини најмногу ги сакате кај неа?
Иако одговорив дел од ова во претходното прашање, убаво е да објаснам како ја создадов. Започна со мојата фасцинација кон овие жени кои беа срцето на секоја холандска фамилија во поранешната колонија Холандска Индонезија но беа скоро „заборавени“ во нашата историја. Првите приказни за бабуш, индонезиските дадилки ги слушнав од мајка ми, а потоа и од многумина други кои биле израсните од нивните бабуши. И сите тие зборуваа како за втора мајка, а некогаш и како за биолошка мајка.
Затоа почнав да барам слики и приказни за бабуш, изгледав повеќе од 500 филмови во националните и меѓународните архиви и интервјуирав неколку поранешни бабуши, нивните деца и внуци. И од сето ова излезе приказната за Алима.
Алима научила од својата мајка дека девојките имаат право да одат во училиште, да изберат маж со кои би биле, да сонуваат за својата иднина. Тоа и дава самодоверба да прави нејзини избори (да избега од договорен брак), да презема ризици (да оди со фамилија што не ја знае, во земја што не ја знае, каде зборуваат за јазик што не го знае и во клима која не ѝ е позната) и да сонува за независна иднина за нејзината земја и за неа и за нејзината ќерка.
Таа е храбра, интелигентна, сака да учи (учи да зборува и чита холандски за време на нејзиниот престој во Холандија), љубопитна е и добар набљудувач, таа е критичар но не осудува, има сопствено мислење врз основа на личното искуство и има силна врска со Јанје, малото дете кое го чува. Го чувствува како нејзин син и го знае подобро дури и од сопствената мајка. И ова ја носи во тешка ситуација, таа е лојална кон холандското дете и неговата фамилија, но е Индонезијка која сака да живее во слободна држава. Можеби тоа што најмногу го сакам кај неа е нејзината способност да го најде сопствениот пат помеѓу различни култури, различни владетели, различни идеи и сето тоа го прави достоинствено верувајќи му на внатрешниот компас.
Каква е моменталната ситуација во светската кинематографија во насока на родова еднаквост? Дали некогаш сте се почувствувале дискриминирано?
Бев избрана за филмската програма „Европа!Гласот на жените“ која беше презентирана на филмскиот фестивал во Сиднеј и имавме состаноци на Zoom со останатите жени режисерски и EWA (Европската женска аудиовизуелна мрежа) и тоа ме направи многу посвесна за фактот дека сè уште не е 50/50, но се зголемува свеста помеѓу фондовите за филмови и филмските фестивали.
Еве еден пример за „дискриминација“. Во една рецензија од „бел маж“ во високо рангиран весник тој не реагираше на филмот (и на изборите) што ги направив, туку ме обвини дека не сум направила филм што тој сакал да го гледа, односно политички филм со моменталната политичка „коректност“. Низ целата рецензија се чувствуваше тонот на маж кој познава сè подобро и ја искористи својата рецензија за да го покаже своето знаење и да го докаже недостатокот на знаење кај мене. Рецензијата беше завршена со зборовите, дека изборот на мојата (женска) перспектива го прави филмот „храбра инцијатива“. Дали е ова дискриминација или само машка ароганција? Според мене женската перспектива на „Ме викаат Бабу“ не е храбра иницијатива туку „потребен додаток на нашата историја“, од која поголемиот дел е напишана од и за белите мажи.
Која е пораката на „Ме викаат Бабу“?
Не сум баш по пораките, се обидов да направам филм каде публиката ќе има свои прашања, свои заклучоци, свои чувства. Можеби пораката е дека нема една порака, нема една реалност и треба да ја прифатиме таа различност.
Како глобалната пандемија со Ковид-19 влијаеше на вас лично, приватно и професионално?
Не сакам да бидам груба, но малку сум веќе „ковид-изморена“ што значи дека не знам што би додала што не е веќе кажано од некој друг… Освен медицинското, емотивното и економското влијание во светот, секако дека сум загрижена и за влијанието врз „културата“ но исто така имам силна верба во креативноста на креативните луѓе, како што е бумот на дигиталните фестивали насекаде низ светот.