Дрита Ислами е нашата најдобра атлетичарка, која неодамна постави нов државен рекорд на 400 метри во сала. Фокусирана е да ја постигне најдобрата верзија од себе и да не претставува на Летните Олимписки игри во Париз 2024.
Годинава ја почнавте на најдобар можен начин, со нов национален рекорд на 400 метри во сала. Како се мотиравте да најдете сила и истрајност по низата повреди?
По една тешка година со повреди и здравствени проблеми, многу сум среќна што успеав да се вратам во полна форма од првата трка, соборувајќи го сопствениот државен рекорд на 400 метри, кој го поставив пред три години. Понекогаш тешките моменти те прават посилна и чувството е секогаш подобро кога се враќаш назад во своето најдобро издание.
Велат дека ниеден спортист не останува ист по учество на Олимписките игри. Што ви донесе вас тоа искуство и што е потребно за да обезбедите норма за Летните олимписки игри во Париз 2024?
Учеството на Олимписки игри е сон за секој спортист, па исто и за мене. Го реализирав кога имав само 19 години, бев млада да се соочам со толку голем притисок, но сега сфаќам дека добро сум го искористила тоа, бидејќи сега сум многу поспремна психички, поискусна и самоуверена и тоа ми влијае позитивно на секоја трка. За ЛОИ Парис 2024 треба да обезбедам норма или да обезбедам присуство на ранкинг-системот. Ќе се потрудам уште оваа година да обезбедам поени преку овој систем.
Секојдневието на професионалните спортисти бара огромна посветеност и пожртвуваност. Како успевате да ги балансирате секојдневните обврски со напорните тренинзи и подготовки?
Секако дека е многу тешко да бидеш професионален спортист, особено кога си жена, зашто имаш повеќе обврски и сакаш да бидеш присутна на повеќе места истовремено, а спортот си бара голема посветеност и фокус. Исто така, треба време за закрепнување, треба да си под режим цело време, треба да жртвуваш многу работи што сакаш да ги правиш, но некогаш спортот не ти дозволува. Многу години сум под овој режим и навикната сум на тоа, секогаш давам предност на тренингот и тоа ми е приоритет. Се посветувам на тренингот, сакам да сум одморена, смирена, а потоа можам да продолжам со секојдневните обврски како другите луѓе, но се трудам да го трошам времето ефективно.
Стресниот и динамичен начин на живеење директно влијае на менталното здравје на луѓето. На кој начин вие го постигнувате вашиот внатрешен мир?
Проблемите со менталното здравје треба да се зборуваат поотворено и почесто, затоа што многу луѓе имаат такви проблеми, а не зборуваат за тоа, особено кај нас е големо табу. Менталното здравје е многу битно за сите луѓе, особено за спортистите, кои цело време треба да бидат фокусирани на тренингот и на трките. Битно е да се подготвуваш и ментално исто како што се подготвуваш физички, особено кога се натпреваруваш на професионално ниво. И јас често се соочувам со нестабилност, но се обидувам преку медитација да балансирам и да се чувствувам порелаксирана и помирна.
Жените во спортот честопати се дискриминирани со пониски плати, полоши услови за работа и сл. Какво е вашето мислење на оваа тема и дали сте имале слично искуство?
За жал, ова е вистина, и не само во спортот туку и во другите професии каде што работат жени секаде низ светот и мило ми е дека се зборува многу често за правата на жените. Секако дека ги подржувам жените и мислам дека треба да сме рамни со мажите во сите професии, а зошто да не бидеме повеќе платени ако сме поквалитетни во одредена професија. За среќа, го немам почувствувано тоа на своја кожа, бидејќи секогаш сум имала подобри резултати од мажите и сум била ценета за остварените резултати, без разлика на полот.
Секој накит раскажува некоја приказна за жената која го носи. Каков вид накит носите најчесто?
Обожавам да носам накит во секојдневието, но и кога трчам. Секој ден го носам олимпиското ѓерданче и прстенот, па и кога трчам, но често ги носам и обетките и прстенот од свадбата.
,,Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација”.