Гоце Илиевски (@goce_i) е илустратор со фокус на изработка на анимации кој во своето долгогодишно професионално искуство вбројува над 200 проекти за продукциите Netflix, BreakThru Productions, Ample Earth, како и награди за музички видеа со анимација. Неговиот дизајн на постер за „Здраво Млади“ со Друидот што готви напиток доби одличен позитивен фидбек на социјалните мрежи. Тој работел и како аниматор на филмот за Винсент Ван Гог, Loving Vincent, за животот во последните денови на уметникот. Loving Vincent е првиот целосно насликан, анимиран игран филм во светот. Со него поразговаравме за уметноста, работата на анимации и инспирацијата околу него.
Што ве дефинира како уметник, како изгледаа вашите почетоци, од што се инспирирате?
Би ми било многу тешко да се дефинирам себеси, воопшто како човек, но и како уметник. Можеби интересот за разновидни начини на изразување во уметноста, и одење во длабочина во она што го работам се некои од особините. Цртам и сликам отсекогаш, и природно процесот се интензивираше во средното уметничко училиште и Факултетот за ликовна уметност, но морам да потенцирам, дека личниот порив да истражам и научам повеќе за уметноста и животот, секогаш бил главна движечка сила, на страна од формалната едукација. Мислам дека формалната едукација, во било која сфера, без личен внатрешен интерес и мотивација, е како билдање мускули без скелет, кои ќе колабираат веднаш по завршувањето на било кое училиште, факултет, курс. На работите треба да им се пристапува со живост и интерес, и она што се прави, треба да се прави со внесување искрена љубов, а не колку да се заврши, па едвај се чека да заѕвони ѕвончето и да се истрча од час, да дојде 4 и се истрча од работа, да дојде пензија што побрзо да се биде слободен и на крај се чека да заврши животот, бидејќи ваквата погрешна формула за живеење заморува премногу. Животот сам по себе е најголемото чудо во Универзумот, кое ние го земаме здраво за готово. Слободата и среќата доаѓаат сами по себе природно кога сме присутни и заинтересирани во животот кој тече во моментот и кога се има отворена перцепција кон сè живо. Се инспирирам од безброј уметници, неверојатните форми на природата и мистеријата на универзумот.
Како би ја опишале вашата уметност и досега што ви претставувало најголем предизвик во работата?
Како уметник имам повеќе пристапи кон креирањето, кои со тек на време еволуираа и се надградија природно на некој начин. Моите почетоци се можеби повеќе традиционални во однос на техниките и пристапот, но секогаш се проткајувал интерес кон мистериозни моменти во природата. Моето познавање во уметноста потоа го насочив кон дигитална уметност, а подоцна и илустрација и анимација. Понекогаш започнувајќи нешто ново може да е потешко, но кога тоа се поставува како некој вид на ,,quest‘‘ тогаш предизвикот може да биде толку инспиративен, што таа енергија од занимливост и инспирација ги надминува потешкотиите. Лично, можеби анимацијата ми била една од поголемите предизвици, бидејќи е многу тешка дисциплина, ако се работи правилно, бидејќи освен цртањето и композицијата, тука има и дополнителни димензии, како движење и време. Движењето треба да е на некој начин природно и да има логична тежина, колку и да е надреално, а времетраењето на секое движење е проблем сам по себе.
Го дизајниравте постерот за „Здраво Млади“ за годинава и имавте навистина одличен одзив за дизајнот. Ќе може ли да ни го опишете постерот од ваше гледиште и како дојдовте до идејата?
Дизајнот за „Здраво Млади“ претрпе повеќе измени и е резултат на многубројни скици како и мои лични искуства и истражувања. Централен лик на постерот е Друидот чиј карактер се базира на некои фантастични идеали за прачовек, близок до природата и до своите корени како човек, со чиста свест и интерест за живиот свет. Со познавање на длабоките тајни на универзумот, растенијата и рецепти за магични напитоци. Друидот готви напиток кој во суштина е самиот фестивал, програмата и духот на фестивалот. Во таа волшебна манџа се измешани тајните состојки на универзумот, прашина од опашки од комети, листови од егзотични растенија, прстени од планети, сакрална геометрија и мистични зборови. Со помош на верниот пријател, птицата која е љубител и дегустатор на магичните напитоци, Друидот го готви фестивалот „Здраво Млади“, создаден за младите кои преку фестивалот и музиката треба да ја вкусат тајната состојка на духот на културата, па така да се заинтересираат во добра музика, уметност и култура. Благодарен сум на тимот на „Здраво Млади“ кои ме препознаа како уметник и со кои имам одлична соработка.
Колку секојдневието ви дава материјал за работа?
Кога уметник работи долго време на креација, веќе не е прашање на моментален наплив на инспирација, туку креативниот процес е начин на живот. Сакам да се предизвикувам сам и мојот интерес за природни необични форми и форми на вселенски тела го потхранува мојот креативен процес на размислување. Во моментов живеам во Париз, па секојдневието е многу инспиративно и она што се ми е на некој начин ново ја појачува мојата перцепција. Ботанички градини ми се огромна страст, и уживам во откривање на нови форми на растенија. На огромна жал кај нас такво нешто нема. Барем не во сериозна форма. Растенијата се последно нешто на листата на вредности на нашето општество, а според мене се едни од најважните богатства во природата, и најголеми тивки учители.
Сметате ли дека секој уметник внесува по нешто од себе во своите дела или се држи до одреден правец и сфера на креирање?
Мислам дека уметникот секогаш внесува нешто свое кога креира, дури и ненамерно и оригиналност во изразот може да има и кога се репродуцира одредено уметничко дело. Но мислам дека многу уметници прават голема грешка, прво кон себе лично, кога форсираат „оригиналност“ или „стил“. До стил не може да се дојде со сила и наеднаш, туку тоа е процес кој евентуално ќе дојде, како сопствен начин на израз. Форсирајќи или копирајќи други стилови, се ограничува просторот за сопствената креативна енергија да извира од уметникот.
Дали ви се случило да западнете во креативна блокада и како излегувате од истата?
Да, се случува некогаш, и тогаш се фокусирам повеќе на техничките делови на уметноста, а прошетки во придода, планинарење, музика и филмови секогаш помагаат. Исто така при процесот на воодушевување од други добри дела човек прима дел од таа енергија и знаење.
Дали следите уметници и дизајнери и кои?
Следам и учам од безброј уметници, почнувајќи од големите мајстори од историјата на уметноста, потоа илјадници илустратори и аниматори, традиционални јапонски принтови, ретро sci-fi и други стрипови, стари дизајни на кибрити, поштенски карти, уметност на керамика и многу други креации. Би ми било многу тешко да издвојам некои, бидејќи листата е преголема.