Галичник Филм Фестивал во соработка со Делегацијата на Европската Унија Скопје организира ревијално прикажување на дел од наградените филмови.
Настанот ќе се одржи во петок, 20 август од 11:00 часот во Europe House Скопје, а бесплатно ќе можете да ги погледнете следните филмови:
– „Ана“ , Најдобар филм на Галичник Филм Фестивал, воедно номиниран и на Канскиот филмски фестивал во главната програма;
– „Заедничка градина“, Најдобра кинематографија на Галичник Филм Фестивал;
– „Кожа“, Најдобра режија на Галичник филм фестивал, воедно добитник на Оскар за краткометражен филм;
– „Само една смрт до љубовта“, Најдобар анимиран филм на Галичник Филм Фестивал;
– „Битка“, Најдобар документарен филм на Галичник Филм Фестивал, воедно номиниран на ИДФА.
– „Налепница“, добитник на Гранд при на Галичник Филм Фестивал, како и Најдобар актер доделена на Сашко Коцев за улогата на Дејан;
Дополнително од страна на жирито во состав Митко Панов, Игор Ангелов и Андреј Волкашин во рамките на фестивалот беа доделени и следните награди.
Номинираниот за Оскар, „Собата за писма“, доби награда за Најдобро сценарио, а „Ѕвезда што паѓа“ се закити со награда за Најдобра актерка за Маргарита Бушард во улогата на Клое. „Дора“ и „Бледиот светец“ се остварувања со Специјално Признание на Галичник Филм Фестивал.
Фестивалот годинава се одржа во соработка со Агенцијата за филм на Македонија и Делегацијата на Европската Унија Скопје.