„Една може“ го организира првиот протест во историјата на Македонија посветен на самохраните мајки!
One Can како организација која се залага за заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на родовата еднаквост и женските права ве поканува да учествувате и да го поддржите протестниот марш на 13.02.2022 година во Скопје со почеток од 13:00 часот со првична собирна локација од „Жена Парк“. Мирниот марш ќе се движи регулирано се до Министерството за труд и социјална политика.
„Со ова сакаме да ја искажеме и прикажеме сликата на самохраните и еднородителските семејства пред целата македонска јавност и сите чинители во македонското општество. Со задоволство ве покануваме сите, без разлика дали сте самохрани родители, разведени партнери, индивидуи, поддрувачи, млади и возрасни, новинари и репортери, вработени и невработени, јавни личности и политичари. Темата за самохраните и еднородителските семејства не смее да биде табу! Не повеќе!
Поводот за организирање на овој марш се дел од најголемите барања на нашите членки: почнувајќи од тоа дека треба да се зголеми социјалната помош, детски и образовен додаток да постои за сите деца од еднородителски семејства, да се превземат мерки за тоа социјалните центри и институциите да постапуваат согласно законските правила најчесто кога се одлучува кому ќе му припадне детето и по кој основ“, се вели во соопштението од организаторите.
Во прилог прочитајте ги препораките од организацијата до одговорните институции и граѓански организации.
Препораки „ЕДНА МОЖЕ“!:
До Министерство за труд и социјална политика:
- Дефинирање на термините самохран родител и еднородителско семејство во соодветните закони на соодветен – инклузивен начин;
- Допрецизирање на постојните права и нивно реформулирање со законски и подзаконски акти, како и посебни специфични мерки за различни контексти на еднородителски семејства и на самохрани мајки;
- Помагање на самохраните мајки за решавање на нивното станбено прашање, дали преку давање на социјални станови или преку давање на станбени кредити без камата и без учество;
- Создавање механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки;
- Анализа и преобмислување на системот на социјални парични бенефиции и отворање на реални можности за соодветни надоместоци за жени-самохрани мајки;
- Приспособување на терминологијата што алудира на самохраното родителство како социјален ризик, само по себе;
- Зголемување на учеството на жените-самохрани мајки во општеството преку квоти;
- Добивање на прецизни статистички показатели за бројот и состојбата на самохрани родители на национално ниво- државен архив на самохраност и еднородителство.
- Државен алиментационен фонд за децата лии втори родители не плаќаат алиментација и државен алиментационен фонд за децата кои немаат постоечки/жив втор родител
До Центарот за социјална работа – Скопје, како оперативни даватели на услуги:
- Водење архив на еднородителски семејства, самохрани мајки и деца кои користат услуги на ЦСР;
- Процена на потребите на самохраните мајки, организација и координација на соодветна помош;
- Интервенција во кризни состојби, психосоцијална поддршка и правно советување и посредување;
- Згрижување на децата во попладневни часови, зајакнување на жените и на децата преку пристап до обуки, тренинзи, семејно и родителско советувалиште;
- Пронаоѓање опции за домување, можности за социоекономски пакети како мерки за позитивна афирмација на овие жени и деца;
- Застапување и информирање во однос на законски одредби, права и мерки што ги имаат и како луѓе, жени и како ранлива категорија.
До Министерството за образование, како основоположници за еднаквост кон идните генерации:
- Зголемување на бројот на стручни работници – родови експерти во надлежните државни институции, вбројувајќи ги и образовните институции, со цел поквалитетно спроведување на програмите за работа со жени-самохрани мајки и деца од семејства во социјален ризик;
- Обезбедување стипендии за децата од еднородителски семејства за формално образование, неформално образование, курсеви за странски јазици, спортски активности, обуки, тренинзи, екскурзии и слично;
- Државна финансиска поддршка на иницијативите и програмите за работа на граѓанските организации;
- Насочување и едукација на жените кон високотехнолошките струки;
- Бесплатни државни згрижувачки и образовни институции за самохраните мајки.
До Агенцијата за вработување на РСМ, како едни од клучните чинители на патот кон економска слобода на жените-самохрани мајки:
- Сензибилизирање на работното законодавство во однос на потребите и можностите на самохраните родители за усогласување на семејниот и на професионалниот живот;
- Кампањи за дестереотипизација на работните места;
- Мерки за намалување на родовиот јаз во платите;
- Воведување на родово сензитивно буџетирање при подготовка на државниот буџет;
- Поттикнување кон самовработувањето на самохраните мајки;
- Фондови за субвенционирање на социјални претпријатија формирани од страна на самохрани мајки;
- Подобрување на системот за контрола на правата од областа на работата и работните односи;
- Предност при вработување на самохран родител или полнолетно дете од еднородителско семејство во државни институции.
До локалните самоуправи и градовите:
- Зголемување на расположливите ресурси на национално и на локално ниво за советувалишта за самохрани родители, дневни центри за децата од претшколска возраст на самохраните родители кои не посетуваат градинка, донесување на различни програми и работилници за работа со самохрани родители, центри за привремен престој на децата и друго;
- Овозможување на бесплатен јавен превоз за зголемување на мобилноста и можности за доедукации допрофесионализации, особено за жени самохрани мајки и деца од еднородителски семејства;
- Бесплатни државни згрижувачки и образовни институции за самохраните мајки.
До интернационалните тела и агенции за човекови права и родова еднаквост и до амбасадите, како поддржувачи и мотори на можности за промени:
- Сеопфатна поддршка кон целната група, особено кон професионалци кои работат на темата а најмногу кон грас-рут заедници кои по првпат во историја на постоење на Р.С. Македонија покажуваат опирање кон мракот во кои функционира целната група и прават исчекор кон заложби за позитивни промени.
До граѓанските организации, како соработници и партнери во борбата за еднакви права и можности:
- Подигнување на јавната свест за специфичните потреби на самохраните мајки и нивно детабуизирање, дестигматизација, антидискриминација и прифаќање;
- Зајакнување на самите самохрани родители и деца од еднородителските семејства за нивните права;
- Зголемување на учеството на професионалците од граѓанскиот сектор за жените самохрани мајки во креирањето на политиките за социјална заштита;
- Соодветна и ефикасна медиумска покриеност за теми поврзани со специфичните проблеми но и неопходно, решенија, на жените-самохрани мајки и на децата од еднородителски семејства.