Моника Бошковска е звучно име од македонскиот бизнис-сектор, маркетинг-директор на една од најреномираните компании за пневматици и зад себе има големо искуство и организациски способности. Од неодамна таа прифати уште еден предизвик, да биде на чело на Специјалната олимпијада на РСМ, со силна желба за поголема видливост, искоренување на дискриминацијата и обезбедување на сигурни, навремени и постојани парични средства за развојот на сите нивни членови.
Специјалната олимпијада е организација што со години работи на остварување на својата мисија, а тоа е да овозможи спортски натпревари и тренинзи, во различни спортови, за деца и возрасни со интелектуална попреченост. Што значи за вас да сте претседателка на ваква важна организација?
Специјалната олимпијада е граѓанска организација што во Македонија е присутна повеќе од 20 години. Една од главните цели е преку спортот да поттикне поголема општествена свесност, рамноправност и инклузија на атлетите со ментална попреченост, односно да помогне во отстранувањето на системските бариери за оваа категорија на атлети со цел тие да се почувствуваат како еднаков дел од нашето општество во секој смисла. Целта на оваа организација, за мене, како претседател, претставува огромна одговорност, пред сè, пред атлетите, како и пред нивните родители, кои се основачи на организацијата Специјална олимпијада. Мојата заложба за време на мандатот ќе биде поттикнувањето на национална свест за атлетите на Специјалната олимпијада и предизвиците со кои се соочуваат, претставување на Македонија на меѓународните натпревари и олимпијади и влегување во националната програма за буџетирање на спортови и спортски федерации на РСМ.
Специјалната олимпијада функционира по лиценца на Меѓународната специјална олимпијада. Кои се вашите цели и стремежи кон кои се стремите како организација?
Ние, како организација, сме дел од едно поголемо семејство, Меѓународната специјална олимпијада, со која сме тесно поврзани и работиме на заеднички проекти, како меѓународно, така и со локална импликација. Еден од најважните актуелни проекти е проектот на инклузивност во училиштата во РМ (основните и средните), проект за кој веќе сме во комуникација и со Министерството за образование и наука и Агенцијата за млади и спорт, од кои добиваме огромна поддршка. Наша цел е обука и фасилитирање на наставниците по физичко образование за работа со лицата со ментална попреченост. Докажано е дека во земји каде што веќе е воведена целосна инклузивност во училиштата, како во Романија, на пример, квалитетот на животот на другите деца е подобар, покажуваат поголема емпатија и, генерално, семејствата на тие деца се посреќни визави претходно.
Ние, како спортска организација, имаме доволно кадри (обучени волонтери, дефектолози и помагатели) и волја за овој проект, во моментов се очекува одобрување на финансиски средства како техничка поддршка од Министерството за образование и наука, како и од Агенцијата за млади и спорт, за почнување со проектот во 2024 година.
Неодамна нашите атлети од учествуваа на Специјалните олимписки игри во Берлин. Какви се вашите импресии и какви резултатите постигнавте?
Учеството на Специјалните олимписки игри покажа дека имаме големи капацитети. Другите атлети исто така имаа одлични резултати и демонстрираа неверојатен спортски дух. Докажавме дека можеме да се носиме и со најголемите светски сили, да победуваме и да освојуваме медали на светската сцена. Задоволни сме дека достојно ја презентиравме македонската држава, а горди дека дури петпати нашето државно знаме се вееше на пиедесталот во Берлин – успех што не се случува ниту секој ден, ниту во некоја друга натпреварувачка категорија. Од настапите во пет дисциплини: кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг, македонските репрезентативци освоија вкупно пет медали, и тоа: Марио Мицковски, пливање, категорија 100 метри слободен стил, бронзен медал; Јане Никодиновски, бадминтон, бронзен медал; Јулијана Петровска, атлетика, категорија скок во далечина од место, сребрен медал; Стефан Трпковски, пливање, категорија 100 метри грбно, сребрен медал; и Агрон Хајредини, атлетика, категорија скок во далечина од место, златен медал.
За мене, секој член, претставник од нашата Специјална олимпијада – Македонија е победник. Заедно покажавме како со посветеност, вложен труд и многу работа резултатите се загарантирани. Освоивме пет медали, но уште поважно – ги освоивме и срцата на присутните во Берлин, а верувам и во Македонија. Навистина се гордееме со сите наши атлети, партнери, помагатели и директни учесници во овие Специјални олимписки игри. Честитки и до тренерите кои во секој миг беа до нашите атлети, поддржувајќи ги неуморно.
Лицата со попреченост честопати, во различни слоеви на општеството, се изложени на дискриминација. На кој начин треба да се подигне свеста за оваа маргинализирана група?
Единствена алатка со која располагаме е токму спортот, бидејќи таа како целина ги обединува и ги поттикнува атлетите да го дадат најдоброто од себе на терените. Преку неа, единствено и со помош на институциите (образовни и спортски) можеме да ја зголемиме свесноста за системската дискриминација на нашите членови-атлети. Спортските арени нека бидат место за заедничко дружење, без конкуренција, прифаќање на сите атлети како различни а сепак исти, и работите ќе се менуваат на подобро.
На атлетите од Специјалната олимпијада често им е потребна шанса да ги истражат и да ги покажат своите потенцијали за да пронајдат свое место во општеството. Како вие, како организација, го поттикнувате нивниот развој?
Со тоа што се грижиме да добијат еднаков третман како атлети, нудиме повеќе дисциплини, да тренираат спорт што ги интересира, во кој можат да се натпреваруваат, а најмногу социјално да бидат поприфатени од другите луѓе и да се дружат со нив, со цел стигмата или стравот кај другите да се намали, за да можат нашите членови да го дадат својот максимум. Освен еднаквоста, и независноста е исто нешто што секој од нив сака да го почувствува.
Кои активности ќе се преземат за имплементација на годишната оперативна програма на Специјалната олимпијада?
Нашите досегашни достигнувања и медали на претходните олимпијади се доказ за посветеноста на тимот на Специјалната олимпијада и нашето вложување во атлетите. Тоа мора непречено да продолжи и да се зголеми и бројот на дисциплините што ги нудиме, како и бројот на атлетите што се натпреваруваат. Нам ни требаат нови млади членови-атлети, кои ќе тренираат посветено. За тоа се потребни и финансиски средства со кои би се испорачале спортска опрема и обувки, како справи за вежбање за атлетите, и само доколку влеземе во националната стратегија и буџетот на РМ тоа е достижно и верно, сè друго би било импровизација и како досега врзување крај со крај. Да не заборавиме дека ова е за нашите најранливи, а на светските специјални олимпијади едни од најуспешните.
Сепак, ние ја претставувавме нaшата татковина во Берлин,како и на сите идни натпреварувања нашето македонско знаме се вее секогаш на чело на делегацијата.
Марио Мицковски, пливач, Специјална олимпијада на Македонија
Марио Мицковски е еден од најдобрите македонски пливачи, кој годинава ќе ја претставува нашата земја на Летните олимписки игри во Берлин. Неговата љубов кон пливањето е многу голема, а успесите и наградите се доказ за неговата посветеност и истрајност.
Вие сте пливач, наш претставник на меѓународни натпреварувања и освојувач на голем број медали и признанија. Колку време тренирате и кога се роди љубовта кон пливањето?
Тренирам веќе 11 години и досега имам учествувано на две летни олимписки игри на Специјалната олимпијада. Љубовта кон пливањето се роди веднаш кога ја почувствував водата во малиот базен.
Недоамна бевте дел од Летните олимписки игри во Берлин, на која ги браневте боите на нашата земја. Што значи да сте дел од вакви големи натпреварувања и како се подготвувате?
Многу сум среќен и горд што пливав за Македонија. Јас освоив бронзен медал, а и се вративме со многу медали и добар успех.
Дел сте од Специјалната олимпијада на Македонија неколку години и заедно со другите спортисти имате голем број активности. Како сте задоволен од атмосферата и од односите помеѓу вас спортистите и тренерите кои ве подготвуваат?
Најмногу се дружам со пливачите, но среќен сум и сакам кога се дружиме и со другите спортисти од Специјалната олимпијада, на пример на фудбалска недела, кошаркарска недела или на некоја забава. Тренерот Игор е многу добар со мене и ми покажува како подобро да пливам.