Тони Зен долги години е дел од македонската музичка сцена, и имавме можност да го гледаме неговото растење, развивање и созревање како артист низ неколку музички правци и албуми. Покрај одличната музика постојано е во потрага по своја подобра и покреативна верзија. Овој пат со него разговараме за новитетите со кои во моментов се занимава.
Неодамна го претставивте „Omni represent“ внимателно избрани стрит парчиња, маици блузони и капи, кој е продолжение на вашиот креативен израз. Кажете ни нешто повеќе за овој нов начин на изразување?
Идејата тлееше во мене неколку години, без да има конкретна форма, или да знам како точно ќе изгледа, но дефинитивно не е нова. Јас и во минатото се имам занимавано на некој начин со трговија, бидејќи со мојата мајка имавме продавница за хип-хоп облека, така да не ми е целосно ново поле на интерес. Инаку „Omni represent“ дојде во вистински момент, 5-6 години трагав по нешто целосно ново, со ново име, нов симбол, да е на некој начин одвоен од Тони Зен.
На кој начин се определивте за ова име и лого, кој дел од вас го претставува?
Сегашното име не беше мој прв избор, односно додека дојдовме до „Omni represent“ поминавме многу имиња и долги „brainstorming“ сесии. Името се наметна само по себе, како одговор на мојата отвореност кон целта, едноставно си реков дека вистинското име ќе ми се одвои само од останатите, ќе го препознам. Исто така си реков дека ќе се појави и вистинскиот човек, што ќе го направи дизајнот, и тоа беше така се појави Игор Делов, кој според мене е гениј, тој во самото лого вметна толку многу работи, толку многу суштини. Самиот симбол според мене и според Деле има многу длабока суштина.
Што беше пресудно при изборот на материјалите и боите кои се дел од „Omni represent“? Што можете да истакнете за самата облека, што ја издвојува од останатите брендови?
Оваа колекција, односно првите работи што ги нудиме се составени од органски памук, односно блузите и дуксерите се органски памук, со рециклиран полиестер, а маиците се 100% органски памук. Тоа беше моја желба, да нудам високо квалитетни еко материјали. Свесен сум дека на нашиот пазар има дефицит на ваков вид на материјали, не знам дали има свесност за плаќање повисока цена за ваков вид на облека, и знам дека сме мал пазар, но сепак сум оптимист и се надевам на добар прием.
Сметам дека тоа се парчиња што не таргетираат определен тип на луѓе, односно мојата идеја е дека секој што ќе се препознае во нешто што нудиме е добредојден. Начелно тоа е облека за секого, што може да се носи секаде. Како и мојата музика, моите песни што сакам сите да ги допрат без некакво ограничување, без осудување така и облеката. Колку повеќе време посветувам на ова, размислувам како трговец и човек, почнав да размислувам и за иднината, градам мрежа на соработници, односно се поврзувам со луѓе што сметам дека ќе ми помогнат да го развивам и градам „Omni represent“. Сега повеќето од работите ги правам сам, но секако дека сметам дека постојат и постручни лица. Сега ќе пласирам избор од летни парчиња, маици, капи, внимавам да користам точни термини бидејќи не сакам да навредам никого. Не сакам да го користам терминот колекција, зашто јас не сум моден дизајнер, тоа е еден многу посложен процес за кој јас не сум стручен, и од почит кон нив, сакам да користам вистинска терминологија. Ја избирам и решавам за многу работи како ќе изгледаат финално, тоа е мој креативен израз, избирам бои, материјали, финален изглед но сепак да користиме правилен речник. Сите модели може да ги погледнете и нарачате на следниов Инстаграм профил: