Васко Костовски, Ангела Стојановска и Христијан Поп-Симонов, основачи на „Флуктус“ (здружението кое работи на „Самоглас“) за платформата за аудио книги на македонски јазик, велат дека кога завршиле факултет сакале да создаваат содржина која би имала културна и општествена вредност. За аудио книгите на „Самоглас“ и за начинот на кој се користи платформата поразговаравме со тројцата основачи.
„Идејата се појави некаде по нашето дипломирање на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје, откако поминавме еден период работејќи на независна продукција на мултимедијални проекти. Сакавме да продолжиме активно да учествуваме во креирање на содржина која позитивно би влијаела на културата во општеството, и од тука се роди идејата за создавањето на аудио книги, која се понуди како најплодниот спој помеѓу нашите вештини како професиoнални актери и потребите на средината. Следеше период на задлабочување во тематиката и истражување за тоа како се одвива процесот на создавање на едно аудио дело; дали некој се занимава со ова кај нас; во глобала – дали целиот потфат е возможен како реализација. Тука од неизмерна помош се најде Мартин Тасевски, програмерот кој стои зад структурата на платформата кому му ги објаснивме нашите идеи за како би сакале да изгледа и функционира платформата и тој целосно ги пресретна и надмина нашите очекувања со изготвувањето на „Самоглас“. Во „етер“ се пуштивме во јануари 2020, и никој не можеше да нè подготви за позитивниот одзив кој го добивме од публиката која, по сè изгледа, била долго време жедна за ваков тип на содржина да се појави и кај нас“, вели Христијан.
Платформата во моментов брои 32 книги кои се достапни за преслушување. Пристапот до нив е преедноставен, се отвара страната www.samoglas.mk, каде што ќе ве пречека прозорец во кој се внесуваат основните информации за вашиот профил – назив на корисникот, меил, датум на раѓање и лозинка – и по кратката регистрација веќе се влегува во „аудиотеката“ каде што се поставени делата. Овој месец дечките се на годишен одмор, ама од септември повторно се враќаат со нова аудио книга секоја среда.
„Јадрото на „Самоглас“ сме јас – Васко Костовски, Ангела Стојановска и Христијан Поп-Симонов. Ние сме одговорни за селекцијата на материјалот за читање, подготовките за интерпретација, снимањето, монтирањето и пост-продукцијата. „Зад кулисите“ на платформата будно ги следи Мартин Тасевски кој се грижи работите да се одвиваат непречено, а презентацијата на платформата, книгите и присуството на социјалните мрежи е под раководство на нашиот драг Петар Антевски“, вели Васко.
За придобивките основачите велат, дека освен за слепите и лица со оштетен вид, аудио книгите се од корист и за лицата со дислексија (состојба каде што доаѓа до потешкотии во читањето и меморирањето на зборовите). Аудио книгите, општо земено го подобруваат говорот, памтењето и концентрацијата на сите лица. Во денешно време, кога сите сме презафатени, овозможуваат паралелно да работиме и на други активности дoдека ги слушаме. За најмладите, тие се едно интересно и возбудливо искуство кое директно влијае на имагинацијата во раниот детски развој.
„Малиот принц“ е една од најслушаните книги, а според нивно истражување, спроведено на почетоците на „Самоглас“, дошле до информациите дека 80 проценти од средношколците во нашата земја имаат потреба од платформа за аудио книги. Се разбира, најголем интерес имаат за лектирите кои се обработуваат во рамки на предметот македонски јазик и литература.
„Пред кратко време го затворивме конкурсот „Слушни ја својата книга“, каде македонските автори имаа шанса да ги приложат своите дела за од нив да се изработат аудио формати. Добивме 95 книги, а до крајот на идниот месец комисијата треба да избере четири книги кои ние ќе ги обработиме и поставиме на „Самоглас“ во декември, со тоа промовирајќи ја мобилната апликација на која многу и се радуваме. Како организација номинирани сме за Награда за младинско учество за нашата работа со „Самоглас“, гласањето трае до 1 септември и се одвива на следниов линк. Започнавме со работа на проект со Холандската амбасада, а од септември нè очекува отворање на уште еден конкурс наменет за средношколците од Скопје. Се надеваме дека 2021 ќе биде исполнета со помалку живото-загрозувачки предизвици, и дека ќе ни дозволи да го развиеме комерцијалниот модел на „Самоглас“, што пак ќе ни овозможи да обработуваме поголем број актуелни книги од поголем број на автори и да инволвираме поголем број на колеги“, вели Ангела.