На нашата успешна актерка Сара Климоска ѝ поставивме три кратки прашања за нејзините најнови проекти и досегашни искуства.
Вашето филмско портфолио вбројува голем број успеси во македонската кинематографија. Според вашето искуство во филмската индустрија, што досега ви претставувало најголем предизвик?
Сум избрала професија што е многу креативна и нерепетитивна, така што секој нов проект е предизвик за мене. Се разбира дека во проектите во кои сум имала поголема задача, поголеми биле и барањата и тежината, предизвикот, а и видливоста пред публиката. Но, колку и некогаш да ме плашат предизвиците, секогаш се добредојдени, бидејќи сметам дека само на тој начин можам да растам, да созревам и да се градам како актерка, а тоа е процес што трае цел живот.
Глумите во новиот филм на Горан Столевски, „Нема да бидеш сама“, што доби многу добри критики и рецензии во светските медиуми. Како се одвиваше снимањето на филмот и што мислите за приказната и за вашиот лик?
Ја согледав генијалноста на филмот уште со првото читање на сценариото. Уникатноста во приказната навистина ме фасцинира и уште од тогаш ми беше јасно дека „Нема да бидеш сама“ ќе биде одличен филм. Нескромно можам да кажам дека и не ме изненади номинацијата на „Санденс“. Сепак, ова е втора моја соработка со Горан и многу ми е драго што не заврши тогаш пред неколку години кога го снимивме краткиот филм „Види ја ти неа“, кој ја освои главната награда од комисијата на „Санденс“. Ликот што го играв во филмот за мене претставуваше навистина посебен предизвик, бидејќи четворица актери заедно го градевме, создававме и живеевме истиот лик.
Македонските филмови во последниве години го сменија наративот и се свртија кон локалните приказни, кон проблемите во сегашноста и кон промените што влијаат на секојдневието. Што мислите за последните филмски остварувања на македонските режисери?
Не можам дури и да опишам колку сум среќна со последните успеси на македонската кинематографија. Во последните неколку години имавме многу сериозни пласмани на едни од најважните филмски фестивали во светот, а со тоа се зголемува инспирацијата, потенцијалноста и квалитетот за идните генерации да имаат мотив, желба и порив да создаваат добра филмска уметност. Режисерите гордо покажаа дека со филм добро котираме на светско ниво во овој момент, но државата мора да го препознае ова, повеќе да вложува и уште посилно да го поддржува за овој тренд да продолжи во иднина.