Знаеме дека навиките на луѓето не се менуваат лесно. Но, доколку успееме да ги увериме луѓето дека навиките ги менуваме за доброто на сите, можеби поголем дел од нив ќе решат да ја направат промената и да ги прифатат новите трендови.
Ова е ставот на Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак, во поглед на создавањето на здрави еколошки навики и подигање на еколошката свест во земјата. Пакомак неодамна постави 25 нови вендинг машини во маркетите на Тинекс и ВЕРО во Скопје, а дополнителни 2 машини беа поставени во маркети на ВЕРО во Тетово. Преку нив, граѓаните можат да селектираат лименки и пластични шишиња, а во замена да добиваат „зелени поени“ за пазарување. Машините за селекција на отпад на Пакомак се поставени во поголемите маркети на Тинекс и ВЕРО во Скопје.
„Интерес постои од самиот почеток, но на луѓето им треба време да се адаптираат на одложувањето отпад преку новите вендинг машини. Засега, главната причина зошто луѓето не ги користат помасовно е поради тоа што немаат стекнато навика за селекција на отпадот дома. Затоа, Пакомак активно работи на едукација на оваа тема и се обидува да обезбеди што полесно приклучување на поголем број луѓе кон одговорниот начин на одложување на отпадот“, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Скопје и Тетово се првите градови во кои беа поставени нови вендинг машини за селектирање отпад, а во иднина планирано е проширување на целата територија на Македонија. Поради големиот интерес од општините и од мештаните, вендинг машини ќе бидат поставени и во Штип и Берово.
„До крајот на оваа година ќе поставиме уште 30 машини. Дел од нив ќе бидат во главниот град, но планираме да ги вклучиме и Штип и Берово, како општини со високо ниво на еколошка свесност и заинтересираност за машините“, вели Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.
Повратните вендинг машини беа развиени од страна на Пакомак, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации. Тие се поврзани со мобилната апликација „Пакомак Екомак“, преку која се евидентира типот и количината на отпад кој се одложува во машините, а по одложувањето на корисникот му се доделуваат „зелени поени“ кои може да ги потроши во маркетите на Тинекс и ВЕРО.
Како македонски производ направен според потребите на локалното население, повратните вендинг машини на Пакомак имаат пониска цена на производство и на одржување, додека истовремено придобивката од селектирањето преку нив претставува соодветна награда („зелени поени“) која ќе им го олесни животот на граѓаните и ќе ги поттикне да го селектираат отпадот почесто.
Од Пакомак велат дека за да доживееме целосна промена во начинот на кој го одложуваме отпадот на национално ниво, мора најпрво да ја зајакнеме инфраструктурата – нешто што е дел од дејноста на компанијата и нешто што Пакомак активно го прави, преку поставување на соодветни канти, контејнери и повратни вендинг машини. Но, подеднакво важна е едукацијата на населението, како и законската регулативата, која треба да го следи примерот на голем дел од земјите ширум Европа за да можеме да ги постигнеме националните цели.