Како дел од соработката со East Gate Mall ви го претставуваме Сали Ертунч (@ertuncsali) уметникот кој заедно со уште тројца млади артисти беше дел од проектот и направи илустрација во свој стил за тоа како го гледа новиот грандиозен трговски центар.
Со младиот креативец поразговаравме за неговата уметност, начинот на кој ги создава делата, но и за Скопје и за тоа што му значи главниот град.
Што претставува за вас цртањето и како изгледаа почетоците за вашите први дела?
Прва моја најтешка задача за цртање беше портокал. Тогаш разбрав дека само круг и портокалова боја не се доволни за претставување на еден портокал. Се нафурав и почнав да цртам карактери од цртани филмови. Сакав да бидам добар и се уште на тоа работам.
Од каде црпите инспирација за делата и кое дело досега ви претставувало особен предизвик?
Античките приказни и панк музиката.
Секое дело ми е посебен предизвик. Белата површина ми е непријателот, па морам да ја разиграм со бои и потоа почнува мисловниот процес. Лошото тука, е тоа што меѓу креативните мисли се наоѓа една негативна мисла што тивко шепоти „Ќе ја заебеш!“. Време е да го тргнеш платното на страна и преминуваш на друго платно. По извесно време се враќаш на првото платно и така натаму. Предизвикот ми е со себе, а платното е доказот на тоа.
Имавте и изложба пред извесно време, каков беше одзивот на публиката, какви критики добивте?
Благодарение на МКЦ, последното мое соло искачање пред публиката беше со изложбата „25-тата слика- Неслушнатото, невиденото и незбореното“ на која што правев некоја паралела за маркетиншка манипулација на масите со секојдневието на еден човек. Рекламите се наше секојдневие. Во еден документарен филм за социјалните мрежи со една реченица успеаа да го сумираат нашето секојдневие.„If the product is free, then you are the product “. Таа реченица ме натера да навлагам пофилозофски, а исто и сатирично, на темава. Посетителите беа доволно изненадени од делата. Можеби им ги пробив очекувањата или успеав да им ја покажам другата перспектива, имаа позитивни критики. Некои дела беа ѕвездите на изложбата.
Од друга страна да се биде дел од групна изложба е тешка задача. Меѓу сите уметници ќе треба да сјајеш со делото. Повеќе сум за самостојна изложба. Барем луѓето не те прашуваат „Кое дело е твое?“ Дечки! Тоа го прашувате од учтивост, а не поради интерес. Се гледа! Покажи интерес, шетај ја групната изложба и прочитај ги легендите од страна. Дојди ми после на муабет.
Како ја дефинирате вашата уметност и што значи живеењето во Скопје за вас?
Ќе ги издвојам следните правци: експресионизам, Дадаизам, неоекспресионизам и графити уметноста. Заедничкото во сите овие правци е човекот во емоционалниот и реалниот свет. Јас шетам измеѓу овие правци. Додади го и панкот во комбинација. Име: Панк-Арт.
Скопје за мене е велосипед и природа. Не го сакам градов, а тешко се одвојувам од него.
Што претставува за вас Ист Гејт Мол и која содржина од трговскиот центар најмногу ви се допаѓа?
Претходно ништо, а сега нешто. Екс сајмиште го памтам и сентишарски ми се чувствата, но сегашниот изглед покажува прогрес и нуди квалитетен контент. Со големината дефинитивно не само на Скопје, туку е трговски центар на цела Македонија.