Банши се суштества од ирската митологија кои на македонски можат да се наречат самовили, вештерки, а и демони. „Демони“ постојат во секој човек, маскирани како неостварени сништа, стравови или, пак, обична здодевност. Во таа смисла, митологијата е само симбол што му служи на режисерот Мартин Мекдона за да претстави мноштво реални проблеми во животот преку филмот „Баншите од Инишерин“. Оваа црна трагикомедија годинава има дури девет номинации за „Оскар“, меѓу кои е и трката за најдобар машки актер во која учествува Колин Фарел. По соработката во филмот „Во Бриж“, Фарел и Брендан Глисон повторно играат главни улоги под водство на Мекдона, овој пат како двајца долгогодишни пријатели од кои едниот неочекувано ќе одлучи да го прекине пријателството.
Дејството се одвива на фиктивниот остров Инишерин во Ирска, за време на граѓанската војна во 1923 година. Уште на почетокот, широките, зелени островски пејзажи ја пренесуваат живописноста на изолираното селце, а Мекдона воопшто не губи време за да нè внесе во приказната. Колм (Брендан Глисон) решава веќе да не се дружи со Падрик (Колин Фарел) само поради тоа што „веќе не му се допаѓа“. Оваа одлука понатаму носи последици што се вчудовидувачки и за двајцата.
„Баншите од Инишерин“ отвора полемики околу добрината, инаетот, пријателството и успехот. Во една сцена Колм вели дека „добрината не останува запаметена, но музиката останува“. Неговите песни секогаш се во хармонија со неговата жестока упорност, а тој со својата виолина сака да направи ремек-дело по кое ќе биде запаметен. Но, дали патот до успехот е преку самоизолација? Дали поради успехот вреди да ги заборавиме луѓето што нè сакаат? Мекдона преку двата главни лика вешто и внимателно создава остар дуализам. Себичноста и инаетот на Колм се во тотален контраст со добрината и едноставноста на Падрик, кој упорно пробува да го зачува другарството. Ваквото ривалство води до морничава кулминација на „баншите“, т.е. нивните внатрешни демони.
Апсурдистичкиот тон во истражувањето филозофски прашања со кои се соочува речиси секој човек го прави „Баншите од Инишерин“ несекојдневно гледачко искуство. Фарел и Глисон со извонреден занес го рефлектираат апсурдизмот во изразувањето на емоциите на ликовите, а заднинската музика (широк спектар дела од народна и класична музика, во комбинација со оригинални композиции на Картер Бурвел) прецизно ги следи развојот и особините на двајцата пријатели. Со елегантниот баланс на сериозност и иронија во приказната, „Баншите од Инишерин“ има потенцијал да го помине тестот на времето и да ги оправда оскаровските номинации.
Оцена 10/10