Секојдневно и не по наша волја, учиме за кревкоста на животот и за тоа како многу работи се надвор од нашата контрола. Постарите нè учат да ги славиме малите работи. Огромната преоптовареност со информации нè соочува со порој од избори и така се впуштаме во активности што нè тераат да заборавиме на реалноста. Музика, книги, театар, спорт, видеоигри. На еден начин или на друг, сите генерации се виновни за ова. Но, како генерација која е дигитално и визуелно описменета на целосно нов начин, уметничката насока која е најсочувствителна со нашето постоење е филмот. Не само затоа што сè повеќе станува сè полесно достапен за гледање туку зашто ни кажува нешто на начин што нам ни изгледа магично необјаснив. И отсекогаш го правел тоа. Филмскиот критичар Роџер Иберт вели:„Секој одличен филм треба да изгледа нов секојпат кога го гледаме“.Како се мери колку е добар еден филм? Некои ќе речат дека кино-благајните сe добро мерило за тоа. Но, не мислам дека причината поради која се навраќаме на истите филмови е парите што ги заработил тој филм во кино-благајните. Некои, пак, ќе речат дека бројот на награди е добар индикатор за нивната големина. Можеби… но филмските автори не ги прават работите што ги прават за награди. Сепак, како љубители на филмот, ние и луѓето кои го прават, славењето на оваа огромна индустрија не е секогаш мала работа.
Франција ја има Златната палма, Италија го има Златниот лав, Германија ја има Златната мечка, а Америка го има „Оскар“. Никој навистина не знае од каде потекнува името на веројатно најпрестижната филмска награда во светот. Една популарна теорија вели дека Маргарет Херик, која во тоа време била библиотекарка во Академијата (подоцна извршен директор), посочила дека статуетката личи на нејзиниот чичко, Оскар. Некаде до шестото доделување на наградите во 1934 година, холивудскиот колумнист Сидни Сколски го употребил името Оскар во својата колумна, референцирајќи ја првата награда за најдобра женска улога на Кетрин Хепберн. Но, Академијата не го користела прекарот официјално сè до 1939 година, на единаесеттото доделување на наградите „Оскар“. Добропознатата златна фигура е модел од витез кој држи меч и стои на филмска ролна, дизајнирана од уметничкиот директор на МГМ (Метро-Голдвин-Мајер), Седрик Гибонс, во 1928 година. Во првата верзија, ролната со филм имала пет шпица што ги претставувале оригиналните пет гранки на Академијата: актери, режисери, продуценти, техничари и сценаристи. Првото издание на наградите „Оскар“ се одржало во мај 1929 година, каде што биле доделени 15 статуетки, а првата за најдобар филм заминала кај филмот „Крила“ на режисерот Вилијам Велман. Затоа што некаде во ова време звукот бил претставен како нова иновација во индустријата, на „Џез-пејачот“ (еден од првите звучни филмови) не му било дозволено да се натпреварува за најдобар филм, бидејќи Академијата одлучила дека е неправедно да дозволи филмовите со звук да се натпреваруваат со немите филмови.
95 години подоцна, „Оскарот“ веќе одамна се смета како симбол за големо достигнување на најголемите филмаџии во историјата. Оваа година десет филма ќе се борат за посакуваниот „Оскар“ за најдобар филм. „Топ ган: Маверик“, „Жените зборуваат“, „Сè во исто време, „Триаголник од тагата“, „Елвис“, „Тар“, „Фејбелманови“, „На Запад ништо ново “, „Аватар: Патот на водата“ и „Баншите од Инишерин“. Секоја година, по номинациите, Академијата ги поканува сите номинирани филмски работници на формален ручек. Оваа година, Том Круз ја играше главната улога на настанот и сите уживаа во неговата ѕвездена персона. Стивен Спилбергсе пошегува со него (дуото работеше заедно на „Војна на световите“) дека неговиот нов филм ја спаси филмската индустрија или, поточно, киносалите.
„Топ ган: Маверик“ ѝ покажа на публиката дека сè уште има можност за гледање филм во кино, но и дека тоа е дефинитивно вистинскиот начин како да се искуси еден филм. Круз ја репризираше улогата на Пит Мичел и затоа што внимателно ги одбира улогите што ги игра, причината за неговото враќање е многу повеќе од евоцирање на осумдесеттите и нивната комфорна носталгија. Затоа што Тони Скот го направи токму тоа во првата инсталација, овој пат Џозеф Косински ја презема улогата на режисер и со помош на сценаристот Кристофер Меквари(долгогодишен соработник на Круз) напишаа не само адреналинска авантура туку и емотивна семејна драма. Но, „Топ ган“ не би бил „Топ ган“ без фантастичната акциска кинематографија. Приказната ја слави акцијата како жанровски столб на филмската уметност.
Освен „Маверик“, мултиверзум-авантурата „Сè во исто време“ донесе свежина во акцискиот жанр. Предводен одМишел Јeо, Кe Хи Кван и Стефани Сjу,„Сè во исто време“ со неверојатна сила и самодоверба пристигна во нашиот универзум и ги размрда кино-благајните, кои во последно време се преполни со суперхеројски филмови. Филмот како уметност работи одлично кога личните интереси на авторот се закопани во заплети и жанрови, толку многу, што веќе стануваат непрепознатливи. На тој начин, публиката го прави филмот свој, бидејќи ќе излезе од киносалата со свое чувство за интерпретација, сите од кои ќе бидат точни. Ако стотина луѓе го гледаат филмот, тогаш тие гледаат сто различни филма. И има многу да се интерпретира зад значењето на овој филм. Иновациите сами по себе потврдуваат дека ова е дело за кое се размислувало долго време. Иако е визуелно извонреден и во одредени моменти, не само ликовите туку и самиот филм скока од еден жанр во друг, сепак зад овие техники постои и филозофија.
Затоа што беше година на одлични перформанси, некогаш филмот е засенет од глумецот кој го носи неговото име. Можеби тоа е повеќе вистина за „Елвис“ отколку за „Тар“, но Остин Батлер навистина се претвори во Елвис (Присли), воодушевувачкиот биографски филм во режија на Баз Лурман. Модернизираниот и енергичен пристап не само на начинот на којшто е направен туку и начинот на кој неговата музика е размешана со нов стил, го направи „Елвис“ привлечен за новата генерација. Филмот не е премногу заинтересиран да го втемели Присли во реалноста. Ако статусот на неговиот имиџ во тогашноста во која постоел била слична на кралска, статусот на неговото уметничко наследство, кога веќе го нема, е суперхеројска.
Кејт Бланшет ја немаше одговорноста да игра историски лик, но бидејќи Кејт е Кејт, ја изигра фиктивната композиторка (Лидија) Тар со таква убедливост, што многу помислија дека игра вистинска личност. Во светот во којшто живее, Тар е најславната композиторка и диригентка во него. Таа е првата главна диригентка на Берлинската филхармонија. Како што почнува да го подготвува своето претстојно снимање на Петтата симфонија на Малер, приказната го следи нејзиниот веќе фантастичен подем и нејзиниот постепен пад, во кој нејзината грандиозна личност и его се главните виновници. Должејќи се на режисерот Тод Филд и неговата одлука да ја остави камерата подолго да снима, филмот добива чувство на минимализам во неговиот пристап. Но, моќниот перформанс на Бланшет е незаборавен и ниту за еден момент, бавната визуализација на Филд не ни претставува никаков проблем.
Во 1930 година, „На Запад ништо ново “, базиран на истоимената новела на Ерик Марија Ремарк, го освои „Оскарот“ за најдобар филм, а Луис Мајлстоун ја зема статуетката за најдобра режија. 92 години подоцна, истата приказна се бори за истата награда. Филмската индустрија со секој револуционерен филм ја поместува границата на тоа што претходно се сметаше за невозможно. Од аспект на компјутерски ефекти и начинот на којшто може да се движи камерата, нема идеја што не може да се имплементира. „На Запад ништо ново“ е далеку од револуционерен филм. Всушност, тој е и далеку од добар воен филм. Причината поради којашто оваа приказна е повторно раскажана, речиси сто години подоцна, е бидејќи овој пат ја имаат технологијата да ја покажат војната како допирлив хорор. Можноста да ја влечат камерата каде што сакаат и да ни покажат (по којзнае кој пат) непрекинати кадри како војници трчаат низ рововите, додека компјутерот ја води војната за нив. Иронијата е во тоа што, наместо заедно да ја искусиме во кино, бевме принудени да ја гледаме сами дома на „Нетфликс“. Главната емоција е неослободувачка тензија и страв. Никогаш филмот не нè пушта да чувствуваме нешто друго и како резултат, финалниот производ излегува заморен. Нема ништо ново на Западниот фронт, бидејќи пораката е „војната е пекол“. Како да не го знаевме веќе тоа?
Стивен Спилберг, мајсторот на филмот и неговите магични моменти, со помош на сценаристот Тони Кушнер, раскажа една таква интимна драма што ја дефинира неговата љубов кон филмот, но и динамиката на неговото дисфункционално семејство, со непоколеблив стил и умешност. „Фејбелманови“ не е типичен Спилберг-филм, бидејќи ги нема тие елементи на потенцијална заработка во кино-благајните. Затоа што публиката е веќе непрепознатлива, усвојува нов процес на гледање филмови, а тоа не вклучува долги филмови во кои ниту една минута не содржат возрасни луѓе, облечени во хеланки и наметки, како се тепаат во воздухот. Затоа не е воопшто чудно како нивниот вкус најде сојузник во „Аватар: Патот на водата“, кој само го зацементира мислењето дека на Џејмс Камерон и можеби уште два-три режисери/ки треба да им биде дозволено да прават блокбастери. Технологијата е искористена да ја возвиши емоцијата, а не да ги покрие сите слабости на продукцијата. „Триаголник на тагата“ е опремен со острото сатирично сценарио и слики измислени од шведскиот режисер Рубен Естлунд, покривајќи теми како: социјални хиерархии, родова динамика на моќ, комунизам и капитализам. Ова е последниот филм на Чарлби Дин пред нејзината смрт во август 2022 година и има неверојатни споредни изведби на Вуди Харелсон и Доли де Леон и, секако, главниот одѕив на Харис Дикинсон, еден од највозбудливите млади актери во индустријата. Секако, покрај сите изненадувања во годината, триото составено од режисерот Мартин Мекдона и глумците Колин Фарел и Брендан Глисон повторно се обединија да ни го донесат еден од најдобрите филмови за оваа година, црната комедија „Баншите од Инишерин“. Приказната е исполнета со препознатливиот хумор на Мекдона, одвивајќи се на фиктивниот ирски остров Инишерин. Доживотните пријатели Падрик (Фарел) и Колм (Глисон) одеднаш го прекинуваат своето пријателство, но процесот на откривање каде што сè тргна наопаку е поставен на вознемирувачки комичен начин. И единствениот филм номиниран за најпрестижната награда на „Оскар“, чиј предводник е режисерка е „Жени зборуваат“. Приказната е инспирирана од вистински настани што се случиле во колонијата Манитоба, оддалечена и изолирана менонитска заедница во Боливија. Извонредната кинематографија се должи на одличната колаборација на режисерката Сара Поли и режисерот на фотографија Лик Монпелје, каде што филмот успева во тоа што многу филмови во последниве неколку години се чини дека го избегнуваат. А тоа е филмот да изгледа како филм.
Иако се чини дека борбата за најдобар филм, но и другите главни категории изгледаат неизвесно, ако треба да предвидиме кои ќе бидат победници, тоа би биле овие: Најдобра споредна машка улога: Ке Хи Кван за „Сè во исто време“. Најдобра споредна женска улога: Кери Кондон за „Баншите од Инишерин“. Или можеби Стефани Сју за „Сè во исто време“. Најдобар режисер: Стивен Спилберг за „Фејбелманови“. Или можеби дуото Даниел за „Сè во исто време“. Најдобра главна машка улога: Остин Батлер за „Елвис“. Или можеби Брендан Фрејзер за „Китот“. Најдобра главна женска улога: Мишел Јео за „Сè во исто време“. Или можеби Кејт Бланшет за „Тар“. Најдобар Филм: „Фејбелманови“. Или можеби „Тар“. Или можеби „Сè во исто време“.