Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) неодамна го најави натпреварот на деценијата, во чии рамки спортските сили ќе ги одмерат ракометните ветерани и актуелните репрезентативци на ревијален натпревар. Овој дуел ќе се одигра на 3 јануари 2023 година со почеток во 19:00 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ и истиот ќе биде од хуманитарен карактер.
Овој несекојдневен спортски спектакл, има за цел да им оддаде почит на сите ракометари и ракометни работници кои оставиле свој личен придонес во колективниот учинок на ракометот како најпопуларен македонски спорт. Актуелниот национален состав за претстојното Светско првенство во ракомет, кое ќе се одвива од 11 до 29 јануари 2023 во Полска и Шведска – ќе биде противничкиот табор на ветераните.
Покрај квалитетен ракомет, за време на настанот се предвидува и квалитетна забавна програма модерирана од Сашко Коцев, во која учество потврдија македонските уметници: Дац и Александар, Кики, Некст тајм и Меморија. Приходите од продажбата на билетите, ќе бидат донирани на „СОС Детско село“ од Скопје.