Тетовирањето е уметност што бара посебен вид креативност, подготвеност и услови за работа. Како изгледа секојдневието на еден тату-артист, поразговаравме со Слободан Ристовски, кој многу години е дел од македонската тату-сцена.
Како станавте тату-артист, како изгледаа почетоците и како се развивавте низ годините, како учевте?
Мојата љубов кон тетовирањето почна години пред да почнам да тетовирам. Сакав да ја истражувам цела тату-сцена и естетиката, од документарци, книги, преку интервјуа и статии. Така и го пронајдов традиционалниот стил на тетоважи и почнав да се тетовирам кај различни тату-мајстори од кај нас и од странство, кои ме инспирираа и ме мотивираа да почнам и самиот да цртам дизајни за тетоважи, што постепено учев и како да ги префрлам на кожата. Тетовирањето, како и секој друг занает, е процес на постојано учење и надградување, а токму во тоа е и убавината.
Која е првата тетоважа што ја истетовиравте на себе, а која на клиент?
Првата тетоважа ја направив на себе, обид за традиционална змија, а прва на клиент беше сладолед на другарка. Не изгледаа баш најдобро, но тоа е дел од учењето, затоа и секогаш е најдобро да се вежба на себе и на блиски луѓе.
Како ги добивате идеите за тетоважи и како ги осмислувате цртежите пред да ги истетовирате? Од каде наоѓате инспирација?
Тетовирам или дизајни нацртани на мој начин по насока на клиентите или веќе готови мои дизајни, флешови, кои се инспирирани од класични дизајни на тетоважи, македонски фолк-орнаменти, религиски мотиви, музика, филмови…
Вашиот фокус се традиционални тетоважи. Дали имате омилена тетоважа?
Тоа што ме привлече кон традиционалните тетоважи е нивната безвременост и немањето граница што сè може да се изведе во тој стил. Затоа и не би можел да издвојам омилен мотив. Од една страна, уживам да цртам своевиден омаж на едноставни класики, како рози, пеперутки, черепи, ножеви, животни, но исто така и апстрактни и комплексни тетоважи што соодветствуваат на сензибилитетот на личноста која ќе ги носи.
Како сметате дека се развива тату-уметноста кај нас? Дали се вреднува и почитува како уметност?
Интересот за тетовирањето кај нас постојано расте. Особено ме радува што има млади тетовирачи кои се креативни, носат нешто ново и свое и работат на усовршување на занаетот.
Колку луѓето денес се поотворени за тетовирање во однос на минатото и како гледаат на тетовирањето?
Тетоважите се сè поприсутни насекаде, па затоа и луѓето се многу поотворени и поедуцирани од порано за тоа како ги доживуваат кога ги гледаат отстрана и за тоа што сакаат да имаат на сопствените тела.
Какви совети им давате на вашите клиенти во однос на прво тетовирање, болка за време на тетовирањето и нега?
Клиентите секогаш ги советувам да бидат наспани, одморени, најадени, да не бидат исплашени, но и да не бидат преопуштени, за да не бидат изненадени од болката. За нега препорачувам свежата тетоважа да биде чиста, редовно да се мие и да се мачка, да не се изложува на сонце, да не се чеша…
Што сметате дека е потребно за еден тату-уметник да се развива во нашата земја и дали следите други тату-уметници од други земји?
Потребна е трпеливост, посветеност, скромност, волја за учење од поискусните, создавање на сопствени дизајни и, секако, напорна работа. Следам артисти од секаде, кои ме инспирираат, а некои од нив сум имал и чест да ме тетовираат, па на тој начин и да научам нешто плус од нив.