Иако Billie Еilish веќе некое време се наоѓа на врвот на музичката сцена, создавајќи една нова, автентична креативна насока во истата, дури минатата година го издаде својот прв студиски албум – WHEN WE ALL FALL ASLEEP, WHERE DO WE GO?, кој подоцна ги освои „сите можни“ награди на најпрестижните церемонии (Grammy награда за албум на годината и најдобар поп вокал албум, награда од American Music Awards за албум на годината и многу други).
Проектот не се состои само од Billie Eilish Pirate Baird O’Connell (да, Pirate е дел од нејзиното целосно име), туку и нејзиниот брат, Finneas Baird O’ Connell, кој стои позади продукцијата и музиката на песните од овој албум, додека Billie го дава тој креативен пресврт со мрачна лирика и специфичен, тивок сопрано глас.
WHEN WE ALL FALL ASLEEP, WHERE DO WE GO? е микс на поп и индустриска музика, со електро-поп елементи кои совршено се вклопуваат со мрачната тематика на албумот:
КОШМАР – клучен збор за ова дело. Додека и самиот album cover асоцира на благ хорор, со спротиставеноста на боите црна и бела, кои пак го претстауваат и дијапазонот на опфатени теми во лириката, тука е и самата музика и вокал кои асоцираат на искривоколчена детска игра. Billie си игра игра која нема крај и, како во кошмар, е хармонично неконзистентна и полна умерени изненадувања.
Песната со која започнува албумот, Bad Guy, која ни е веќе добро позната на сите, сепак не се состои од рутински и шематски поп елементи кои би ја направила истата лесно препознатлив радиски хит.
Оваа поп трака е исполнета со игриви трап елементи како бас и кик-драм кои, иако се монотони, го заведуваат слушателот и го ставаат во таканаречен loop.
Првичниот тон е воспоставен и, за разлика од песните кои следат, во оваа Billie зазема подоминанта позиција, изоставувајќи ги меланхоличните психолошки теми за кои инаку и најчесто пее, обраќајки му се со сарказам и цинизам на објектот а воедно и на слушателот. Следната пак, Xanny, нѐ води во сосема друга насока. Поп-балада која започнува со меланхоличнo пијано и глас на Billie, кои се пресекувани од џезерски бас дроп и синт низ рефрените. За мене омилена песна од албумот, најмногу поради фактот дека во неа Billie e сѐ уште истата осетлива и ранлива девојка што се појави на сцената во 2014 година, со песни како idontwannabeyouanymore во кои, исто како и оваа, се дистанцира од токсичната околина, која подразбира неодговорно конзумирање на дрога, алкохол и воопшто, неизживеано живеење на игнорантен живот:
Better off without them
They’re nothing but unstable
And that’s about the only thing they share
Музички гледано, Billie само се искачува една скала повисоко, со минималистичка но крајно зрела продукција и вокален аранжман, кои пак уште позрело коегзистираат.
You should see me in a crown е уште една поп-трап песна, прилично помрачна од останатите од албумот. Оваа песна е можеби и олицетворение на темата КОШМАР за која и зборував погоре; вокалот на Billie смирено те влече и обзема на почетокот на песната, по што неочекувано и рапидно те допираат синтови и дропови од сите страни (во спотот, синтовите и басовите се црните пајаци кои лазат по неа и нејзината контрастно бела облека). Следната, All the good girls go to hell е за мене премногу очигледна, како во текстот и темата, така и во музиката; калифорнискиот шмек ме потсетува на песна од The Neighbourhood, а текстот е токму тоа што нашите родители – почитувачи на добра музика – стереотипно би очекувале од артист кој звучи и изгледа како Billie.
Wish you were gay е поп-џез-трап балада совршено балансирана со карактеристичниот бас и синт. Како што вели и Michael Love oд магазинот Paper, елементите кои ја прават нумерата поп-трап се истите тие кои му дозволуваат на вокалот/поетот да се ослободи од очигледната лирска и музичка тензија; Billie пее за тоа како се надева дека дечкото кој ја одбил е геј, како би ја оправдала неговата незаинтересираност (прилично контроверзна тема, контроверзно примена од публиката, родителите на публиката 🙂 и LGBTQIA+ заедницата).
When the party’s over е песна со која бев комплетно опседната од моментот кога излезе спотот. Балада преку која, без пречки и напрегање може да допреме во јадрото на артистот.
8 започнува со укулеле кое е веднаш спротиставенo со кик препознатлив за Finneas. Продуцентот си игра со гласот на Billie, правејќи тој да асоцира на детски глас, а песната на детска приспивна песна. My strange addiction е веќе поинтересна и комплексна поп песна во која доминира басот, со „риф“,кој некако магично мириса на цинизам.
Bury a friend е минималистички хит со кохезивна експлозија на придружни вокали, која пак додава на тој гореспоменат сталожен изненадувачки ефект. Billie поминува доволно граници како би ни била интересна, конвенционално експериментира, но ниту еднаш не излегува од нејзината персона и не ја менува својата форма.
ilomilo е малку поинаква игра со вокал кој, наместо монотоно, овој пат активно и кохезивно се надоврзува со музиката.
Последните три песни од албумот нагло ја менуваат тематиката, но контролирано го смируваат темпото, и атмосферата, како би дале концептуален завршеток на албумот. Имено, кога би ги поврзале трите песни, би добиле целосна реченица – Listen Before I Go, I Love You, Goodbyе. Трите песни го анализираат концептот на напуштање од три различни перспективи: човек кој е пред извршување на самоубиство, стјуардеса која го најавува полетувањето на авионот и Billie која со помош на интертекстуалност го најавува завршетокот на албумот).
Listen Before I Go е пијано балада, додека I Love You се базира на гитара, гласот на Billie,и позадински говори кои асоцираат на оние кои ги слушаме во авион, со што се постигнува врвот на морбидноста на албумот. Ова е и најстрашниот дел од кошмарот – нема повеќе ритмични изненадувања, само непријатна и морничава тишина која, дозволувајќи ти да го слушнеш и најтивкото издишување на вокалот, те остава сам на себеси и со себе. Последната, Goodbye е во стил на успорена снимка која користи стихови од секоја песна од албумот и дозволува за идејен завршеток на албумот, мирно отворање на очите и разбистрување на душата.
За крај:
Јас никогаш не сум ја класифицирала Billie како „пејачка“, туку како мултимедијален пакет – новата 21 вековна естетика во споро и мангупско движење.
WHEN WE ALL FALL ASLEEP, WHERE DO WE GO? е лесно консумативен албум кој дава субјективен и задоволителен одговор на поставеното прашање; повеќе сетилен и емоционален отколку рационален заклучок до кој секој слушател треба да дојде сам.
Со виножито од осмислена инфантилност, депресивна незрелост, детска игра… песните од овој албум првично можат, а и треба да се класифицираат според сензациите кои ги предизвикуваат кај слушателот, кој е како прекршениот зрак од призмата, и сензациите кои ги предизвикуваат кај слушателот, a потоа отстранувајќи се од жанрот, субжанрот, музичките елементи, и сите измислици на 21 век.
Фотографија: Стефан Рајхл