Македонскиот огранок на глобалното движење Fashion Revolution, со задоволство ја најавува годинешната Недела на Модна револуција, која оваа година ќе се одвива од 19-ти до 25-ти април. Во фокусот ќе бидат човековите права и „правата“ на природата (human rights and the rights of nature) односно човечката експлоатација и деградацијата на екосистемот.
Како дел од предвидените активности, тимот на Модна револуција Македонија ќе објавува податоци за текстилниот отпад во земјата, рециклирање на текстилот, податоци за индустријата во Македонија, едукативни совети за продолжување на трањето на облеката и слично. Ќе бидат споделени локации за донирање на облека, како и интересни иницијативи за поттикнување на акција и актуелизирање на прашањето околу царините на увозниот текстил, но и околу серификатите и декларациите на текстилот кој се продава во земјава.
Оваа година, глобалното движење за првпат ја споделува и иницијативата поврзана со потеклото на текстилните материјали, преку хаштагот #WhoMadeMyFabric односно #КојГоПравиМојотМатеријал. Дополнително, во склоп на Неделата на Модна револуција, тимот подготвува и онлајн (Insta Live) настан за поправка на веќе користени парчиња облека.
Fashion Revolution Macedonia е дел од глобалното движење Fashion Revolution, кое се залага за модна индустрија која подеднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Ја слави модата, но истовремено има за цел да ја подигне свеста за најгорливите проблеми, да покаже дека промената е можна и да ги охраби сите засегнати страни во создавање на поголема одржливост и етичност во модната индустрија.
Повеќе информации за Fаshion Revolution Macedonia на следниот линк.