Пустината како копнено подрачје, но и со метафорично значење, е појдовната инспирација за новата колекција на дизајнерот Занов.
„Пустинските дини, создадени со напластување на песок, разнесен со помош на силата и моќта на ветерот, симболично за мене ги претставуваат сите предизвици што ги носи животот на секоја индивидуа. Пустината, што се смета за еден вид изолиран простор на Земјата, простор без вегетација, со мал процент на вода, и место на Земјата каде условите за живот се многу оскудни или воопшто ги нема, метафорично е поврзана со ситуацијата и состојбата во која се наоѓа моментално цел свет. Изолирани, затворени, без љубов и со изгубена надеж… Но сепак со борба, единство и позитивна енергија. Но, пустината си има своја волшебна убавина, исто како и секој човек на оваа планета. Од тука доаѓа и главната порака на колекцијата, без разлика на се, без разлика на тоа што и да ви се случува во животот, колку и да се чувствувате осамено, изолирано, несакано, разочарано, без грам срам треба да прифатите тоа што сте… Дајте си сами на себе љубов, почитувајте се, сакајте се и не заборавајте, секој од вас е посебен и волшебен на свој начин“, вели Занов.
Креациите се создадени според нов вид на изработка и експериментирање, односно, начин на спојување на материјалите, преку спирална техника, која може да се забележи во неколку модели.
„Со оваа техника, нема никаков отпад при изработка на моделите, односно преку zero waste на самите материјали, со мали но сигурни чекори, се обидов свесно да придонесам во заштитата на планетата Земја, помалку загадување за почист живот. Материјалите во колекцијата, се внимателно одбрани, меѓу кои преовладуваат лесни и лелеави материјали, погодни за летна сезона, како памук, вискоза, свила и шифон. Палетата на бои е совршен приказ на пустината…земјени тонови, крем нијанси, загасити сиви, зелени, жолти и розеви тонови, како и контраст на црна и бела боја“, додава дизајнерот за колекцијата.