Автор на текстот е уредник на Инстаграм профилот „Мои финансии“
Идеално време е да ги преиспитате вашите финансии со цел да ги максимизирате вашите заштеди, да се осигурите дека имате солиден почеток на новата година и да останете на вистинскиот пат да ги постигнете вашите цели. За многу луѓе финансиското планирање за годината е последното нешто што сакаат да го направат додека уживаат во празничната атмосфера, но одложувањето само ќе ги отежне работите, што би имало долгорочни последици врз вашата финансиска иднина.
Доброто финансиско управување ќе ви заштеди време и пари, а ќе влијае и врз намалување на стресот, помагајќи ви да дадете приоритет на работите што ви се важни, да донесувате информирани одлуки и ефективно да ги распределите вашите ресурси. Во продолжение следуваат пет чекори што ќе ви помогнат при стекнување контрола врз вашите пари.
- Преглед на вашите средства и обврски: што поседувате, а што должите
Неопходно е да бидете свесни за вашата моментална финансиска состојба пред да создадете ефикасна финансиска стратегија за годината што следува. Ова ќе ви помогне да поставите реални и соодветни краткорочни, среднорочни и долгорочни цели, а е особено корисен и при креирање на соодветен план за исплата на долгови.
Вашиот личен биланс на состојба го прикажува она што го поседувате и што го должите:
– Поседувате (средства) – заштеди, недвижен имот, инвестициски фондови, акции во компании и друго;
– Должите (обврски) ‒ заеми од банки, семејство или од пријатели, долг на платежни картички, хипотека и друго.
Вашата нето-состојба претставува разлика помеѓу вашите вкупни средства и обврски.
- Преглед на вашиот буџет
Колку добро функционира вашиот моментален буџет? Дали очекувате дополнителни трошоци во новата година (повисока кирија и сметки, нов лаптоп, патување итн.)? Од друга страна, можеби некои од вашите месечни трошоци ќе се намалат (на пример, завршувате со отплата на кредит/долг на кредитната картичка), па ќе можете таа сума да ја пренасочите кон дополнителните трошоци што претходно ги споменавме и/или вашата заштеда. Одвојувањето неколку минути за да го погледнете вашиот буџет и да ги направите потребните адаптирања може да биде од голема корист за вашите финансии.
- Изградете фонд за итни случаи
Од неочекувани медицински трошоци до губење на работата, важно е да имате дополнителни пари при рака, кои ќе ви помогнат да ги пребродите ситуациите што најчесто не можете да ги предвидите. Идеално, треба да имате заштеда што ќе ги покрие вашите месечни трошоци за три до шест месеци. Но, секоја сума што можете да ја заштедите сега ќе ви помогне на долг рок, затоа што градењето на ваква заштеда бара време, не се случува преку ноќ.
Една паметна стратегија е најпрвин да си платите себеси, обично со помош на автоматизирано штедење. Ова значи дека одредена сума оди на штедна книшка секој месец, пред да платите за што било друго (кирија, сметки, храна). Почнете со 5 до 10% од вашите месечни примања, доколку вашата моментална финансиска состојба не ви дозволува повеќе, а потоа постепено зголемувајте го овој процент. Повеќе информации за автоматизирано штедење ќе добиете во вашата банка, секоја банка ја нуди оваа опција.
- Фокусирајте се на исплата на долговите
Долговите се тежок товар како за вашите финансии, така и за вашето ментално здравје, па затоа нивна побрза исплата ќе ви донесе огромни придобивки. Затоа што месечно трошите пари на камати и месечни рати, ви остануваат многу помалку пари што би можеле да ги искористите за штедење и инвестирање.
Доколку имате долгови, важно е секогаш кога сте во можност да плаќате повеќе од месечната рата, со цел побрза исплата. Со плаќање повеќе од минималниот доспеан износ го забрзувате вашето патување до конечно ослободување од долгови. Ако побрза исплата на долговите не беше ваш приоритет во 2022 година, тогаш нека биде приоритет во 2023 година.
5. Инвестирајте во себе
Инвестирањето во себе значи да вложите време, пари и енергија за да го подобрите вашиот сегашен и иден живот. Наместо да се фокусирате на работи што нема да го зголемат вашето богатство на долг рок, барајте начини да го проширите вашето знаење и да го подобрите вашиот живот. Ова може да биде подобрување на вашиот сет вештини што може да доведе до зголемување на вашите примања, па дури и да ви отвори нов пат во кариерата.
Кога ќе се фокусирате на подобрување на себеси и постигнување на вашите цели, ќе го забележите позитивниот домино-ефект врз вашите финансии, кариера, здравје и среќа.
На крајот на краиштата, новата година е потсетник дека секогаш можеме да создадеме нов почеток, да учиме, да растеме и да напредуваме.