Во МКЦ од 16 до 23 септември за јавноста е достапна изложбата „Во кревет“ на младата авторка Мила Добревска.
„ Многу сум благодарна на сите кои дојдоа на отворањето и се надевам дека љубителите на визуелната уметност ќе ја посетат мојата прва самостојна изложба”, вели Мила Добревска.
Од МКЦ, пак, велат дека изложбата претставува истражување на душата и потсвеста на човекот во својата најинтимна, најлична состојба. Овој опус, веројатно, доаѓа од авторовото истражување на личното и интимноста. Со креативната репрезентација на секојдневието, делата се претставени како потрага по инстинктивното и потсвесното.
Мила Добревска е современа визуелна авторка (сликарка и мозаичар), која со својот единствен ликовен јазик, комбинирајќи ги експресивните движења на четката, играта на боените површини, како и редењето на мозаиците, има за цел да доловува и буди силни човечки емоции. Родена е во 1999 година во Скопје. Средното образование го завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски” – Скопје, оддел сликарство, а своите студии ги продолжува на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, каде што дипломира како визуелен уметник и мозаичар. Моментално Добревска ги завршува своите постдипломски студии на истиот факултет во Равена, со фокус на мозаик.