Во последно време кај мојот најмал син забележав многу лоша навика, која прилично ме вознемири. Во секоја ситуација во која ќе се најдеше со други деца или возрасни со кои требаше да подели нешто, не само што одбиваше да го направи тоа, туку и се вознемируваше и бунтуваше.
Тој има шест години, а сите фази на несподелување на играчки што успеав да ги најдам на нет, психолозите ги објаснуваа дека се случуваат околу третата година. Сознанието дека тоа можеби му е карактерна особина за мене беше неприфатливо. Кога почнав внимателно да ги набљудувам и неговите браќа сфатив дека и тие се многу слични на таа тема. Постојано имаше негодување, расправии, па и физички пресметки за било што требаше да се подели. Иако во сите self help текстови пишуваше дека ова се случува често во повеќедетни семејства, едноставно за мене ова беше многу поразителен факт. Кога пробував да најдам објаснување и се вртев кон себе, постојано наидував на фактот дека јас за себе сметам дека сум многу дарежлива личност и дека од кога паметам за себе, секаков вид на дарување, подарување премногу ме радува. Па така веднаш ја отфрлав можноста дека јас како родител за пример имам било каква вина во овие нивни постапки. Кога разговарав со блиски другарки на оваа тема, немаа забележано слични, чести однесувања кај своите деца, што само дополнително ја зголемуваше мојата загриженост.
Прво што ми падна на памет, беше казнување и последица на секое такво однесување. Земав телефон, не ги носев на активности што ги обожаваат, не пуштав да гледаат телевизија и слично. Не гледав буквално никакво подобрување, дури мислам дека и стануваа сè понервозни и помалку соработуваа за сè.
Еден ден додека бев оптеретена со пролетно средување и чистење, забележав дека имам навистина премногу непотребни детски работи и дека многу одамна не сум подарила на никого нешто. Прва опција која ми беше падна на памет за донирање беше СОС Детско село. Со нив сме соработувале и знам многу успешни приказни кои произлегле од таму, па затоа ми беше логичен избор. Кога видоа дека планирам да давам нивни работи, алишта, играчки веднаш имаше реакција, негодување и слично. Ме фаќаше лутина, што мојата постапка им беше чудна и неприфатлива, но од друга страна па никогаш не ме виделе да го правам тоа како дел од мојата месечна рутина. Тогаш ги седнав двата помали сина, им читав, им пуштав видеа од целиот концепт на донирање, им покажував како изгледа СОС Детско село и слични вакви, многу значајни организации. Нивниот интерес растеше и емпатијата почна да им се чита од лицата. Тогаш почнаа да ме прашуваат, но што кога ќе им се потрошат нашите играчки, што кога ќе ги скршат играчките или ќе ги им се смалат алиштата. Во моментот немав одговор но разгледувајќи го нивниот сајт ја видов опцијата „Донирајте посветено“, кога секој месец можеш да уплаќаш определен износ. Им ја објаснив оваа опција на моите деца и видов задоволство на нивните лица. Дали ќе можат да си купат нови патики, кога ќе им се смалат сегашните? – прашуваа. Тогаш заедно определивме износ кој ние како семејство секој месец ќе го уплаќаме, како наша месечна донација. Не ми се веруваше дека не сум го направила ова многу порано и дека моите деца до сега не беа ни запознаени со ова.
Тогаш ја сфатив поразителната вистина. Колку и да мислиш за себе дека си направил сè што можеш за определена работа, секогаш можеш повеќе . Децата најмногу учат од репететивни постапки на своите родители. Никогаш не сум вовела волку, важна општествено одговорна работа да биде дел од нашата семејна рутина. Никогаш не сум им обрнала внимание со пример дека не е доволно еднаш да направиш добар гест, да споделиш нешто со некого и да бараш било каква афирмација за тоа. Многу е поважно да си пример за околината, да знаеш дека нешто што за тебе е малку или симболично, за некого е многу! Зашто секое донирање, секое давање не е само правење добро дело, многу повеќе е правење разлика. Една од најубавите ја работи кај родителството е ако на време разбереш дека и ти постојано учиш од твоите деца. А јас и моите деца, научивме многу важна лекција, секое добро дело, кога го правиш еднаш е во ред, но кога станува твој ритуал е тоа веќе сосема ново ниво на среќа. Останете добро и не бегајте од среќата.