„Нашиот пат – 25 женски приказни од историјата“, збирка биографии на еминентни жени од овие простори е прекрасен доказ за огромната улога на жените низ историјата. Оваа книга е дело на три авторки Ивана Драгшиќ, Јана Коцевска и Ивана Хаџиевска, кои оставија прекрасна содржина за сегашните и за идните генерации и понудија нешто различно од селектираната историја која се пласира преку образовниот систем. Секако, и голема инспирација и мотив за сите жени и девојки кои ќе ја прочитаат.
Годинава ја издадовте збирката „Нашиот пат – 25 женски приказни од историјата“, како збир на биографиите на светли женски примери. Како дојде до оваа соработка меѓу вас и можете ли да ни кажете нешто повеќе за изданието?
Јана К.: Во септември минатата година се случи промоцијата на ова издание на „Тиииит! Инк.“ со кое особено се гордееме. На овој водич низ местата во нашата земја, кои имаат и свои феминистички приказни и перспективи, работевме точно една година, и тоа во рамките на партнерскиот проект „Women on women“, каде што, заедно со партнерите „Mesto Žensk“ од Љубљана и „VoxFeminae“ од Загреб, изготвивме вкупно 75 записи за Македонија, Словенија и Хрватска и како резултат од заедничката работа сите три изданија беа публикувани како триптих – сет од три книги што граѓанките имаа можност да ги добијат бесплатно на промоцијата. Оваа конкретна активност (WoW Places) од двогодишниот партнерски проект имаше цел да го истражи женското и феминистичко културно наследство и да понуди поинаква перспектива за местата што ги одминуваме секојдневно – да се спротивстави на институционалниот и официјален наратив, каде што најистакнатите автори, политички функционери, научници или други луѓе со високи општествен капитал и вредност се мажи и се сметаат за единствени легитимни личности од пишаната историја. На македонското издание работевме Ивана Хаџиевска – историчарка, Ивана Драгшиќ – социолог и јас – Јана Коцевска – антрополог. Ние три веќе подолго време сме соработнички на слични проекти и сите три имаме особен интерес кон женската историја, јавниот заеднички простор и феминистичкото наследство што го имаат оставено нашите сограѓанки во минатото за кои сакаме да пишуваме и да ги реафирмираме во јавноста.
Биографиите на индустриски работнички, универзитетски професорки, активистки, диџејки и други, со делови од нивниот приватен живот се наоѓаат на страниците на вашата книга. Колку беше тешко да направите селекција во низата еминентни женски ликови?
Ивана Д.: Беше многу тешко и воопшто не беше тешко. 🙂 Само кога навистина ќе навлезете во олку специфична (женска) материја, можете да согледате колку и каква селектирана историја читаме и учиме, како дури и оние побалансирани теоретски дискурси се всушност поставени во една иста рамка, во која жените се слават поради исполнување на визиите на хетеропатријархатот.
Значи, тешко беше од аспект на квантитет и квалитет на биографски и фактографски содржини, но и од аспект на пристап до нив – поради тоа што истражувањето што го спроведувавме немаше пристап до јавни институции, како библиотеки и други соодветни места, поради некој од силните бранови на пандемијата.
Тешко беше да се редуцира и големиот број жени, колективи и настани за кои сакавме да пишуваме… Но, сето тоа и воопшто не беше тешко зашто позицијата да се пишува за овие работи е одговорна, податна и некако ласка, претставува можност што мора максимално да се искористи. Се чувствувавме полетно, подготвено да одговориме на задачата и затоа приватно сметам дека ова е едно од нашите позначајни авторски достигнувања или барем мое.
И покрај сите параметри, не постоеше некоја тешкотија само поради тоа што ја добивме (си ја создадовме) можноста за создавање на водичот „Нашиот пат“.
Оваа збирка е дел од комплет составен од три изданија, словенечката „По свој пат“ и хрватската „По стапките на жестоките жени“. Колку жените од регионот имаат заеднички карактеристики и сличности?
Ивана Х.: Истражувањата што се протегаат на територијата на постјугословенскиот простор секогаш претставуваат одлична можност за компарации на различни, а блиски, историски искуства. Искуствата на жените опфатени во овој триптих се всушност транснационални искуства, без разлика дали живееле и дејствувале во Скопје, Загреб, Љубљана или во другите опфатени локации. Нивните, најчесто, новаторски зафати во заедниците – на пример, поттикнувањето модернизациски процеси во областа на образованието, грижата и политиките, се линијата по која ги пронаоѓаме сличностите помеѓу жени кои доаѓале од различни етнички, класни и културни позадини. Друг пример за споделени искуства помеѓу жените од регионот наоѓаме за време на Втората светска војна: последиците од силната организација на жените во антифашистички фронт преовладува во трите книги низ повеќе примери. Фасцинантно е сознанието дека во најголем дел од случаите сумирани во биографско-спацијални целини, кога протагонистките во книгите се обидувале да ги надминат сопствените маргинални позиции во политичка смисла, често тоа го почнувале со надминувањето на границите од локалното кон глобалното, кон светското. Протагонистките често ги наоѓаме како комуницираат од своите локални средини на Балканот, со европските и светските центри. Оттаму, сметам дека од регионалниот контекст на содржината на книгите може да се извлече еден општ заклучок, а тоа е дека проучувањето на историјата на жените секогаш значи реобликување на официјалните наративи и носи нови откритија за балканските општества. Освен тоа, книгите нудат и едно неочекувано, возбудливо откривање на друга географијата на Балканот.
Феминизмот јасно ги посочува стегите на стереотипите, опресијата и патријархатот. Какво е вашето мислење за феминистичката освестеност кај нас?
Ивана Д.: Мислам дека последна силна феминистичка мисла и практика кај нас е онаа од Народноослободителната борба и активностите непосредно по неа. Некои примери од ова време се специфично опишани во „Нашиот пат“. Другото се сведува на стихијни, реактивни и проектни активности. Сите се трудиме и мислиме дека придонесуваме и одржуваме некаков континуитет, но се чини дека има многу недостатоци, а особено комодификација. За да не звучам комплетно огорчено, нема да издвојам посебен настан или движење, но дефинитивно сум била дел од сите од коишто сум можела да бидам изминативе дваесетина години, што значи дека сепак гледам некаква вредност и во тоа.
Кај нас постои широка архива за дејствувањето на уште многу инспиративни жени. Размислувате ли можеби за второ издание на „Нашиот пат“?
Јана К.: За жал, архивите се болна точка на нашето општество и доколку се земат предвид жените – тие се навистина невидливи во архивските објекти внатре нашите институции. Понатаму, несоодветната грижа, тешката достапност и неразвиената истражувачка анализа за архивите, се огромен проблем што, за жал, го кочи и развитокот на хуманистичките науки чиишто критички текстови би требало да се темелат на овие извори. Ние, како тим, секако, не се откажуваме и ќе работиме со оние извори што ни се достапни. Работејќи на оваа прва книга, листата на жени и места беше многу подолга, со што дефинитивно имаме мотив и материјал за второ издание во блиска иднина. Голем проблем за независниот културен сектор се ресурсите и ретките можности за финансиска поддршка на проекти од ваков тип. Се надеваме дека ќе наидеме на слух кај потенцијалните поддржувачи и дека ќе имаме можност да го развиеме овој проект понатаму.