Со професорката по англиски јазик, Елисавета Таневска, која веќе 30 години стои позади центарот за странски јазици „Queen“ (@queen.language.school) поразговаравме за новитетите во изучувањето странски јазици, потребите на денешните ученици, но и за почетоците и јубилејот на центарот.
Славите јубилеј од 30 години „Queen“, центарот за странски јазици. Како изгледаа почетоците на центарот и какво искуство добивте од предавањата и учениците сите овие години?
Почетоците беа во далечната 1992 година. Центарот „Queen“ беше помеѓу првите 10 центри во Македонија. Во тоа време сè уште беа почетоците на секој центар што ќе се отвореше, а во исто време предизвик и искуство за секој наставник. Немавме многу ресурси и моравме да работиме и да разменувавме материјали заедно со другите центри. За среќа во тоа време добив поддршка од колешки и од семејството кои ме охрабрија да почнам со работа. Набрзо, центарот „Queen“ почнаа да го распознаваат и можам да кажам дека слушателите од тие први генерации денес ги испраќаат нивните деца да учат во „Queen“. Самите слушатели со нивните барања, како возрани така и деца, се дел од искуството кое се гради со секоја нова генерација. Нормално како и секој сериозен центар за јазици имаме своја програма, но тоа не значи дека мораме секогаш да се држиме до истата. Се трудиме да ги следиме нашите слушатели и нивните барања и да ги прилагодиме часовите на нивните потреби. Со оглед на тоа што имаме различни возрасти на слушатели и нивоа гледаме да ги прилагодиме програмите кон таа група или ниво. Искуството покрај од предавањата, следи и од бројните семинари и конференции кои беа организирани од ЕЛТАМ, понатаму од Британски совет, МАКС, како и денес од EAQUALS и странските издавачки куќи во нашата земја.
Какви курсеви и програми нуди Queen, кои јазици најмногу се бараат? Каков е интересот за странски јазици денес, во која насока се развива изучувањето?
Во почетокот нудевме само англиски јазик, но како се зголемуваше интересот за другите јазици така и самиот центар почна да воведува и други странски јазици: германски, италијански, албански, руски и македонски за странци. Англискиот е сè уште најпопуларен и одомаќен, но сè повеќе се бара и германски не само како јазик кај возрасни слушатели, туку и децата имаат потреба и желба да научат најмалку уште еден странски јазик покрај англиски. Интересот за учење странски јазици е голем, тоа може и да се види и по бројноста на центрите за јазици во земјата, но сепак целта на изучување странски јазик е различна. Англискиот е веќе дел од нашето секојдневие и нормално се учи на повисоко ниво, потребата за германски е работа или студирање. Германскиот е предмет и во основните и средните училишта па учениците сакаат да го доусовршат за подобра оценка или како плус странски јазик за нивното понатамошно школување. Другите странски јазици се според потребата на слушателите. Можеби самите амбасади што се во Македонија може да го стимулираат изучувањето на нивните јазици како што тоа го направи Германија со активирање на програми и институт за популаризирање на германскиот јазик. Знаењето на странските јазици отвара нови прозорци за сите луѓе особено за младите. Сепак кога учите друг јазик не го учите само јазикот туку и културата, историјата, традицијата на таа земја.
Дали може да се направи една споредба помеѓу учењето странски јазици денес и изминатите години? Што е променето?
Ако почнеме прво од потребата за учење, во тој случај може да се каже дека денес е многу поголема потребата за учење на странски јазици отколку порано. Што се однесува до методите на учење и тука има голема промена, но таа промена не е настаната одеднаш туку со текот на времето, со потребата на самите слушатели и нормално новите помагала кои се користат во учењето. Почетоците беа со фотокопирани материјали, со флеш карти кои сами ги изработувавме, со ЦД РОМ вежби кои ги набавуваме од странство и чинеа многу, за да дојдеме денес до дигитализиран начин на учење каде интернетот и самите учебници дозволуваат да се отвори било која тема или да се дознае нешто повеќе за тоа што го предаваме и изучуваме. Дали беше поинтересно порано или денес? Не можам да кажам со сигурност. Секогаш слушателите биле задоволни од начинот на изучување, секогаш било забавно и едукативно во исто време и поразлично и послободно од стандардните методи на учење. Денес информациите и начините се полесни за наставникот, доколку сака да ги следи потребите на слушателите. Ако некогаш сите додатните материјали се даваа во вид на печатен материјал (handouts) денес со проектор, лап топ и интернет може да се претстави повизуелно тоа на дигитална табла и да се извежба дел од граматиката или вокабуларот. Секако, сè уште користиме и печатен материјал, игри со карти за учење, но разновидноста на материјали и извори за поефикасно и подостапно учење се многу поголеми.
Колку дигитализацијата има улога во учењето јазици, каков е начинот сега на учење преку новите дигитализирани програми? Што им е најинтересно на учениците, кој дел од наставата?
Дигитализацијата не започна одеднаш, како што споменав погоре. Сметам дека ние центрите за странски јазици први почнавме со белите табли и дигиталните помагала како Е-beam, што се нудеа на пазарот кај нас од страна на издавачките куќи. Денес тие помагала ги има и во некои основни и средни училишта, барем во Скопје. Учебниците на почетокот на „новата ера на учење“ беа со софтвер што го добивавме само ние професорите. Понатаму тој софтвер беше и дел од учебникот на ученикот, а денес секоја книга има свој посебен код и наставникот и ученикот можат да користат тоа што ги интересира најмногу или дел од материјалот што се предава. Најинтересно на учениците освен работењето со Е-beam на самиот час им се и различните специлијазирани веб страници каде се играат игри или се дознава повеќе за одредени нешта поврзани за јазикот и земјата или се вежбаат вештините на јазикот. Пандемијата влијаеше исто така на дигитализацијата. Во изминативе две години целата настава се одвиваше онлајн. Успеавме слушателите да не заостанат со изучувањето, дури се отвори нов начин на учење преку платформите каде, мислам дека секој наставник дојде до нови сознанија за начинот на предавање. Секое време си носи свои новости, што ние активно ги следиме и ги применуваме во наставата. Но, слушателите сепак си имаат учебници, а ги потсетуваме и поттикнуваме дека треба да читаат и да изнајмуваат книги од библиотеката за да се зголемува вокабуларот и преку читање.
Дел сте од МАКС, Македонската асоцијација за квалитет во наставата. Што значи тоа за училиштето и на какви стандарди подлежат приватните центри за изучување странски јазици?
МАКС е формирана во 2003 година како проект на Британски совет и стана дел од Европската асоцијација за квалитет во наставата по странски јазици EAQUALS. Целта е да се воспостават стандарди помеѓу центрите за јазици преку инспекции и правила кои ќе се следат во секој дел од работата на центрите. „Queen“ стана член на МАКС во 2006 година после првата инспекција и понатаму следеа други инспекции кои според правилникот на МАКС се на секои 4 години. Стандардите на МАКС се одредени по шема каде се проверува секој дел: општиот менаџмент, академското работење, наставата и просторот. Иако зборот инспекција звучи како да треба да се најде нешто во центарот што не е според правилата , но тоа не е целта на МАКС туку сосема спротивно, да се помогне на центарот да ги постигне тие стандарди за да има лојална конкуренција. МАКС акредитација е сè уште единствената македонска акредитација за приватните центри за странски јазици во Македонија.
Нудите и специјализирани курсеви за највисоките степени на знаење на англискиот јазик, Кембриџ дипломите, ИЕЛТС и ТОЕФЛ кои неретко се неопходни за студирање или работа во странство. Како изгледа подготовката за тие курсеви, на кој начин се одвива учењето?
Да, како дел од нашата програма е и подготовката на меѓународни испити. За Кембриџ дипломите учениците, вообичаено тоа се ученици кои посетуваат курсеви со години во училиштето, им е овозможено да го комплетираат своето знаење со меѓународна диплома што ќе им послужи во натамошното школување или за барање на работа со уште една предност. ИЕЛТС и ТОЕФЛ се малку поразлични испити кои се полагаат по потреба, односно кога е потребно да се конкурира брзо на некој универзитет или работно место во странство. Подготовките се поразлични од другите курсеви каде материјалот е концентриран на деловите од испитот односно сите четири вештини кои се полагаат на испитот: читање, слушање, пишување и зборување. „Queen“ е и pre-testing центар каде може да се направи проверка на нивото на знаењето на слушателите пред да го полагаат испитот и во тој случај да се обрне внимание на послабата вештина што не е совладана доволно или на делот (вежбата) што има послаб резултат. „Queen“ нуди подготовка и за германските меѓународните испити на „ГЕТЕ“ институт, а полагањето е во самиот институт во Скопје.