Погледнете го нашиот избор за книги за месец април кои може да ги најдете низ некоја од продавниците на македонски издавачки куќи.
„Што ти се случило?“ – Опра Винфри и Брус Д. Пери (Арс Ламина)
Бестселерот број 1 на „Њујорк тајмс“, „Што ти се случило: разговори за траумите, за отпорноста и исцелувањето“ од Опра Винфри и Брус Д. Пери деновиве излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Според критиката, оваа книга ќе го промени начинот на кој го гледате вашиот живот. Дали некогаш сте се прашале „Зошто го направив тоа?“ или „Зошто не можам да го контролирам моето однесување?“ Другите можат да ги осудат нашите реакции и да помислат „Што не е во ред со оваа личност?“ Кога ги преиспитуваме нашите емоции, лесно е да ја лоцираме вината во себе; себеси и на другите околу себе да им поставуваме невозможни стандарди. Време е да почнеме да си поставуваме поинакво прашање.
„Небото“ – Пиа Лејно (Артконект)
„Небото“ е дистописки роман што се занимава со исклучително актуелни теми: климатските промени, растечката нееднаквост во рамките на социјалната држава, моќта на технолошките иновации, потребата на луѓето да живеат во паралелен виртуелен свет, силата на десничарските националистички движења. Приказната е сместена во поранешната престолнина на Финска, градот-држава Хелсинки, во 2058 година. По граѓанската војна, општеството е драстично променето, а власта ја има преземено националистичкото движење наречено Светлината. Сите граници се затворени, контактот со надворешниот свет не постои и веќе никој нема визија за посветла иднина. Наместо тоа, Светлината на своите граѓани им ја нуди можноста дел од своето слободно време да го поминат во виртуелно создадениот свет наречен Небото. Токму во тој виртуелен свет, младиот научник Аксели ја среќава Ина. Нивната љубов ќе предизвика промени што ги надминуваат границите на една обична љубовна приказна.
Љубов, омраза, лекување – Мелани Клајн и Џоун Ривиер (Ѓурѓа)
Оваа книга ќе ви помогне да изградите подобра емоционална врска со другите, но и да се откриете себеси. Ќе прочитате за некои од несвесните ментални процеси што лежат во основата на чувствата и дејствувањето. Од една страна, импулсите на љубовта, а од друга страна, интеракцијата на омразата и агресијата. Двајца еминентни психолози дискутираат за инстинктивните извори на емоцијата – Мелани Клајн, чие учење довело до формирање на еден од најпознатите правци во психоанализата, познат како Клајнова психоанализа, и Џоун Ривиер, британска психоаналитичарка и преведувачка на Фројд. Разберете ја важноста на емоциите и нивниот понатамошен развиток. Ова ремек-дело е класичен водич до човековата психа и до несвесните агресии, кои денес стануваат сè поприсутни и пообемни, па оттаму е нужно нивно препознавање и лекување. Бидете архитекти на сопствената среќа!
„Балерини“ – Мирженка Чехова (Антолог)
Роман за контроверзиите на образованието и практиката на класичната балетска уметност.
Појавата на оваа книга предизвикала сериозни дебати во балетскиот свет во Чешка и побудила контрадикторни реакции кај читателската публика: некои ја осудуваат за оцрнување на класичниот балет, а други ја доживуваат како поттик за сериозно преосмислување на практикувањето на оваа уметност.
„Трезност и лудост“ – Жан Илиески (Полица)
Ова е раскошна приказна раскажана во реалистичен стил, сместена во Сиена, Италија, во текот на еден месец во летните денови на 1976 година. За време на палиото – средновековна трка на коњи без правила, во градот доаѓа неколкугенерациското семејство на С., човек во осмата деценија од животот, авантурист со спортски дух, но во исто време и сентиментална душа склона кон осаменост и контемплација.