Деканка на Филмската академија, Катедра за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“
Рисима Рисимкин е вистинска инспирација за тоа како танцовата сцена во Македонија може да биде успешна, да донесе свежина и новитети и да ја пласира земјата во светот. Со основањето на „Скопје танцов театар“ и „Танц фест“ како многу влијателен и особено важен фестивал на танцот за голем број танчари кај нас, таа со години образува и работи со светски познати кореографи за нејзините ученици, но и публиката да добие поинакво искуство од танцовата сцена кај нас.
Многу години сте посветена на танцовата уметност, „Скопје танцовиот театар“ и „Танц фест“, што постојат веќе 19 години, дадоа навистина голем придонес кон развојот на танцовата сцена во Македонија со многу освоени награди, меѓународни гостувања и признанија. Каков предизвик беше да се стигне на ова ниво, да се работи со познати светски кореографи, да се образуваат и да се создадат толку успешни танчари од вашата школа?
Па, тоа е мојот животен предизвик. 😊 Некако, низ годините, моите идеи се преточија во реалност. Работите одеа тешко, но се движеа и во еден момент тоа движење стана незапирливо. И сè уште трае. Се радувам на успесите на студентите, се одушевувам на оние што имаат природна љубопитност, кои не се плашат од предизвици, кои се спремни да одат понатаму. Им помагам, ги обликувам, не само низ практичната работа, повеќе низ искуствата што им ги создавам и секогаш, без исклучок, се радувам на секој нивен успех.
И самата сте балерина и кореографка, дали има некој момент или пресврт во кариерата што особено го паметите и ве поттикнал на позитивни промени и на личен и на професионален план?
Да речеме дека едно (далечно) одбивање за соработка ме поттикна да се изборам самата. Еден момент на нечија потреба да не стигнам таму каде што посакував, ме однесе над сите очекувања, подалеку од што бев спремна да размислувам во тој момент. Што би се рекло, не се знае која неволја каде ќе те исфрли. Само треба да веруваш во себе и во тоа што го правиш. Некогаш изгледа невозможно и многу неостварливо, но всушност, секој сон може да стане јаве, доколку работите на тоа, вредно, искрено и го користите талентот.
Накит од сребро 925, обложен со 18К жолто злато – Ti Sentо Часовник – Breitling Navitimer
Која е главната карактерна особина што ја пренесувате од генерација на генерација во вашето семејство и за која сте сигурна дека има безвременска вредност?
Креативноста. Да не останеш само приземен, да сонуваш, да истражуваш и да отвораш секогаш и повторно нови хоризонти. Мислам дека откривањето на можностите е најинстинктивната и највозбудливата цел на секое човечко битие. Одењето зад ридот, надвор од доменот на познатото. Тоа е бесценето, да имаш храброст да се соочиш со сите предизвици и да не се плашиш да ја отвориш вратата зад која не знаеш што те чека. Притоа, да не се изгубиш себеси, интегритетот што го носиш и секогаш да си љубопитен.
Имате пет секунди да ја раскажете својата животна приказна. Како ќе звучи таа во својата најкратка форма?
Уживав во секој момент, и во доброто и во помалку доброто. Дишев и дишам со полн капацитет.
Накит од розово злато, оникс и дијаманти – Damiani D.Side
Часовник – Breitling Navitimer
Омилен момент од животот кога сфативте дека времето е релативно?
Децата. Времето што го поминував и го поминувам со нив ми покажува дека ништо не е важно околу, сè е релативно, па и времето. Важно е да си тука, сега, и да сте заедно во најубавите моменти.
Според вас, која е разликата од тоа кога времето го броите во секунди и минути и кога го броите во моменти?
Сега, времето го бројам само во моменти. Тие се непроценливи, убави. Моментите го прават вашиот живот исполнет. Со љубов, со пријателство, со креативност. Секундите се миг и кога ги броиме, нешто сакаме да смениме. Моментите се вечни.
Часовник – Breitling Navitimer
Паричник – Montblanc
Стилистка: Бојана Максимовска
Локација: УГД Катедра за современ танц, Дом на АРМ