Неодамна од печат излезе „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе]“, стихозбирка на Александра Спасеска, во издание на ПНВ Публикации.
Оваа прва стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска.
За „Портрет“, Спасеска изјави дека песните во оваа стихозбирка се сублимат на дела напишани во период од околу десет години, еден емотивно бурен период исполнет со многу интроспекции и себенаоѓања.
„Благодарам за поканата да зборувам за мојата прва поетска книга „Прости песни“, со поднаслов „На кого помислуваш кога смртта мисли на тебе“. Објавувањето на оваа прва збирка поезија почека поволен ветер, со оглед на тоа дека пишувам веќе 30-тина години, но мислам дека сега е нејзиното време, сега е подготвена светот да се запознае со неа, а и со мене. Среќна сум што го најдов совршениот партнер за нејзино ‘оживување’, издавачката куќа ПНВ Публикации.
Впечатоците ќе ги оставам на читателската публика и критика, а она што јас имам да го кажам за овие шеесетина песни е дека се една искрена лирика, една форма на арт терапија преку која се преродувам и одново се дознавам. Можам само да се надевам дека музите нема никогаш да ме напуштат, ами само ќе се населат во нови мисловни простори“, изјави Спасеска.
Изданието ќе биде промовирано во Промотивниот центар во рамки на престојниот Саем на книгата 2023, в петок, 5 мај од 19:00 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Книгата, низ разговор со авторката, ќе ја промовира Јулијана Величковска.
Во освртот кон книгата поетесата Д. А. Лори ќе рече дека „’Прости песни‘ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет.“
Додека, пак, во поговорот поетесата Снежана Стојчевска ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.
Александра Спасеска (1984, Кавадарци) има студирано на Катедрата за англиски јазик и книжевност при УКИМ.
Работела во дневниот весник „Вест“ речиси до неговото згаснување, а во моментов е заменичка на главниот уредник во „Кајгана Медиа“. Таа е дел од тимот на ДИЈАЛОГ – Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката платформа „Медуза“ и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата „Модна револуција“. Авторка е на блогот „Александрина Везилка“.
Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, печатени антологии и книжевни списанија. Застапена е во печатеното издание на книжевниот зборник „Д Сан Антонио Ривју“ (The San Antonio Review) од Сан Антонио, Тексас (САД). Учествувала на повеќе поетски читања.