Писателот Петар Андоновски минатиот месец во листата на своите успеси запиша и едно меѓународно признание, поради кое сакавме накратко да поразговараме со него и да ги сподели со нас импресиите од оваа награда.
Неодамна станавте добитник на Европската награда за литература, за романот „Страв од варвари“. Какво е чувството да сте лауреат на една ваква престижна награда?
По Роман на годината на Утрински весник во 2016, Европската награда за литература е втора престижна награда што ја добивам за моето творештво. Наградите пред се се убаво признание за тоа што го работиме, тие можат да бидат мотивација, но може и целосно да ве блокираат. Европската награда е виза која на „Страв од варвари“ ќе му ги отвори јазичните граници. А за еден автор нема поголем успех од тоа неговото дело да допре до што повеќе читатели.
Во едно ваше интервју изјавивте дека ова што ни се случува не е живот, туку глумење живот. Наоѓате ли мотив за пишување во овие неизвесни околности?
За писателите ново настанатата ситуација не е непознато искуство, секогаш кога ќе пишуваме нова книга ние сме во самоизолација. Нема состојба која може креативноста да ја стави во карантин. Периодов кој го поминав дома го искористив за пишување на мојот нов роман ,,Неверство”.
Што читате во моментов?
Во моментов не читам ништо. Пред некое време завршив со пишување на новиот роман. Но иако ова ми е четврт роман разделабата со него тешко ми оди. Постојано се навраќам на него.
Имам чувство дека делата на новите генерации, млади македонски автори оставија силен читателски впечаток. Задоволен ли сте од моменталната состојба во македонската литература?
Иако немаме некоја долга книжевна традиција, македонската книжевност по ништо не заостанува зад многу поразвиени книжевности. Но она што најмногу ме радува што се повеќе се читаат домашни автори и што повеќе читателите ја немаат предрасудата дека македонската книжевност е здодевна.
Во светската криза што ја донесе пандемијата на Ковид многу луѓе побараа бегство во уметноста и креативноста. Сметате ли дека работите никогаш повеќе нема да бидат исти?
Најголем дел од луѓето живеат со надеж дека еден ден ќе се разбудат и се ќе биде како претходно. Но светот повеќе не е ист. Мислам дека уште не сме свесни за тоа. Допрва не очекува соочување со реалноста која се повеќе ми личи на дистописки роман.