Оценка: ★★★★☆ (4/5)
Во еден ден можат да се случат многу работи. Или можат да се случат малку работи. Но, во најмала рака, барем еднаш во денот сме соочени со некаква одлука. Одлука што, иако можеби не изгледа како важна, со помош на таа добро позната филмска граматика, добива магично овластување да се претвори во нов универзум што оперира според последиците од таа одлука. И тоа не се случува само еднаш. Што ако некаде, во целата пространост на галаксијата, постојат повеќе верзии од нас што живеат различен живот, бидејќи некогаш, во некој момент од нашето постоење, сме направиле различна одлука што се разгранила во целосно нови светови? Таму некаде далеку постои верзија од нас која знае кунг-фу; или е оперски пејач; или е вешт готвач; или е целосно анимирана; или можеби верзија во која, наместо прсти, на рацете имаме виршли. Оваа чудна појава, која е позната под името мултиверзум, сè повеќе е популарна во светот на филмовите. Режисерското дуо Даниел „Ден“ Кван и Даниел Шајнерт, познати како Даниелс, инспирирани од документарецот „Маршот на Шерман“, почнаа да ја истражуваат оваа алатка за раскажување приказни во 2010 година. Дванаесет години и многу промени подоцна, нивниот филм „Сè во исто време“ со неверојатна сила и самодоверба пристигна во нашиот универзум и ги размрда кино-благајните, што во последно време се преполни со суперхеројски филмови.
Навидум, приказната за овој филм звучи особено ограничена, но набргу станува јасно дека како филмски гледач, веднаш сте под контрола на режисери кои имаат бескомпромисна уметничка намера во своите достигнувања. Акционата малезиска суперѕвезда Миел Јео, која изјави дека ваква можност чекала целата своја кариера, ја игра улогата на Евелин Ванг. Заедно со својот сопруг Вејмонд (Ке Хуј Кван) водат перална како свој семеен бизнис, но се под опасност од ревизија и сериозни долгови. Во меѓувреме, строгиот татко на Евелин, Гонг Гонг (игран од легендарниот Џејмс Хонг) само што допатува од Кина, а нејзината ќерка, Џој (Стефани Хсу), се обидува да ја придобие Евелин, бидејќи таа тешко ја прифаќа нејзината девојка Беки (Тали Медел). Филмот почнува хаотично, нишајќи се низ овие семејни мини мелодрами, но режисерите чекор по чекор вклучуваат навестувања дека се случува нешто навистина чудно и во секој момент таа чудност ќе експлодира на екранот. Првото појавување на онаа искра што ќе ја лансира целата приказна во непознатото е моментот кога свеста и телото на Вејмонд ќе бидат преземени од Алфа Вејмонд, односно верзијата од Вејмонд во алфа-универзумот. Тој ќе ја постави целата приказна и набргу Евелин дознава дека таа е, всушност, најлошата од сите нејзини милиони верзии во мултиверзумот, но има неискористен потенцијал што може да биде насочен кон победување на големото зло кое се вика Јобу Тупаки.
Колку и да изгледаат комплицирано овие заплети, структурата со која режисерите скокаат од еден универзум во друг е монтирана со чувство, базирано не само на визуелна логика туку и на емоционална. Филмот како уметност работи одлично кога личните интереси на авторот се закопани во заплети и жанрови, толку многу што тие веќе стануваат непрепознатливи. На тој начин, публиката го прави филмот свој, бидејќи ќе излезе од киносалата со свое чувство за интерпретација, од кое сите ќе бидат точни. Ако стотина луѓе го гледаат филмот, тогаш тие гледаат сто различни филма. И има многу да се интерпретира зад значењето на овој филм. Иновациите сами по себе потврдуваат дека ова е дело за кое се размислувало долго време. Иако е визуелно извонреден и во одредени моменти, не само ликовите туку и филм скока од еден жанр во друг, сепак зад овие техники постои и филозофија. Режисерите внесуваат доза нихилизам преку негативецот Јобу Тупаки, која е всушност ќерката на Евелин, Џој. Таа ги доживува сите универзуми одеднаш и може да патува низ нив, но и да ги манипулира по своја волја. Откако долго време сте соочени со оваа моќ и бесконечност, тогаш во што е суштината и што е следно? На почетокот Јобу изгледа како класичен негативец, за која се мисли дека сака да го уништи мултиверзумот. Сета своја моќ, своите желби, сакања и… буквално сè (Everything) ги насочува кон креирање на црна дупка што зазема форма на ѓеврек. Овој ѓеврек има сила да го проголта целото постоење. Но, всушност, вистината е дека Јобу нема никаква намера да го уништи мултиверзумот и дека целата оваа мисија е да ја пронајде таа Евелин која има потенцијал да го спаси целиот свет, бидејќи таа во неа гледа пријател кој ќе ја разбере. На некој начин, тие ја делат истата моќ. Ако има друга личност која ќе нè разбере можеби ќе можеме да ѝ кажеме дека ако постојат бесконечен број универзуми исполнети со тотален хаос и непредвидливост, тогаш навистина ништо не е важно. Црната дупка или ѓеврекот служи како излез. Како еден вид на перманентен седатив што ќе ги уништи сите фстрадања на Јобу (Џој) и ќе го заврши траењето на бесконечноста. Евелин ќе ја разбере оваа перспектива, но исто така ќе научи дека треба да се бори за своето семејство. Треба да се бори за љубовта. Треба да се бори за себеси. Сè што е ново во врска со Џој, нејзиниот животен стил, само повеќе ја отуѓува од Евелин. Можноста да вратиме некој во нашиот живот е можност и да го прифатиме.
Не само што приказната е структурирана потсвесно да ги опипува овие теми туку и техниката преку која е визуализирана е една што може само филмот, како уметност, да ја оствари. Мултиверзумот има бесконечно многу можности и потенцијал, но се чини дека тој концепт на потенцијал може да се продолжи и на филмот и на самите нас. Можеби нашиот проблем се крие во некоја лоша одлука или можеби не, но универзумот си има своја траекторија и на некој начин секоја одлука е вистинската одлука. Во врска со филмот и уметноста и неговите можности и потенцијали, се наоѓаме во едно ново време, кое не само го смени кино-искуството туку полека воведува и нови синтаксички елементи што ќе откриеме дали ќе останат на долг рок. Или можеби веќе се… во некој друг универзум.