Дизајнерката Маја Кикириткова ја претстави нејзината нова колекција „Партизанка“ , која треба да испрати моќна порака против онлајн насилството.
- Ова не е обична приказна, ова не се обични фотографии, ова е нешто што долго тлее кај мене, кај нас. Кога ги поканив Миа Костова и Александра Шијаковска да бидат дел од кампањата за најновата моја колекција, и им ја раскажав приказната, без размислување се согласија. Мојата цел беше да се подигне свеста и да се почне колективна борба против говор на омраза, борба против сајбер булинг. И не случајно сме трите овде, не случајно токму ние сакаме да ја пренесеме пораката. Пораката може да ја пренесе тој што ја доживеал, а сите три сме биле жртви на сајбер булинг. До кога ќе бидеме неми и глуви на темава?! До кога сѐ ќе криеме длабоко во нас, не оставајќи простор јавно да говориме?! До кога оваа тема ќе биде табу тема?! До кога ќе нѐ интересира што ќе каже другиот?! До кога ова нема да биде казниво со закон?! Можам вака до бесконечност со прашањата “ДО КОГА?!” Името на колекцијата е “Партизанка”, која не случајно е насловена така, бидејќи инспирација е партизанката како жена која се борела за поинакви права. Жена која не била потчинета, жена која облекува панталони и оди во борба. Јака жена, хероина, која знае да крене глас и со пушка во раце да оди во борба. Со оваа кампања, сакаме да пренесеме една многу битна порака, вели дизајнерката.
Годинава е 15 години постоење од нејзиното творештво, па јубилејот го одбележува со прогрес и промени за кои се борат сите три.
- Самата колекција е изработена од лен, во земјени тонови, како најприроден и удобен материјал, со златен премаз по основата кој му дава еден лукс момент. Беџовите прикачени на самата облека се превземени од тој војнички стил. Партизанските капчиња ја надополнуваат целата приказна. Колекцијата е составена од кошули, панталони, здолништа, елеци, фустани, вели Маја Кикириткова.