„Секоја одлука што ја носев низ образованието водеше кон остварување на сонот – да бидам дел од волшебниот свет на Хари Потер“
Сашко Потер Мицевски работеше како асистент на звук на вториот дел од франшизата „Фантастични ѕверки“, „Злосторствата на Гринделвалд“ и со тоа го оствари својот сон. Но, освен што е голем фан на филмовите и книгите Хари Потер, тој работи на многу наши и странски проекти, режисер е на документарни филмови и иницијатор на проекти од културната сфера. Го прашавме за неговите почетоци, за страста за филмови и за филмска индустрија, но и за поддршката кон неговиот роден град Штип.
Како почна вашата приказна со работа на филмови? Што ве воведе во филмската индустрија?
Mojата приказна почна во штипското кино, каде што беше мојот прв допир со филмот. Растејќи, тој убав топол простор со кожени црвени седишта беше мојот храм. Киното за мене беше портал кон други светови, светови што ги откривав и ги истражував и беше бегство од сите детски проблеми што ги имав. За жал, градот сега нема функционална киносала со репертоар и комерцијални кинопроекции, за да можат новите генерации да го искусат тоа со кое сме растеле ние. Желбата за да се занимавам со филм ми дојде малку подоцна, кон крајот на основното и почетокот на средното образование.
Кој е најголем предизвик во вашата работа како монтажер на слика и дизајнер на звук? Што најмногу ве влече кон оваа професија?
Некаде во средно, кога требаше да се размислува за тоа „што ќе бидеш кога ќе пораснеш“, јас бев благо опседнат со неколку теми: митологија, алхемија, англиски јазик, но најмногу од сѐ филм и технологија. Чепкајќи и истражувајќи вечерни времиња (евтина тарифа) преку дајл ап интернет ја открив оваа чуднa професија што ги спојува моите две големи интереси – филм и технологија! Така се одлучив за монтажа. Дизајнот на звук дојде подоцна, кога сфатив дека постои вистински дефицит на луѓе и интерес за тој многу апстрактен дел од процесот на изработка на филмови. Дипломирав на Факултетот на драмски уметности на катедрата за филмска и ТВ-монтажа, па така дизајнот на звук ме однесе на престижното Школо за национален филм и телевизија во Англија, каде што станав магистер по уметност.
Многумина ве познаваат како голем фан на филмовите и книгите за Хари Потер, волшебниот свет што има огромна публика и обожаватели насекаде. Како изгледаше да се оствари сонот, да се работи на вториот дел од франшизата „Фантастични ѕверки“, односно на „Злосторствата на Гринделвалд“?
Никогаш нема да го заборавам моментот кога го допрев суровиот материјал (крупен кадар од Џони Деп) од вториот дел на „Фантастични ѕверки“ – тоа беше февруари 2018 година и беше момент кога сите мои детски соништа и аспирации конечно добија смисла – тогаш дознав дека ќе бидам дел од тимот на филмот. Некако, секоја одлука што ја носев од основното кон средното, додипломските и кон постдипломските студии гравитираше кон ова. Отсекогаш сакав да бидам дел од градењето на тој свет што толку многу ми влијаеше мене (што стана важен дел од мојот идентитет). Сакав да помогнам тие приказни да се шират понатаму и да маѓепсуваат многу деца и млади луѓе ширум светот и да ги всадуваат сите тие добри морални приказни што ги носи волшебничкиот свет на Роулинг. Имав премногу мала функција (асистент на звук), но доволно голема за мене за да ми даде дополнителна самодоверба и самореализација. Без разлика што ќе се случи понатаму, тој период засекогаш ќе го носам во мене и ќе го раскажувам и ширам уште многу како цврст и доказ на своја кожа дека соништа се остваруваат. Сепак, како што би рекол Дамблдор: „Неприфатливо е да заглавуваш во соништа и да заборавиш да живееш“, па јас се трудам и понатаму соништата да ги преточам во тоа што го живеам секојдневно.
Присуствувавте и на светските премиери на последните два филма од „Фантастични ѕверки“. Што значи за вас лично да се биде дел од овој свет и од премиерите и каква е филмската екипа која работи на овие филмови? Дали имавте шанса да ги запознаете?
Да се биде дел од тој свет е нормално магично. Мене ми беше исклучително задоволство да присуствувам на двете светски премиери во Лондон – како дете отсекогаш ги гледав онлајн во живо премиерите на филмовите за Хари Потер и секогаш се прашував каква е атмосферата. Првата премиера ми беше стресна, бидејќи ми беше прва, додека премиерата на „Тајните на Дамблдор“ ми беше прекрасна, уживав максимално и во филмот и во целосната церемонија. При процесот на работа успеав да се запознам со голем дел од авторската екипа (особено сум среќен дека го запознав Дејвид Јејтс, режисерот на филмовите за Хари Потер и „Фантастични ѕверки“). Актерите, за жал, имаа мал допир со луѓето во постпродукција, па немав шанса да запознам никој лично, но сигурен сум ќе има други шанси.
Покрај монтажата, работите и како режисер на документарни филмови. „Сите ќе умреме“ обработува егзистенцијална тема низ призма на погребалните претпријатија во Штип, а „Вонземјанинот Ли“ се осврнува на феноменот НЛО во Штип низ годините преку приказните на Мики Ли Трајчевски. Од каде е идејата за вакви филмови и која порака сакавте да ја пренесете?
Идејата за овие два чудни филма доаѓа од љубовта кон мојот роден град, Штип, кој изобилува со многу чудни ликови и приказни што вечно ме фасцинираат, ме смеат и ме инспирираат. Со задоволство би ја преземал одговорноста да бидам амбасадор на тие ликови и на штипската култура и тоа да го пренесам надалеку. Мики Ли е легендарен штипски лик, цел град има фасцинација со него, а растејќи во Штип не бев исклучен од таа фасцинација и јас. Сакав да знам многу повеќе за светот што тој го носи во себе и го проектира кон ѕвездите – па така се роди „(Вон)земјанинот Ли“. „Сите ќе умреме“ беше обид за да најдам светлина и ведрина во гнилиот здравствен и погребален систем во Штип/Македонија. По природа сум ведар човек (така велат), па тоа се претопува донекаде и во филмовите што ги правам.
„Mакедонската филмска индустрија се крена на ново ниво од млади автори – особено режисерки. И тоа е нашиот најсилен адут“
Вашето портфолио вбројува и проекти за „Нетфликс“ и за други светски продукции. Што научивте на приватен план низ годините професионална работа? Како би се опишале денес, наспроти почетоците?
Почетоците беа искрено многу ентузијастички, но од денешна перспектива тешки. Живеев во студентски дом четири години, работев на лаптоп што ми го купија моите родители, работев секаде каде што имав шанса, за пари и без пари. Ама знаев да го сакам тоа што го работам или барем да се гушкам со работите што ги сакав во мојата работа и тоа ме туркаше напред. Сега ми е значително полесно со многу работи, но обратнопропорционален е притисокот што го имам како „возрасен човек“. Благословен сум што работев на проекти што приватно ме преобразија или ме воздигнаа особено на духовно ниво. Како дел од комплексната и токсична филмска индустрија во Македонија и јас сум склон кон шашаво ментално здравје и, лично, работата многу може да ми влијае на приватниот живот. Затоа, внимателно избирам да работам само на проекти што знам дека лично ќе ми помогнат да надминам некои трауми или да ме предизвикаат.
Македонската филмска индустрија бележи успеси изминативе години, особено со млади имиња кои не се плашат да излезат од удобноста и отвораат важни општествени прашања. На што сметате дека се должи ова? Дали сметате дека има основа и можности во нашата земја да биде успешно направен и филм во друг жанр, на пример научно-фантастичен филм?
Mакедонската филмска индустрија се крена на ново ниво од млади автори – особено режисерки. И тоа е нашиот најсилен адут. Младите автори, и покрај големите „дубари“ во филмската индустрија, наоѓаат трпение и сила да раскажуваат убави современи приказни. Македонија има малку, но жилави филмаџии. За жал, државните институции за образование, поддршка и негување на филмот се закоравени, изградени врз база на партиски убедувања, со променлива политика и фаворизирање на филмаџии кои се симпатизери на која и да е актуелна политичка гарнитура – тоа е нашата најслаба страна што го осакатува македонскиот филм. Како резултат на тоа, сите филмови се слични, голем дел од нив и негледливи. Жанровски, филмот сам по себе е научна-фантастика во оваа неплодна средина, а научната фантастика како жанр е вонвселенски концепт. За жал, во оваа средина нема простор за грешки и тоа го запира прогресот на сите нас. Во оваа индустрија, ако човек се сопне, ќе го изгази стампедото од колеги.
Го обновивте поранешното тонско студио на „Вардар филм“, каде што работите монтажа на звук, но зборувавте активно и покренавте иницијатива за отворање кино во Штип. До каде сте со таа иницијатива и колку е важно, според вас, да се негуваат културните вредности во сите градови во Македонија еднакво, а не фокусот да е ставен само на неколку града?
Да, го обновив тонското студио на „Вардар филм“, и тоа со сопствени средства. И за тоа сум заслужен исклучително јас и сите другари кои ми помогнаа да го реновирам. Иницијативата за враќање на киното во Штип постојано осцилира со многу промени на градоначалниците. За среќа, има приватни инвеститори во моментот што се заинтересирани за изградба на приватно кино во Штип. Секако, ќе ја добијат мојата целосна поддршка и стручност за да се реализира конечно тој сон. Културните вредности во малите градови се премногу важни, за жал тоа не се субвенционира доволно. Нормално, ниедно раководство на Министерството за култура нема време за периферијата, бидејќи додека еден министер да се навикне на позицијата и да го разбере системот, оп избори, па мора да се даде министерството на друг. Но, пак ќе кажам, со жилави луѓе можеби ќе се излезе на крај.
На што работите моментално, а и што гледате, слушате, читате во слободно време?
Моментално работам на нова македонска документарна серија „Радиус 180“, работам за американска компанија „ОS Studios“ на е-спорт и гејминг содржини и на втората сезона на англиската документарно-анимирана серија „The Breakdown“. Гледам „RuPaul’s Drag Race“ пред спиење, читам книга за јапонска митологија и ден и ноќ ја слушам филмската музика од „& Juliet“, мјузикл што го гледав во Лондон неодамна.
За крај, и јас како огромен обожавател на Хари Потер, морам да ве прашам, во која куќа во Хогвортс припаѓате? Што мислите дека би виделе во огледалото на желбите и што ви е патронусот?
Припаѓам во Слитерин и, нормално, секој ден сум осуден за тоа. Патронусот ми е јастреб врапчар, стапчето ми е од дрво од винова лоза со јадро срцева жила од срце на змеј (според официјалните тестови). Во огледалото на желбите би видел мир и идеален баланс меѓу работата што многу ја сакам и здрави односи со семејството и со љубовниот партнер – и сето тоа во куќа на море, без многу драма… иако драма и мир речиси никогаш не стојат во иста реченица во мојот живот.