Геновева Качуркова почнала да се занимава со сликарство пред неколку години, паралелно со нејзината работа како вокал на електронската сцена. Соработува со артисти и продуценти од различни континенти, а нејзиното име може да се најде на неколку изданија за престижни издавачки куќи за електронска музика. Во една рецензија посветена на нејзиното сликарско творештво, се вели дека нејзините дела асоцираат на замрзнати парчиња музика преведени во боја. Досега има учествувано на неколку групни изложби.
Моите уметнички дела се олицетворение… на мојата најдлабока внатрешност, на секакви состојби, на мојата желба да се истражувам себеси, на сѐ што не можам да го кажам со зборови, бидејќи искуството ми било предлабоко и зборови не можат да опишат.
За еден уметник да твори е најважно… да има желба или голем внатрешен порив, и да има дисциплина и здрава работна навика, да не се обесхрабрува ако располага со малку сликарски материјали, туку напротив тоа да го искористи за да извлече уште поголема креативна енергија од себе. Најдобрите дела мислам дека ги имам направено кога сум била во криза со материјали. Вадиш техники од ракав.
Инспирација и мотиви за сликање наоѓам во… себе најчесто, бидејќи сум доста интровертна, и поминувам многу време сама. И во луѓето што се чисти души, инстанта инспирација. Ме интересира доста хемија, хемиските процеси и однесувањето на материјалите на различни подлоги под дејство на хемикалии. Ме интерсираат првите мигови на интензитет, кога се создава некоја емоција или форма, просторот помеѓу ништото и формата, како изгледа процесот кога бесформното добива форма и балансот низ енергетската игра.
Со уметност се занимавам од… рана возраст, но секогаш тоа било поврзано со музика, а со сликарство се занимавам во последниве неколку години.
Техниката што најчесто ја користам е… комбинација слика-цртеж мешани медиуми, акрилни бои, туш, графитен акварел, пастел, секакви моливи пенкала и маркери, и користам многу хемикалии. Најчесто работам минијатури на хартија, или поголеми платна.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добилa… е дека делата ми изгледаат како замрзнати парчиња музика (од Јана Колева).
А негативна… дека не се промовирам доволно, и дека немам уште ни веб страница, што е точно.
Најчесто се вели дека сликите говорат за внатрешните чувства на уметникот… 100% се согласувам, внатрешните светови на секој човек се богатство и инспирација доколку се осмелиш да ги погледнеш, дури и не само на ниво на чувства, туку и на многу подлабоко ниво. Подлабоко од умот и сетилата, каде што е изворот на повисоката интелигенција или како што ја викаат духовната димензија. Мислам дека секое дело е рефлексија на тоа до каде е уметникот на своето спиритуално патување.
Најголема можност за еден уметник да допре до поширока публика е… преку изложби, интервјуа, исто така да имаш добар тим на луѓе кои ќе се заложат за промоција на твојата уметност, бидејќи е тешко сѐ да правиш сам.
Индивидуалноста и креативноста на еден уметник најмногу доаѓаат до израз… кога не прави за другите туку за себе, кога работи на дела со чиста намера за да го исканализира тоа што му е однатре, и кога си дозволува искрено да си го следи и прави тоа што му е забавно, како што прават децата кога си играат, затоа цртежите им се најубави.