(Ова не е музичка рецензија, туку рецензија на уметнички продукт. Funk Shui макотрпно, но суптилно работат на тоа да пренесат мултимедијален продукт – нешто што секогаш е успешно изведено од нивна страна)
Сред опустошена есен која предвремено мириса на чад и осаменост, Funk Shui објавија нов сингл.
„Ветер“ не ме извади од сивилото – направи да се чувствувам пријатно во сивата нелагодност.
Архетип, Виулица, Крик… па дури и Стаклени Нозе се за мене песни кои зборуваат за некоја алтернативна реалност на нашиот град, за некоја туѓа искривоколчена перцепција на Скопје.
Ветер, од друга страна, е интроспективна трака, што покажува дека бендот цели кон нешто многу поголемо (духовно дечки, не само на музичката сцена) и дека бендот удобно твори и постои во својата кожа.
Нема порив – само удобност.
,,Алатот е едноставен, но тој се користи за создавање сложена магија.“- Горан Стефановски, Мала книга на стапици
Aпропо цитатот: Како се оценува музичка зрелост и актуелизација?
Со леснотија и умереност при употребување на истите музички знаци и стапици…, а Funk Shui се веќе доволно голем бенд за да имаат свои препознатливи мотиви.
Ноншалантноста на Лука е тука, и секогаш ќе биде тука. Од друга страна, гласот на Лука е во тонска линија која прави да ти е незгодно дури и да посегнеш да го анализираш текстот- како да чепкаш таму каде што не ти е дозволено. Уште една конзистентна карактеристика е и градењето кон експлозивен bridge (ping Стаклени Нозе), но овој пат, екстазата има некој експериментален шмек. Препознатливата боја на гитара, играта со зборови наспроти досега неслушнатата слоевитост на гласови… Mал милион исти ситници со кои умешно се манипулира.
Музичкиот спот од друга страна, е приказна сама за себе.
„Ќе исчезнам во пепел, ќе се родам во вода“ (Дом, 2014 ) – две реченици кои го сечат текот на видеото.
Дали Лука е феникс кој претрпува три преродби? Mитолошки гледано, фениксот се преродува 1. Спиритуално, 2. Од земја 3. Од вода
Дали е опишан еден класичен, ама обратен есхатолошки мит? – наместо циклус кој почнува со земја а завршува со вода, овде е обратно? Земјата е хаосот, а водата е космосот?
Дали космосот, душевниот мир е всушност еден непредвидлив, бескраен неред? (hint- вода)
Можеби реков дека нема да го анализирам текстот, но на видеото не можев да му одолеам 🙂
Технички гледано пак, на нашата сцена се нема појавено ваков финален продукт, изведен исто толку добро колку и идејата која стои позади него.
За крај, Што ме наежи?
очекуваниот- а сепак потребен гитарски завршеток,
Камеото на Нина Елзесер!!!
слоевитото „недајбожеда“ на Лука,
Игривата кохезивност на басот на Мики со вокалите
Преодот од „мостот“ во последниот рефрен ( ping Давид!)…
Умeшното вклучување на Стефан,
(за мене) очигледното музичко влијание на Драги,
Сè од 2:50 па натаму,
Па и сè пред тоа.