Нов рецепт од Kokarche. Уживајте во овие домашни њоки и превкусен песто сос!
Њоки (Gnocchi) се вид на тестенини во чиј состав доминантна состојка е компирот. Може да содржат разни видови брашно, јајца, лебни трошки, сирење и зачини.
Потекнуваат од Италија и имаат долга историја која може да се трасира назад до Римската империја. Во различни региони добиваат различна форма, прилагодувања на рецептурата, па и различни називи.
Се служат како предјадење или како прилог на главно јадење, придружени со некаков сос, растопен путер со зачински тревки или песто.
Во овој рецепт за домашни њоки употребени се компир, пармезан, брашно и јајце, а послужени се со варијација на песто базирано на ореви надополнети со сушени домати чиј слатко-киселкаст вкус е присутен во позадина.
ПЕСТО
Потребни состојки за 250мл:
- 120 гр ореви;
- 40 гр пармезан;
- 2 лажички ситно сецкани ливчиња од мајчина душичка;
- 1 чешне лук;
- 4-5 парчиња сушени домати;
- 1 лажичка јаболков оцет;
- 60мл маслиново масло;
- Сол по желба.
Подготовка:
- Оревите се потпекуваат во тавче на тивко десетина минути додека пуштат мирис;
- Потпечените ореви, лукот, пармезанот и оцетот се ставаат во сецко/процесор. Се пулсира додека не се исецкаат грубо. Текстурата не треба да биде мазна;
- Смесата се префрла во сад, се додаваат исечканите сушени домати, тревките и маслиновото масло. Се зачинува со сол по желба.
ДОМАШНИ ЊОКИ
Потребни состојки за 2 порции:
- 320 гр компири;
- 100 гр сенаменско брашно;
- 50 гр рендан пармезан;
- 1 јајце;
- 1/4 лажичка морско оревче;
- 1/2 лажичка сол.
Постапка:
- Се става да се вари компирот сосе лушпа во ладна солена вода;
- Сварениот компир се остава да се олади и потоа се лупи. Се ренда со најситната страна од класично кутиесто ренде и се положува на кујнска хартија или крпа за да се впие вишокот вода;
- Од изренданиот компир се издвојуваат 300 гр и заедно со останатите состојки се замесува тесто. Доколку има потреба и тестото е лепливо, може да се додаде брашно;
- Од тестото се оформува диск (дебелина околу 1 см), се витка во фолија и се става во фрижидер да отстои околу 1 час;
- Изладеното тесто се дели на 5-6 дела, деловите се набрашнуваат и се ролаат со прсти. Треба да се добијат парчиња во вид на јаже со должина од околу 30 см и дебелина/дијаметар од 1,5 до 2 см. Од нив со нож се сечат парчиња тесто кои се положуваат на набрашнета површина. Опционално, секое парче може да се помине по површината со ренде или со долна страна од вилушка за да направат нерамнини кои ќе послужат сосот полесно да се залепи, но не е неопходно;
- Њоките се варат во зовриена вода 2-3 минути. Готови се кога ќе испливаат на површина.
- Доколку се направи поголема количина, њоките можат да се замрзнат. Парчињата се редат во еден слој, се замрзнуваат и така замрзнати можат да се префрлат во сад или кеса.
СОС
За една порција њоки се мешаат 2 лажици песто со една лажица од водата во која се вареле њоките (пожелно е додека е сѐ уште топла). На крај се става завршен слој од рендан пармезан.
Пријатен оброк!