По премиерната изведба на 18 септември во Сараевскиот ратни театар – САРТР, Сараево, а во рамките на МОТ на 27 ноември на малата сцена во МНТ со почеток во 20:00 часот пред скопската публика премиерно ќе се одигра претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ.
Станува збор за драма која се занимава со рушењето на интимните светови. Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет… Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други.
Според авторот се чини дека планетата се разбудила и дека на човештвото му враќа за сета негова ароганција и себичност. Флоскулата „крај на светот“ никогаш не била позастапена, како во медиумите така и во секојдневните, обични разговори. Стравот од генералното пропаѓање на планетата како да ги направи неважни сите оние мали, индивидуални „краеви на светови“.
Секој од нас носи некој свој „крај“. И тој не е ни малку поневажен од општиот крај на светот. А историјата нѐ учи – светот секогаш ќе постои во некаков облик, со или без нас. И затоа, додека сѐ уште можеме, да зборуваме повеќе за нас – за нашата сила, онаа индивидуалната, но и за потребата од другите со цел да се изгради некој нов, појак, интимен свет во кој нема да ни биде страв да зборуваме за кршењата. Тие се тука за да ни дадат сила секогаш да почнуваме од почеток.
Претставата се игра на македонски и на босански јазик, во продукција на Перипетија продукција – Скопје во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР. Како креативни соработници се потпишуваат: костимографката Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценографот Ангел Петровски, изборот на музиката и адаптацијата се на Оливер Митковски, (во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски), а соработник за македонски јазик е Ѓорѓи Јолевски. „Нема да биде крај на светот“ на последното фестивалско претставување во Босна и Херцеговина освои четири награди: специјална награда за режија, наградата за најдобра актерка и актер како и специјална награда за актерска игра.