Сања Спасовска е дел од репрезентацијата на Македонија во сноубординг и бележи одлични резултати на домашните и на меѓународните трки. Последно, Спасовска настапи на патеките на Скуол, Швајцарија, натпреварување во рамките на Светскиот куп. Го освои 24-тото место, со време од 1:52.02 минута и доби 70 ФИС поени.
Имате големи успеси во сноубордингот, државен првак сте и се натпреварувате и на познати европски и светски зимски терени. Кој е најголемиот предизвик во сноубордингот и какво е чувството пред почнување на трката?
Имав огромна среќа и можност да станам дел од сноуборд репрезентација на РМ и со тоа да добијам шанса да учествувам на големи натпревари во светски рамки. Чувството е неискажливо и истовремено е прекрасно и возбудливо со доза на стрес, затоа што секогаш сакам да постигнам подобар резултат од претходниот. Предизвици има многу со оглед на тоа што сноубордингот е сезонски спорт и во голема мера зависи од временските услови во зимската сезона, па знаеме да се соочиме со големи проблеми, како недостаток на снег, топла зима и недоволно денови и несоодветни услови за тренинг пред почетокот на трките. Сепак, се обидуваме да го извадиме максимумот од дадените услови и да се приспособиме на нив.
Како почна вашата приказна со сноубордингот, дали отсекогаш ве интересираа зимските спортови?
Благодарение на моите родители, кои постојано нè носеа мене и брат ми на скијање уште од мали на планината Бистра во Маврово, каде што пораснав и минував голем дел од времето на терените и низ планините, па изгледа уште од мала уживањето на снег ми вродило чувство на неизмерна љубов и страст кон скијањето. Почнав на три-четири години со скијање, па потоа се префрлив на сноуборд и од првиот момент, па сè до ден-денес го имам истото чувство на среќа кога ќе застанам на штицата.
Каде најмногу сакате да бордате кога не се натпреварувате, какви терени и патеки ви се омилени?
Мислам дека немам една омилена дестинација, има многу прекрасни места и ски-центри, па тешко е да изберам еден, без разлика каде сум сè додека сум на планина со штица под нозете ми е доволно за уживање. А кога одам рекреативно сакам да уживам на лесни и долги патеки заедно со друштво и засекогаш омилениот дел од сноубордингот – возење во длабок снег по неистапкани патеки.
Какви резултати имате досега постигнато и која ви е најголемата цел што сакате да ја постигнете?
Оваа сезона успеав да остварам извонредни резултати на трките во рангот на Светскиот куп, што ми беше една од главните цели, да се пласирам во топ 30 во светот, односно бев 24-та на Светскиот куп во Скуол, Швајцарија, што е и воедно најдобриот резултат досега од кој било македонски натпреварувач. По овој резултат целта е да се одржи темпото на добри резултати и да обезбедам доволно поени за олимписка норма. Секогаш се стремам да остварам подобар резултат од претходниот и, пред сè, да се натпреварувам самата со себе, како најголема конкуренција, да бидам подобра на секоја трка.
Имаме прекрасни предели и планини каде што можат да се направат одлични тренинг-патеки и оттаму да почне развојот на нови таленти. Влогот на државата речиси и да не постои во развојот на зимските спортови, оставено е на нас самите да се снаоѓаме и да најдеме начини како да успееме во оваа приказна.
Во едно интервју кажувате дека би сакале да бидете дел од ЗОИ во 2026 година во Кортина. Какви квалификации се потребни и како се подготвувате за да обезбедите доволно поени за ЗОИ?
Да, Олимпијадата е сон на секој спортист, најголемото спортско достигнување е учеството на Олимписките игри, а уште поголем успех е и да се вратиме со медал, што е навистина сериозен предизвик. Иако имам доволно време да се посветам и да се подготвам за следната Олимпијада во Кортина во 2026 година, морам да дадам сè од себе и конечно по првпат да имаме претставник во сноуборд дисциплина. Квалификацискиот процес во сноуборд се сочинува од двојна норма, односно пласман во топ 30 на Светскиот куп и сто поени во изминатата сезона, со тоа се остварува А-олимписка норма. Успеав да се пласирам во топ 30, што значи дека сум на половина пат до остварување на нормата, ми останува да ги заработам остатокот од поените што ми недостигаат. Подготовките се исти како и секогаш, напорни тренинзи и фокус на колку што е можно подобри резултати што носат поголем број поени.
Каков е интересот кај нас за зимските спортови, со оглед на тоа што сме планинска земја и какви се условите? Според вас, колку се вложува или треба да се вложува во скијањето или во сноубордингот?
Интерес има сè повеќе, што е навистина убаво да се види, но за жал условите и поддршката се на незавидно ниво. Имаме прекрасни предели и планини каде што можат да се направат одлични тренинг-патеки и оттаму да почне развојот на нови таленти. Влогот на државата речиси и да не постои во развојот на зимските спортови, оставено е на нас самите спортисти да се снаоѓаме и да најдеме начини како да успееме во оваа приказна. За секој спорт да биде на високо ниво потребно е постојано вложување и максимално посветување од страна на институциите, без основни услови е навистина тешко да се направи значителен успех. Моменталната ситуација е таква каква што е, јас лично го правам ова од љубов кон сноубордингот и за промоција на спортот кај помладите генерации.
Фотографија: Миха Матавз
Кој дел од сноубордингот ви е највозбудлив, кога сте најсреќна?
Секој изминат ден на планина ме прави среќна и исполнета, а по напорните тренинзи, трки и патувања омилен дел ми е фрирајдот, кога се пуштам слободно по неистражени падини далеку од метежот и жичарниците. Кај нас има огромен терен за истражување и неискажливо е чувството кога се пушташ некаде по првпат каде што никој не скијал претходно. Имаме среќа што имаме навистина прекрасни планини низ целата земја. Уживам на секоја планина, без разлика каде сум, особено задоволство ми е и кога сум со друштвото и најблиските на рекреативно скијање без обврски и притисоци, само уживање.
На што сте фокусирана моментално, како наоѓате елан и поттик за тренинзи, а што ве опушта и ве полни со енергија?
Љубовта и поддршката од најблиските е апсолутно најголемиот поттик и мотивација да се продолжи понатаму и да се остваруваат нови успеси и резултати. Секој мој успех е еднакво и нивен, иако е индивидуален спорт, сепак луѓето кои стојат зад мене се заслужни за сè што сум постигнала. Ретко кога наоѓам време за одмор во текот на сезоната, затоа што темпото е турбо, но знам да се опуштам и да се ресетирам со еден мирен бавен ден поминат со луѓето кои ги сакам, можеби со чаша вино и добра храна, да гледам филм или серија и да се одморам за предизвиците што следуваат.