Ирса Сигурдардотир, најпознатата и најнаградувана исландска писателка на трилери присуствуваше на Фестивалот на европска литература „Букстар“ кој оваа година се одржа од трети до петти октомври во Скопје, на неколку локации. Организатор на Фестивалот е „Антолог“. Имавме можност да поразговараме со писателката и да ја запознаеме личноста која стои позади многу успешните криминални трилери. Ирса моментално работи како писателка и како градежен инженер. Крими-романите на Ирса се екстремно успешни на меѓународно ниво и се преведени на повеќе од 30 јазици. Два од нив се избрани од „Сандеј тајмс“ за трилери на годината, а дел од нив и се филмувани. Има добиено огромен број награди за своето творештво.
Вие сте една од најпродаваните авторки на криминалистика и трилери во Исланд. Имате напишано многу романи. но како почнавте со пишување, која ви беше визијата на почетокот?
Почетокот беше многу различен од сега, почнав да пишувам прво детски книги. За мене е од голема важност да се чита бидејќи на тој начин се ставаме себе во ситуациите на самите карактери. Читањето им дава можност на луѓето да ги разберат другите луѓе преку наративот на една книга. Мислам дека децата кои читаат многу се поемпатични и повеќе имаат разбирање за другите. Бев навистина загрижена што мојот син кога беше мал не сакаше да чита, а книгите за деца што беа достапни тоа време беа мрачни и сурови и знаев дека нема да го натераат да го засака читањето, па така почнав да пишувам хумористични детски приказни. Откако напишав 6 книги решив да паузирам две години и потоа повторно ми се врати желбата за пишување но овојпат сакав позрела публика бидејќи не можеш баш сè да напишеш во книга за деца. Повеќето писатели сакаат да пишуваат исто што и сакаат да читаат, а таков случај беше и кај мене затоа почнав со пишување трилери и криминалистика. Со оглед на тоа што сум градежен инженер целото мое знаење за пишувањето го добивав преку книгите, бидејќи читам многу.
Трилерите бараат голема имагинација но и голем обем на истражување. Како го правите истражувањето, дали е предизвик?
Не, навистина е лесно бидејќи Исланд е мал остров и е многу лесно да се поврзеш со некој и да направиш истражување. На пример за книгата ДНК, работев со еден дечко чие хоби беа радиокомуникации и потоа и се запознав со главниот човек за комуникации во земјата. Во Исланд е навистина лесно да ја добиеш потребната информација и да разговараш со некого.
Како доаѓате до идеите, што ве инспирира?
Идеите ги добивам од разни места, најчесто приказната почнува со семе од идеја и потоа се развива. Може да биде место, да биде некоја информација од вести, некоја тема што е особено дискутирана. На пример за ДНК, ја добив идејата од еден пар што го запознав, но идејата не е сè што е потребно. Идејата е само костурот, а потребно е месо, односно заплет, нешто интересно што ќе те држи да ја читаш книгата до крај. Отприлика е потребно околу два месеци да се развие интересна приказна што ќе биде неизвесна од почеток до крај.
Дали некогаш сте имале блокада во пишувањето, сте се соочиле ли да заглавите додека пишувате?
Никогаш не сум била заглавена со пишување, да некогаш идело полесно, некогаш не, но тоа што го кажувам на моите предавања е дека секогаш писателот треба да биде свесен дека тој ја контролира приказната, контролира сè. Ако се случи некаде да заглави тогаш треба да помисли дека може да направи што сака со содржината во книгата ништо не го спречува. Подобро е премногу да не се размислува за тоа, да не биде премногу стресно. Еден од советите што ги давам е навечер пред спиење да се замисли поглавјето што треба да се напише следниот ден, односно да се замисли само почетокот и крајот. Тие неколку реченици на почетокот се тие што го поттикнуваат креативниот процес. Не треба само да се седи пред празна страница и да се чека, така се создава паника. Сè е во рацете на писателот, тој е тој што ја има контролата.
Кој ви е омилен лик од книгите?
Мислам дека тоа е детективот Хулдар бидејќи е карактер со маани но тие не се лоши маани. Можеби и зашто работам со многу мажи и сакам да работам со мажи. Хулдар е израснат со 5 сестри и е навистина динамичен карактер.
Што сметате дека најважно за еден добар криминалистички роман? Како ја одржувате неизвесноста и возбудата за читателите?
Откако ќе ги напишам првите десет страни се ставам себе во кожа на читателот и се обидувам да разберам дали тоа што го пишувам е досадно или не. За добар трилер е потребен добар заплет, но не само тоа туку и добри ликови и секако стил на пишување. Многу е слично со претстава, потребен е сетинг, позадина, бина и потоа е потребна приказна и интересни ликови. Потребно е приказната да оживее во главата на читателот и да биде интересна за да продолжи со читање. Мислам дека, а и така ми имаат кажано, дека луѓето читаат трилери и крими книги поради ликовите во нив, како тие се развиени, бидејќи тие се тие со кои можеш да се поврзат.
Скандинавските трилери се многу популарни и често се и филмувани или преработени во ТВ серија со многу добра гледаност. Што сметате дека е причината за ова?
Мислам дека причината за тоа е психологијата на ликовите. Особено во Исланд на пример, нема премногу криминални банди или сериски убијци што убиваат по дваесет години и никој не може да ги открие. Затоа и во книгите се потребни индивидуални искуства, или нешто фамилијарно можеби, нешто што е повеќе поврзувачко со секојдневниот живот. Мислам дека просечниот читател повеќе се поврзува на тој начин со книгата, не може на пример во Исланд да се очекува тип на трилер за Њујорк. Повеќе е ставен акцентот на индивидуалноста и психологијата. Да, убиствата се навистина насилни и ужасни, но целта е приказната потоа, не самото убиство. Затоа и во моите книги нема преголем опис на убиствата туку фокусот е на приказната потоа, а таа станува поврзувачка и реалистична поради ликовите. Нема толку многу опис на мачење и нема никој затворен во подрум и мачен со години.
Рецензиите и наградите се секогаш добар начин да се покаже успешноста на писателот, но што е она што го мотивира писателот на подолг период?
Тоа се дефинитивно читателите. Наградите и рецензиите во весник се добри но тоа не значи многу, ако читателите се разочарани. Бидејќи книгите не се многу евтини, секогаш кога пишувам книга сакам тој што ќе ја купи и ќе ја чита да биде задоволен со неа, а не да помисли на што ги потрошил парите. Многу е тешко да се напише втора книга откако првата е веќе многу успешна тогаш се чувствува предизвикот и притисокот, но туркаш напред и стигнуваш до продолжението на приказната.
Сметате ли дека денес писателите и издавачките куќи се исправени пред предизвици со ерата на дигитализација? Дали денес повеќе се чита од порано?
Има многу предизвици за писателите и издавачките куќи. Младите луѓе мислам дека не читаат книги толку како порано. Тие можеби читаат ист број на зборови, но тоа се само мали фрагменти, информации, коменатри на социјални мрежи… Мислам дека тоа е тажно, зашто како што напоменав важно е според мене да се чита. Читањето носи и до просветлување и поголемо прифаќање на луѓето околу нас. Во Исланд има зголемување на продажбата на аудио книги и сметам дека тоа е добро бидејќи и сè уште ја имаме таа традиција да подаруваме книги за Божиќ, на пример. Со аудио книгите луѓето што не можат да читаат или не читале претходно сега се заинтересирани, а технологијата го овозможува тоа.
Гостинка сте на „Букстар“ фестивалот на Антолог. Каков е вашиот впечаток од ваквите средби?
Фестивалите на книги се многу убави настани бидејќи има можност за запознавање со читателите, интеракција помеѓу писателот и читателот. Читателите имаат можност да го разберат писателот како личност бидејќи тоа не може да се случи преку книгите. Можеби за мене преку книгите мислат дека сум ужасна личност хаха. Инаку последна книга што ја објавив и сум особено горда е нова детска книга која наскоро ќе биде и преведена на македонски.