Весникот „Њујорк Тајмс“ ја купи виралната игра со зборови Wordle за непозната сума која се движи во милиони долари, соопштија од компанијата.
Сложувалката на зборови всушност им овозможува на играчите во шест обиди да погодат збор од пет букви, при што зборот што треба да се погоди се менува на дневно ниво. Играта е супер популарна во моментов на социјалните мрежи и е одлична вежба за мозокот и љубителите на загатки, па се игра и од младите и од постарите генерации.
Wordle беше создадена во октомври минатата година од Џош Вардл. Од неговата компанија објавија дека се среќни што еден од најпознатите весници во светот во иднина ќе раководи со играта и ветуваат дека играта ќе остане бесплатна за сите нови и постоечки играчи.
Според изјавата на Џош Вардл, играта Wordle на 1 ноември ја играле само 90 луѓе, два месеца подоцна популарноста пораснала на 300.000 лица, а денеска бројот на лица што ја играат се искачи на неколку милиони ширум светот.
„Тоа што стана вирално не беше добро за мене, ако бидам искрен. Сега чувствувам некоја одговорност за играчите. Се чувствувам како да им должам играта да работи како што треба и се да биде под контрола“, вели Вардл.
Од Wordle во соопштение до јавноста напишаа дека се пресреќни што „Њујорк Тајмс“ ќе раководи со играта во иднина и дека го почитуваат тоа што приодот на весникот кон игрите е со почит кон нивните играчи. Иако не е позната точната сума за која е купена Wordle се работи за цена која се движи меѓу еден и десет милиони долари.