Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутиереш на прес конференција вчера изјави дека научниците потврдиле дека јули е најтоплиот месец во светски рамки досега.
„Ерата на глобално затоплување заврши, а почна ерата на глобално вриење. Климатската промена е присутна и е застрашувачка. И ова е само почетокот. Сè уште е можно да се лимитира глобалната температура на 1.5 степени ( над пред-индустриските граници) и да се избегне најлошото од климатските промени. Но е потребна драматична и непосредна акција“, рече Гутиереш.
Коментарите на генералниот секретар доаѓаат откако научниците потврдија вчера дека изминатите три недели се досега најтопли откако почнало мерењето, а месец јули е на пат да стане најтоплиот месец некогаш забележан.
„Човештвото е во жешкото седиште. За поголемите делови од Северна Америка, Азија, Африка и Европа ова е сурово лето. За целата планета е катастрофа, а за научниците е неспорно дека луѓето се виновни. Ова е тотално конзистентно со предвидувањата и повторувачките предупредувања. Единственото изненадување е брзината на промената“, изјави Гутиереш.
Тој итно ги повикува политичарите да преземат акција.
„Воздухот е загаден, не се диши, топлината е неподнослива, а нивото на профитите од фосилните горива и непреземањето акција се недозволиви. Лидерите мора да водат, без колебливост, без изговори, без чекање некој да почне прв. Едноставно веќе нема време за тоа“, кажа генералниот секретар.