Оваа година списанието „АМСМ Клуб мобилити“ прославува значаен јубилеј, 15 години постоење и професионално работење. Содржините што ги опфаќа овој современ магазин се од исклучителна важност, зашто неуморно ја подигнуваат свеста за повисока сообраќајна култура, едукативно влијаат на помладите возачи и ги прават сите патувања побезбедни и посигурни. По повод овој јубилеј, поразговаравме со Маргита Поповска, главен и одговорен уредник на „АМСМ Клуб мобилити“.
Најпрвин, честитки за вашиот јубилеј, 15 години од постоење на „АМСМ Клуб Мобилити“. Какви беа почетоците на списанието, како дојдовте до идејата за создавање, имајќи предвид дека списанието е една од бенефициите на членските пакети наменети за АМСМ-членовите?
Маргита: Пред сè, ви благодарам на честитките. Да се прослават 15 години од постоење на печатен медиум е посебна гордост за секого и за секоја редакција. Да се создадат, обмислат, креираат и организираат 150 броја на едно списание е навистина обемна и тешка работа. Но, на крајот, претставува вистинско задоволство и чест да се биде негов главен и одговорен уредник, особено ако нашата заедничка дружба е уште од неговиот прв број.
Со осамостојувањето на нашата држава, а особено со остварувањето на полноправно и непосредно членување во меѓународните асоцијации, особено во ФИА, AMСМ претендира да се развие во модерен автомобилски и туринг-клуб во кој членовите ќе бидат постојано и навремено информирани со квалитетни и значајни информации врзани за нивното патување со автомобил, но и со услугите и поволностите што ги нудат членските пакети на АМСМ и АМСМ-системот воопшто.
Доближувањето на АМСМ до своите членови логично ја наметнуваше идејата за сопствено списание. Вистинскиот момент беше токму 2007 година, кога идејниот творец на списанието, генералниот секретар Димитар Миновски почна со реализирање на сопствената идеја во дело, па така го создаде уредувачкиот тим. Се создаде екипа и на надворешни соработници, докажани во својата фела, кои со задоволство прифатија да соработуваат и да пишуваат за „АМСМ Клуб Мобилити“.
Со вака подготвена екипа, набрзо, во јуни 2007 година го издадовме и првиот број на членското списание „АМСМ Клуб Мобилити“, на 48 страници со четири рубрики. Истата година, „АМСМ Клуб Мобилити“, на наше големо задоволство, стана рамноправен член на Европската алијанса на клупски списанија на ФИА (ЕКМА), чиишто заеднички стории и информации пристигнуваат до над 70 милиони читатели-членови, со што таа претставува најмоќна издавачка алијанса во Европа.
Сметате ли дека преку членувањето во оваа меѓународна организација списанието дополнително придонесува за популаризација на АМСМ и за негово поинтензивно претставување во Европа?
Маргита: Искрено се надевам дека е така, бидејќи добивме признание за квалитетот на списанието од експерти кои не се само членки на ЕКМА туку и пошироко, кои се инволвирани во оваа област, имајќи предвид дека „АМСМ Клуб Мобилити“ е списание со поширок интерес, во кое главен акцент е ставен на безбедноста во сообраќајот. Во канцелариите на Регија 1 за Европа, Блискиот Исток и Африка, меѓу другите списанија, се наоѓа и нашето списание. Ни беа упатени пофални зборови на восхит во врска со „АМСМ Клуб Мобилити“, истакнувајќи како еден мал клуб од југоисточна Европа може да издава членско списание со толку високи вредности.
Членското списание „АМСМ Клуб Мобилити“ ги следи сите актуелни теми од областа на сообраќајот и пошироко. Што всушност содржи списанието и за какви информации станува збор?
Маргита: Читателите на страниците на списанието непосредно можат да се запознаат со најновите модели од светот на автомобилизмот. Редовно ги следиме атрактивните настани во автомобилскиот спорт и речиси сите трки во Европа и пошироко. Објавуваме едукативни текстови посветени на безбедноста во сообраќајот, наменети особено за младата популација како најризична во однос на безбедноста. Со пишаниот збор се обидувавме да влијаеме едукативно, особено кај помладите возачи и да придонесеме во подигнувањето на сообраќајната култура на нашите патишта.
Посебен простор е обезбеден за сите што патуваат со автомобил низ земјите на Европа и светот. Пласираме информации од најразличен вид, како промените на цените на горивата, висината на патарината и промените во законската регулатива од областа на сообраќајот, кои ќе им помогнат на возачите подготвени да го почнат патувањето.
Во „АМСМ Клуб Мобилити“, меѓу другото, АМСМ-членовите имаат можност да прочитаат ексклузивни информации, како тестови за летни и за зимски гуми, тестови за детските седишта, тестови за безбедносни шлемови, информации за патување во странство. Ексклузивен пристап до овие информации и текстови АМСМ има благодарение на меѓународната соработка со другите авто-мото туринг-клубови, членки на ФИА. По пат на размена на информации од ваков тип, нашите членови во секое време располагаат со релевантни информации за безбедно патување. Токму ваквите ексклузивни информации ќе привлече „АМСМ Клуб Мобилити“ да го отворат и оние што не се членови на АМСМ.
Во издаваштвото, како и во сѐ друго, важно е да се знаат потребите и барањата, во овој случај на читателите. Како ги следите желбите и интересите на вашите членови во врска со содржините во списанието?
Маргита: Електронските медиуми, како електронското издание на „АМСМ Клуб Мобилити“ и интернет-страницата, даваат прецизни аналитики од аспект на интересите на читателите.
Следејќи го трендот, во последните години сè повеќе внимание посветуваме на содржината на интернет-страницата на „АМСМ Клуб Мобилити“. На неа, покрај содржините од печатените и електронските изданија на весникот, секојдневно се пласираат и други информации, текстови и новини. Накратко, интернет-страницата ни дозволува динамика на објавување што е невозможна кога станува збор за печатен медиум. Од друга страна, преку неа имаме увид во тоа што е од интерес за читателите и ни служи како правец за иден развој. На овој начин, корисниците имаат можност заедно со уредувачкиот тим да ја креираат содржината на списанието.
Како „АМСМ Клуб Мобилити“ го одбележа својот јубилеј и што посебно подготвивте во јубилејниот број за вашите членови?
Маргита: Редакцијата на „АМСМ Клуб Мобилити“, со своите внатрешни и надворешни соработници, ја создаваше неговата душа, неговиот начин на комуникација со членовите. Упорната и квалитетна работа на редакцијата се отсликуваат во списанието со секое ново издание. Одбележувањето на јубилејот беше ретка можност на едно место да се соберат оние што од почетокот се вклучени во проектот наречен „АМСМ Клуб Мобилити“ и по 15 години со ентузијазам да дискутираат за идните јубилеи што нè очекуваат.
Особено сме горди што успеавме јубилејното 150-то издание на „АМСМ Клуб Мобилити“ да го одбележавме и со редизајн на списанието и збогатена содржина, во наш препознатлив стил, што воедно беше и наш подарок за членовите на АМСМ.
Овие 15 години јубилеј се искуство за уште поуспешна иднина. Кои се вашите идни планови?
Маргита: Плановите и целите за иднина секогаш се големи, има уште многу да се направи, но тоа ќе биде наш предизвик. За нас ќе биде најважно и во претстојните години да ја оствариме основната цел на „АМСМ Клуб Мобилити“, со збогатени содржини да го задржиме вниманието на нашите членови, да бидеме доследен претставник на сите случувања во сферата на сообраќајот, но и да добиеме нови читатели од сите генерации, а со тоа и нови членови на АМСМ. Се надевам дека ќе имаме можност заедно да сведочиме на многу годишнини и јубилеи на „АМСМ Клуб Мобилити“.