Со Ана Капсарова, која стои позади преубавите алки и ланчиња од „Нежно“ поразговаравме за тоа што сè е потребно да се изработи ваков накит, на прв поглед едноставен, но совршено уникатен да го дополни и одговара на секое парче облека.
Како се роди идејата за „Нежно“ и за името?
Идејата за „Нежно“ се роди пред една година кога сакав да поправам една алка што ја купив од две девојчиња што рачно изработуваа накит. Додека ја правев самиот процес ми стана многу интересен и медитативен, почнав да плетам најразлични плетки. По извесен период имав желба за поголема разновидност на бои и комбинации и така започна изработката на првите алки од монистри. Кога ги видов првите алки веднаш имав асоцијација за нив – НЕЖНО. Овој процес започна во летен период каде што преовладуваа нежни тонови на сино море, песок и зеленило кои беа огромна инспирација за името како и за самиот бренд.
Како ги изработувате алките и ланчињата и какви материјали се користат?
Главниот материјалот за изработка на алките и ланчињата се стаклени монистри со различни форми. Кај алките се појавува уште еден материјал, а тоа се завршните сребрени топчиња. Начинот на изработка на целиот накит е многу интересен и смирувачки. За неговата изработка, монистрите се везат со што може да се добијат еден, два, три или повеќе редови на монистри.
Од каде црпите инспирација?
Инспирација добивам од различни работи во секојдневието. Најчеста инспирација ми е природата поради неисцрпниот спектар на бои и комбинации на истите. Самиот избор на материјали ми е преголема инспирација. Многу често креирам и нови модели додека одбирам материјали поттикната од целиот тој избор на бои и форми. Исто така огромна инспирација ми е и облеката. Често знам да се заљубам во одредено парче облека и од него да произлезе нова идеја или пак идеја за нешто што би одговарало со истото.
Што ве поттикна со рачна изработка и колку сметате дека кај нас се вреднува овој тип на накит?
Отсекогаш ми била возбудлива тактилноста и сум сакала нешто рачно да изработувам. Уште како деца кога плетевме најразлични привезоци, а и подоцна на факултет кога изработувавме макети уживав во таа прецизност и рачна работа.
Сметам дека рачно изработениот накит поседува еден многу важен и интересн аспект на уникатност кој не може да се најде во масовното производство. Ниеден од рачно изработените производи нема да биде идентичен со останатите производи што за мене додава посебно значење на истите. Секој креативен момент на уметникот е различно имплементиран во различен момент и тоа е забележливо во неговиот краен продукт.
Иако забележувам сè поголем интерес за овој тип на накит сметам дека сè уште масовното производство на накит преовладува на овие простори. Мислам дека ваквата ситуација би можела да се променила доколку купувачите се позапознаени со целиот процес на изработка на накитот.
Со што најмногу се комбинира накитот од „Нежно“?
Идејата позади дизајнот на овој накит е спојот помеѓу едноставното и впечатливото. Впечатливоста доаѓа од самите монистри кои светкаат и се прелеваат на различна светлина, а едноставноста е задржана со користење на само еден материјал. Оваа едноставност овозможува версатилност и слобода на истиот да одговара на елегантни како и попуштени секојдневни моменти. Изборот на бои е секогаш нежен и комплементарен што ги прави алките лесни за комбинација меѓусебе како и со други парчиња накит. Она што сакам да го постигнам е кога ќе имате парче накит од „Нежно“ да имате накит кој може да го ставите и да е постојано на вас, да се вклопи во најопуштената дневна комбинација како уникатен елемент, како и во поелегантно издание каде истиот би го надополнил целиот изглед.
Кажете ни нешто повеќе за вас, како би се опишале, што најмногу ве радува, како се мотивирате?
Ме радуваат позитивни луѓе, ме радува зајдисонце, убава музика. Најчесто ме мотивира возбудата и сатисфакцијата да го завршам тоа што сум го почнала, да го видам крајниот продукт. Исто така огромна мотивација ми се екстремно посветени луѓе, ми даваат чувство како секогаш да можам да направам повеќе и подобро.