Оценка: 5/5
„…тоа е постојан стремеж кон неискажливото и невидливото“, напиша Пол Шрејдер во неговата книга „Трансцендентален стил во филм“. На некој начин го постави дискурсот на хартија зад визуелните мотиви на „бавната“ кинематографија и оттаму овозможи неговата мистериозна рационализација да биде влијание на нови наслови, на нови режисери и на нови приказни. Еден од главните постулати на трансценденталниот стил е дека преку реализмот, тој ја максимира мистеријата на постоењето. Да се споредат филмовите на зачетниците на овој стил, дали е Бресон или Озу или Драјер со Aftersun („Заштита од сонце“, дебитантскиот филм на Шарлот Велс, би било безумен потфат. Сепак, многу години подоцна, нивното влијание е присутно и се чини дека Велс создава свој јазик, кој е базиран на овој стил, но е надополнет со еден богат минимализам.
Дејството се случува во Турција, во не толку далечно минато, кога поробустни видеокамери ни дозволуваа да зачуваме парче време во неколку пиксели. Роденден во пиксели, венчавка во пиксели, празник во пиксели, летен одмор во пиксели. Сè е документирано, но ништо не е искусено. Времето поминува и овие помошни материјали ни помагаат да ја вратиме фрагментираната состојба на минатото, која во нашиот ум изгледа мошне заматена. И потоа мораме самите ние да ги пополниме празните места со приказни и полувистини. Токму вакво нешто ѝ се случува на виртуозната новодојденка Френки Корио (ова е нејзиниот прв филм), која ја игра улогата на Софи. Пол Мескал е Кејлум, нејзиниот млад татко. Некогаш во сегашноста (можеби затоа што и таа е сега родител) Софи ги прегледува снимките од одморот во Турција, кога била заедно со Кејлум. Има ново сеќавање што одеднаш како сега да има смисла. Како оваа нејзина нова родителска улога ја поттикна да се освести од фактот дека нејзиниот татко водел некоја своја мистериозна битка.
Приказната е раскажана преку мемории. Мемории од одморот во Турција. Насетуваме на почетокот дека има неколку проблеми, но никогаш за тоа не сме директно информирани. Со помош на камерата, Софи невино ги снима движењата на Кејлум и промените во неговото расположение. За неа, тоа е сосема недолжно и незабележливо, но кадарот се задржува малку подолго и реализмот ја максимира мистеријата. Тој е јазикот што режисерката Шарлот Велс го користи за да нè поштеди од информации. Има проблем, но не знаеме што е. Стварноста на одморот е онаа што ја гледаме преку пикселизираните видеа – движењето на автобусот, невини игри на сонцето или скокање во базен. Но, што е со сето она што се случило помеѓу? Иронично, сето она време што не е зачувано во камерата е всушност филмот што го гледаме ние. И целосно е раскажан од страна на единаесетгодишната Софи, која можеби ни покажува некои работи што не се случиле така како што ги гледаме ние. Така работи меморијата. Така работи умот на едно единаесетгодишно девојче, чиј татко е нескршлив ентитет од веселост и потпора.
Aftersun е драма со два лика и неколку помошници. Европското летување на сите ни изгледа познато и значајно. Апартманот во којшто спијат не е воопшто голем, но имаат базен и агенцијата им приредува по некоја туристичка факултатива (караоке или посета на сулфурна бања). По краток телефонски разговор со мајката на Софи, дознаваме дека нејзините родители веќе не се заедно, но сè уште пријателски ги делат родителските обврски. Причината за нивната сепарација е непозната. Слаткоста со која Кејлум ја третира Софи е вкоренета и во фактот дека тој е млад татко. Се нуди како слушател за сите нејзини проблеми. За училиште, за нејзините наставнички, за дечковци. Честопати е многу заштитнички настроен кон неа, како и сите татковци, но исто така изгледа загубено, не е сигурен што се крие во неговата иднина, а можеби и не е сигурен дали воопшто има некаква иднина за него. Врз основа на нивните разговори, тој навестува дека има неколку пропаднати бизниси. Неговиот претприемачки дух е кршлив, како и неговата сегашност. Во моментите минати со Софи тој е тато, но кога е сам, запаѓа во некоја меѓуулога. Тоа е времето кога е најслободен и како резултат на тоа најмногу измачуван. Кадарот повторно се задржува на него. Кога пуши цигара на терасата во апартманот. Трае долго. Како сликата да сака да извлече некаков одговор. Како возрасната Софи да дејствува низ очите на единаесетгодишната Софи и пробува да го открие непознатото, пред да трепне. Пред да исчезне сеќавањето.
Од што точно е измачуван Кејлум останува непознато, но е сигурно некој внатрешен демон. Трансценденталниот стил е таков во кој во преден план е реализмот и неговата бавна деконструкција. Кејлум е жртва на долготрајниот кадар. Полека, но сигурно сме сведоци на неговото уништување. Се разбира дека на истите години нашите татковци изгледаат нескршливи и затоа во оние осамени моменти тој се чувствува како да се држи на евтин селотејп.
Визуелната претстава барем пробува да ни асоцира дека не е веќе жив во сегашноста. Не е жив да ја види Софи во нејзината нова улога. Но, мора да има нешто важно во одморот во Турција. Во еден момент таа со камерата го „интервјуира“ Кејлум со прашањето: „Кога беше на моја возраст што мислеше дека ќе правиш сега?“ Прашањето изгледа мошне невино, но како би го одговорила личност која, пред сè, има некакви внатрешни маки, а исто така и нема никаков одговор на ова прашања или одговор што не сака да го слушне на глас? Веднаш го променува расположението и Софи е присилена да ја исклучи камерата. Му вели дека остатокот ќе го сними со камерата во својот ум. Дури и во еден среќен момент, неговиот триесет и втори роденден, дури и кога Софи ќе ги натера другите туристи да му испеат роденденска песна, кадарот е повторно фиксиран на неговата експресија. Како виновно да си вели во себе: „Дали ќе можам да издржам уште една година од ова?“ Повторно трае долго. Кинематографијата се задржува на овие моменти. Камерата лебди врз нивните драстични разлики, врз закрпените мемории од лето и од блискост.
Грегори Оки е задолжен за меката кинематографија. Палетата е светла, дури и во нејзините најтемни моменти. Заднината е минимална, бидејќи предниот план е исполнет со нашите протагонисти и нивните разговори. Сè е во служба на летото. Доаѓајќи од личност која e обликувана од летните семејни одмори филмската слика на влажни костими за капење, кои се сушат на терасата од апартманот, е слика од богатата колективна атмосфера. Камерата на режисерката Велс речиси секогаш се движи, но го прави тоа бавно, со намера. Ако објективот се очите на Софи, тогаш тие секогаш ќе бидат во потрага по вистината, но само времето ќе одлучи со која острина ќе ја третираат истата.