Овогодишниот слоган на кампањата што Светската здравствена организација ја организира по повод 10 Октомври – Светскиот ден на заштита на менталното здравје е „Грижа за менталното здравје за сите: Ајде да ја направиме реалност“. Дел од фактите кои ги сподели СЗО во врска со менталното здравје се дека скоро една милијарда луѓе во светот имаат ментално нарушување и дека секој, насекаде може да се соочи со ваков проблем. Секое седмо лице на возраст од 10 до 19 години доживува некакво ментално нарушување, а половина од овие ментални нарушувања започнуваат на возраст од 14 години и најголем дел од нив остануваат непрепознаени и не се третирани.
По повод овој ден обрнуваме внимание на развојот на самодовербата и себепочитувањето кај децата како важен дел од грижата за менталното здравје, текст од проф. д-р Ана Фрицханд.
Детството е период од животот во кој интензивно се одвива сензомоторниот, сознајниот, социоемоционалниот и моралниот развој на поединецот. Процесот на социјализација, што почнува од раѓањето, е најинтензивен и најпрепознатлив токму во периодот на раното и на средното детство. И покрај тоа што развојот е континуиран процес што трае цел живот, сепак она што ќе се воспостави и ќе се изгради како основа во детството, повеќе или помалку, ќе пројавува тенденција да се одржи и понатаму низ животот. Затоа, во контекст на развојот на самодовербата и себепочитувањето, од исклучителна важност е детето уште од најрана возраст да изгради позитивен однос со родителите/старателите, да стекне базична доверба и сигурност во нив, со цел неговиот/нејзиниот развој да се одвива непречено. Што ќе вреднува детето кај себе зависи од тоа што родителите, наставниците и другите авторитети вреднуваат кај него/неа. Создадениот внатрешен модел за сопствената вредност опстојува, бидејќи детето ќе продолжи да одбира искуства што ја потврдуваат и ја поддржуваат неговата/нејзината слика за себе.
Себепочитувањето е димензија на поимот за себе, што се проткајува низ сите други аспекти и димензии на сепството. Тоа е чувство на сигурност во себе и задоволство од себеси кое кај децата се развива од нивните искуства и верувања. Себепочитувањето произлегува од чувството на припадност, од верувањето на детето дека е способно и од свесноста дека неговиот/нејзиниот придонес е препознаен, прифатен и ценет од страна на значајните други. Тоа го охрабрува детето да биде отворено за нови искуства, да учи нови нешта и да биде сигурно во себе. Голем дел од себепочитувањето и позитивната слика за себе се стекнуваат токму во детството. Децата кај кои себепочитувањето не е доволно поттикнувано и развиено, имаат ниска самодоверба и неретко се плашат дека ќе бидат неуспешни. Самодовербата, пак, се однесува на верување во себеси, во сопствените судови и процени, способности и квалитети. Таа е тесно поврзана со себепочитувањето и обично кога се развива едната димензија, се развива и другата. Нивото на самодоверба кај детето директно влијае врз неговите/нејзините акции, што се дотолку похрабри доколку чувството на самодоверба е повисоко. Децата со висока самодоверба имаат подобар успех во училиште, а истражувањата покажуваат дека подоцна во животот се позадоволни од работата. Себепочитувањето е, исто така, силно поврзано со среќата, односно со повисоки нивоа на самодоверба што предвидуваат повисоки нивоа на среќа. Недостатокот на самодоверба (или нејзината недоволна развиеност) придонесува кон сомнеж во себеси, чувство на пониска вредност, инфериорност, анксиозност, депресивност, апатичност итн.
Развојот на самодовербата и на себепочитувањето е тесно поврзан со развојот на сликата за себе. Во оваа смисла, најнапред кај детето се развива т.н. „постојно јас“, т.е. тоа сознава дека постои. Детето знае дека е различно од другите и тоа се нарекува „свест за себе“. Будењето на свеста за себе почнува околу вториот-третиот месец. Но, дури со појава на константноста на предмет (околу деветтиот до 12-тиот месец) се јавува вистинско постојно јас. Тогаш детето ја сфаќа својата постојаност како единка во времето и просторот. Втората етапа во развојот на сликата за себе е појавата на „различно јас“. Во оваа смисла, детето сфаќа дека според некои својства е различно од другите деца и возрасни. Развојот на сликата за себе во периодот меѓу втората и шестата година е заснован врз конкретни податоци. На почетокот на средното детство, децата се опишуваат себеси според телесниот изглед и активностите што ги прават, а сликата за себе добива ново значење. Самоописот изобилува со разни компетенции. Децата се свесни за своите физички и ментални особини и ги споредуваат со оние на врсниците и на некои возрасни. На возраст од околу осум години сликата за себе полека станува поапстрактна и поглобална. Својства на сликата за себе во периодот на адолесценција се апстрактност и исполнетост со идеализам, издиференцираност во неколку различни слики за себе зависно од социјалните врски, контексти или улоги, променливост во зависност од ситуациите и протокот на времето, присуство на контрадикции, постоење на реална, наспроти идеална и/или можна слика за себе, како и вистинска наспроти лажна слика за себе, присутни се многу социјални споредувања во текот на себевреднувањето, постои несвесна слика за себе итн.
За развојот и јакнењето на самодовербата и себепочитувањето пресуден е односот на родителите/старателите кон детето. Социемоционалната клима во семејството, начинот на комуницирање помеѓу неговите членови, ставовите кон детето и очекувањата од него многу влијаат врз тоа во која насока ќе се развиваат посочените две димензии. Оттука, родителите/старателите, пред сѐ, задолжително и секојдневно, треба јасно да му покажуваат на детето дека е прифатено онакво какво што е и дека е сакано безусловно. Притоа, пофалбите, поддршката и охрабрувањата на напорите што детето ги вложува во своите активности (на пример: „Браво! Многу се гордеам со тебе!“) се значаен дел што придонесува во изградбата на позитивната слика за себе и директно ги засега самодовербата и себепочитувањето. Родителите/старателите треба да бидат истовремено и грижливи и решителни. Решителноста е посебно важна, бидејќи служи за насочување на однесувањето на детето, давајќи му многу можности за развој на здраво себепочитување. Понатаму, исто толку значајно е родителот/старателот да му покаже на детето дека верува во него/неа и во неговите/нејзините способности (на пример: „Не се сомневам дека ќе бидеш одличен/на! Јас знам дека ти тоа го можеш!“). Овде е многу важна рамнотежата во односот. На детето треба да му се остави простор слободно да избира што ќе направи во случај таквиот избор да не му ја загрозува безбедноста и животот. Токму затоа, родителите/старателите треба одлично да го познаваат сопственото дете, будно да го следат, како и состојбата во околината и изборите што му/ѝ се нудат, со цел да донесат мудри одлуки за тоа кое искуство би го поттикнало развојот, а кое претставува опасност и би можело да му наштети на детето. Ова е така, затоа што поттикнувањето не значи да му се дозволи на детето да го реализира секој свој каприц, туку да му се дозволи да преземе разумен ризик со цел да научи нови и корисни вештини. На сето ова се надоврзува неопходната трпеливост, одвојувањето време за да се биде со детето и квалитетно поминување на времето со детето, како и давањето можност самото да успее во тоа што го прави (на пример: „Гледам дека се обидуваш и вложуваш многу труд за да успееш! Продолжи така! Одлично ти оди!“). Начинот на комуникација и активното слушање се уште еден исклучително важен аспект што на детето му праќа порака дека е важно, дека е сослушано и прифатено и дека неговото мислење, чувствата и потребите се препознаени и почитувани. И за крај, иако не и последно значајно – здравиот хумор и надежта не смеат да се заобиколат, бидејќи тие се најубавите и бесплатни подароци што родителите/ старателите можат секојдневно да им ги даваат на своите деца во неограничени количества.