Тамара Тодевска со години е синоним за моќен глас и интерпретација, жена која со својата појава и изведба не остава никого рамнодушен. Таа многупати ни покажа дека има капацититет, способност и професионалност да биде одличен репрезент на нашата држава.
Вашата кариера, како една од најпознатите и најквалитетните музички вокали од Македонија, е навистина инспиративна и воодушевувачка. Во што најмногу наоѓате мотивација и колкав труд е потребно да се вложи за да се стигне до успешно ниво на музичка кариера во нашата држава?
Музиката е мојата најголема љубов. Дефинитивно го работам тоа што најмногу го сакам и откако знам за себе се занимавам со музика. Тоа е голема мотивација во секојдневието. Да го работиш тоа што сакаш и да живееш од него е голема придобивка и многу сум среќна и благодарна за ова. Секако, мотивација е и публиката, сите луѓе, пријатели, соработници кои доаѓаат на моите концерти, настапи… Кога си дел од таа сцена и кога ќе слушнеш дека има луѓе кои ги пеат твоите авторски песни и тоа ги прави среќни – навистина нема поголема вредност и награда. Како и за секоја друга работа, така и оваа бара сериозна посветеност и труд. Особено кога со музиката се занимаваш професионално. Таа од тебе бара и многу откажувања, компромиси и трпение. За да бидеш успешен и да достигнеш одредено ниво треба сериозно да се „испотиш“. Можеби денес многу полесно можеш да се претставиш, да имаш песна, спот и да бидеш чуен, но убедена сум дека само со талент, напорна работа и истрајност можеш да оставиш траен белег и да бидеш забележан. Сѐ друго е минливо.
Како би ја опишале македонската музичка сцена и колку е важно, според вас, како жена да покажете самоиницијативност, храброст и лидерство за успеси во музиката?
Мило ми е што гледам голем број на млади артисти на нашата музичка сцена. Голем дел од нив ги следат и глобалните трендови, создаваат музика, сакаат да се во тек со сето она што е актуелно… За поздрав е тоа што имаме нови имиња, кои создаваат своја музика и ги охрабрувам да продолжат, уште поактивно и поавтентично.
Факт е дека е потребна и поголема промоција на македонската музика и нејзино поголемо присуство во јавниот и во медиумскиот простор. Ова е тема за која сите мораме да се залагаме повеќе. Жената сè повеќе е и храбра и гласна и е лидерКА во различни сегменти од општеството: музика, здравство, образование… Прво, важно е ние жените меѓусебно да се поддржуваме и да си ги отвораме патиштата. Токму овој магазин, „Портрет“, преку многу свои приказни, стории ги охрабрува жените, ги мотивира да отворат свој бизнис, ги претставува нивните идеи… Добро е овој пример да се преслика и на други полиња, за да бидеме уште поуспешни. Важно е да покажеме и храброст и лидерство, не само во светот на уметноста туку и во која било друга област. Да нѐ вреднуваат по квалитет и резултати, а не да важиме за „понежниот пол“. Некако не се согласувам со таа придавка. Затоа што „понежниот пол“ многупати е и погласен и поискрен и поиздржлив.
Секоја кариера носи предизвици. Како вие се справувате со нив?
Како и секоја друга жена, како и секој човек, така и јас се справувам со секојдневните проблеми или како што ги викаме современо – предизвици (поблаго кажано, се смее).
Некогаш знам да бидам поизбувлива, некогаш сум посмирена… Порано ми кажуваа дека искуството и годините си го прават своето и со текот на времето стануваш отпорна на лаги, озборувања и сл. И ова навистина денес го чувствувам и несвесно станав и посмирена и научив полесно да се носам со проблемите/предизвиците, како на приватен план, така и во професионалниот живот. Сѐ е искуство и сѐ ќе помине.
Каде ја наоѓате вашата инспирација за песните и од што најмногу зависи, според вас, крајниот производ, целосна песна и музички запис (спот)?
Буквално секоја ситуација, момент може да ме инспирира. Дали станува збор за песна, музика или, пак, нејзина визуализација. Моментално работиме на новиот спот, за мојата нова песна… ако сум искрена, а сакам да бидам, крајниот производ секогаш најмногу зависи од мене. Морам јас да бидам убедена и сигурна дека ќе имам квалитетен продукт, со кој ќе се претставам пред публиката. Токму овие денови сум дел и од монтирањето на мојот нов спот… па, можеби режисерот Огнен Шапковски не е најсреќен, но мора да ме „издржи“ (се смее). Сакам да сум вклучена во сите фази од креирањето на новата музика, но секако дека го слушам мислењето и на професионалците, соработниците и кога ќе ме убедат знам да се повлечам од замислата. Така што, зад секој нов производ, нова песна или спот стои цел тим луѓе, на кои особено сум горда и среќна. Таков пример е мојот последен сингл и видеозапис за песната „Нијагара“.
Што најмногу ве опишува, какви карактеристики се водечки за вашата музичка кариера, а што ве прави енергична и среќна?
Веќе употреби еден од зборовите по кои многумина знаат да ме опишат. Енергична. Секогаш енергична, темпераментна, но и многу емотивна и искрена до срцевина. Каква сум во музичкиот свет, на сцената, таква сум и во секојдневието. Енергична ме прави секоја нова средба со моите обожаватели со публиката. А, најсреќна сум со Хана, Дарен и нашето куче Тоби. „Трио фантастико“ за цел живот. Секако, среќна ме прават и моментите поминати со семејството, како и со другарите и пријателите.
Накитот е секогаш одлика на нашите емоции и самодоверба. Кое парче накит ви е вам омилено и најдобро ве претставува?
Сакам да носам накит и го комбинирам во зависност од мојот аутфит. Често носам впечатливи обетки, алки и сакам тие да зборуваат и за мојата музика, за мојот карактер… Затоа што накитот, облеката не се само надополнување на нашиот изглед туку и тоа како „зборуваат“ за нашата личност и сензибилитет.
,,Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација”.