Ниеден прирачник за родителство, ниеден подкаст, ниту популарен Инстаграм профил од областа на психологијата, не ме подготви за фазата полнолетсво на дете. Фазата почна кога мојот најстар син наполни 16 години, сè уште трае и како се приближуваше неговиот 18 роденден, мојот хаос стануваше сè поголем. Но да почнам од почеток. Прво без никаква најава, вашите деца, не ви дозволуваат да ги фотографирате кога ќе посакате, па не смеете пред другарите премногу да зборувате, па потоа ве бркаат зашто ќе имаат гости, па на крај морате да го најавувате своето присуство во сопствениот дом. И сè тоа ми беше слатко и симпатично додека не почнаа излегувања и светот на ноќниот живот. Плус дополнителна каша ми правеа спомените на мојата младост, лажгите што секојдневно им ги пласирав на моите родители, сите опасности кои цело време беа околу мене. Стопиравме, експирементиравме со сè и сешто, буквално од ништо немавме страв. Од овој денешен аспект, најфасцинантно ми е што и тогаш гледав дека моите родители патат и се нервираат, но апсолутно не ми беше гајле. Овие сеќавања ми правеа голема анксиозност и секојдневно правев црни сценарија за иднината на мојот син, што резултираше со сè поголем притисок и караници. Мислев дека чувствувам притисок зашто живееме во град во кој има казина на секој чекор, каде голем број од препаратите што создаваат зависност можеш да си ги купиш на бензиска иако си малолетен (снузови, вејпови и сл), и каде вистински предизвик е да излезеш од раната младост без некој порок. Постојано стравот ме управуваше и водеше, станував нервозна, ја анализирав секоја негова постапка, вршев сопствени истраги, со сериозно нарушување на неговата приватност. Свесна бев дека со ништо не ја загрозил мојата доверба и немам потреба да го правам тоа, но не можев да си помогнам.
Едно утро гледав документарец за штркови и иако знаев дека се територјални птици, премногу бев фасцинирана дека секоја година се враќаат во истото гнездо. Тие кога ќе се вратат го поправаат и доградуваат своето гнездо и тоа само станува сè постабилно. И тогаш сфатив дека времето не може да се задржи, природниот пат да се успори. Иако дел од срцето ми се бунтува, љубовта кон моите деца бара да сум храбра, бара да научам да ги пуштам. Да верувам дека сум направила сè што сум можела и знаела, за да ги подготвам за светот. Да прифатам дека тој е млад човек, со сопствен идентитет, со сопствени соништа, кои можеби ќе се разликуваат од моите. И тогаш во тоа сознание ми се роди силно и искрено чувство на гордост. Гордост што сум сведок на неговото растење, на сите негови победи и предизвици. Гордост што гледам дека се создава човек што ќе остави само свој, уникатен печат во светот.
И на крај дефинитивно да пуштиш некого, не значи да го изгубиш. Значи да му дадеш слобода да биде свој и да живее како сака. И додека гледаш како твојата улога се менува, љубовта е секогаш тука, силна, безусловна и вечна, како најсилен потсетник за најчиста форма на љубов.