На почетокот на годинешната кампања ,,16 дена активизам против родово базираното насилство’’, главната порака од Хелсиншкиот комитет за човекови права е што поскоро да се пристапи кон усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција.
Главната цел на усвојувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој стапи во сила на 6 мај годинава, е подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство и надминување на слабостите во претходните законски решенија. Станува збор за еден од клучните закони предвиден со Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023, кој подразбира обврска за измена и дополнување и на други закони и подзаконски акти, меѓу кои од особена важност е Кривичниот законик.
„Најавените измени на Кривичниот законик, во насока на инкриминирање на нови кривични дела и измена на постоечките одредби кои се предвидени со Истанбулската конвенција, сѐ уште не се реализирани. Иако сме свесни дека проблемите во нашето општество најчесто излегуваат на површина при имплементирање на законите во пракса, легислативното усогласување со Истанбулската конвенција е основа без која системските промени се невозможни. Донесувањето на законските решенија е само првиот чекор кон системски промени во решавање на проблемот на родово базирано насилство. На каков начин ќе се имплементираат, односно дали жртвите на овој вид на насилство ќе бидат заштитени, ќе зависи од примарните институции, кои ќе имаат за задача да постапуваат по ваквите пријави, а особено Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство, центрите за социјална работа итн. Имајќи предвид дека токму имплементацијата на законските одредби во пракса сѐ уште претставува еден од најсериозните недостатоци во обезбедувањето на соодветна заштита на жртвите на родово базирано насилство, останува да ја мониторираме нивната примена по донесувањето и да процениме колку тие навистина ќе бидат во прилог на жртвите“, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.
„Обој го светот портокалово: КРАЈ НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ СЕГА!“ е насловена овогодинешната кампања за 16-те дена активизам против насилство врз жени и девојчиња која ќе мобилизира за застапување за инклузивни, сеопфатни и долгорочни стратегии, програми и ресурси за спречување и елиминирање на насилство врз жени и девојчиња во јавни и приватни простори со приоритет на маргинализирани жени и девојки.
Речиси една од три жени на возраст од 15 години и повеќе ширум светот, како што покажуваат најновите истражувања кои ги пренесуваат Обединетите Нации, биле изложени на физичко или сексуално насилство од интимен партнер, непартнер или и двајцата, барем еднаш во нивниот животен век, што покажува дека нивоата на насилство врз жени и девојки останале главно непроменети во текот на последната деценија.
Според ОН, овие бројки не го одразуваат влијанието на пандемијата со КОВИД-19 и би биле уште поголеми доколку го вклучат целосниот опфат на насилство врз жените и девојчињата, вклучувајќи сексуално вознемирување, насилство во дигитален контекст, штетни практики и сексуална експлоатација.
Една од темите на овогодинешната кампања на Обединетите Нации е истакнување на успешните приказни кои покажуваат дека насилството врз жени и девојки може да се спречи со прикажување ефективни стратегии и интервенции за да се инспирираат сите засегнати.
Кампањата, исто така, ќе се осврне на промовирање на лидерството на жените и девојките во нивната различност и нивното значајно учество во креирање политики и одлучување од глобално до локално ниво, а ќе поттикне и вклучување на креаторите на политики во Форумот за еднаквост на генерациите, со цел соработка во спроведувањето на обврските и поттик за понатамошна акција за постигнување напредок во планот на Коалицијата за акција за родово базирано насилство.
Шеснаесете дена активизам против насилството врз жените и девојчињата е меѓународна кампања што се одржува секоја година. Започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден на Елиминација на насилството врз жените, а трае до 10 декември, Денот на човековите права.
Кампањата првично потекнува од активисти на првиот Женски глобален институт за лидерство во 1991 година, потоа продолжува да се координира од Центарот за женско глобално лидерство.
Над 6.000 организации во приближно 187 земји учествуваа во Кампања од 1991 година, со досег од 300 милиони луѓе.
Кампањата се одржува секоја година и се користи како стратегија на поединци, институции и организации ширум светот кои повикуваат на превенција и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата.