Доколку сте љубител на производи за нега, нејзиниот профил на „Инстаграм“ ќе ве привлече уште од првиот момент. Катерина Зафирова е девојката која стои зад профилот @kattzia и со еден сосема поинаков пристап ни доловува информации од оваа област. Катерина работи како продукт специјалист во академија позиционирана како глобален лидер во иновациите на естетската козметологија, чијашто главна визија е воведувањето нови методи и производи во оваа сфера. Идејата вакви содржини да споделува и на својот профил се случува спонтано, кога од прва рака, согледувајќи го процесот на развој на производи и начинот на формирање цени во козметичката индустрија, сака да испрати порака дека единствен и најбитен фактор при изборот е нивниот состав!
Овојпат Катерина ни прати текст од свое искуство со најчесто поставувани прашања околу новиот бран на skincare рутини и нега на кожата.
Дали навистина мораме да го пробаме секој нов козметички тренд на пазарот?
Козметичката индустрија доживува подем како никогаш досега. Ваквите случувања носат и притисок да се проба секој нов тренд на пазарот, како нешто неизбежно во нашата секојдневна нега. Во едно такво време, важно е да се знае дека не постојат магични состојки за нега и убавина. Главните состојки дефинитивно се истрајност, дисциплина и добри навики. Негата е пред се еден долг маратон, а не спринт трка.
Кои производи се задожителни во нашата козметичка колекција?
Производ кој може да направи најмногу за нашата кожа е СПФ. Негово редовно користење покрај бројните бенефити, е исто така и најдобра стратегија за превенција на предвремени знаци на стареење. Без оваа навика, залудни се сите други производи против брчки. Генералната препорака е да се користи производ со минимум СПФ30 во текот на целата година. За да се постигне наведената заштита, потребно е да нанесеме доволна количина. Истражувањата покажуваат дека многу мал процент од корисниците користат доволна количина од овие производи и притоа не го достигнуваат ветениот фактор. Дефинираното правило е да се нанесе 2 мг/см2. Ова може да звучи збунувачки, па затоа како поедноставна генерална препорака за препорачана количина за лице често се споменува правилото на два прста.
Но што би можеле да прескокнеме? Лист маски се фина релаксација, но дефинитивно нема да направат некоја драстична промена за кожата. Лист маските се всушност материјал натопен во серум. За еден серум да има ефект, треба да се користи редовно. Често содржат и многу повеќе серум од препорачаната количина за една апликација, која реално не се искористува максимално. Производи за еднократна употреба од таков тип не се од полза и за животната средина, па би било добро да се потрудиме да ја минимизираме нивната употреба.
Истото важи и за различни ролери за масажа. Овие направи можат да придонесат за опуштање и релаксација и не се проблем доколку ни причинуваат задоволство во рутината, но често ветуваат бенефити кои не можат да ги исполнат, како што се редукција на брчки или акни. Затоа имајте реални очекувања доколку ги користите.
Во последно време маските за преку ноќ се доста популарни, како и маски за усни од овој тип. Истите не се многу поразлични од богата ноќна крема или балсам за усни. Тоа не значи дека не може да се најдат добри производи од овој вид, но дефинитивно не е нешто што мораме по секоја цена да го имаме во нашата рутина, доколку веќе поседуваме производи со слично дејство.
Дали ни треба тонер?
Неверојатно е дека тонерот сѐ уште се промовира како нешто што ќе ја балансира pH вредноста на кожата, иако тоа не е реална потреба. Во минатото кога чистењето на лице било генерално со сапуни, pH вредноста на кожата се нарушувала поради фактот што сапунот се прилично алкални. Денес чистачите се pH балансирани и го немаме тој проблем. Дури и кога не би биле, кожата може да се врати во баланс со хидрататна крема, тонер не е единствен производ за оваа намена. Забележуваме и тврдења дека е ефикасен за чистење на нечистотиите од лицето. Ако и покрај миење на лице нашата кожа не е чиста, решението не е тонер, туку подобар чистач. Сепак, иако не е задолжителен тонерот може да биде корисен во одредени ситуации. Тонерот во денешната козметичка индустрија е всушност третман, во истата категорија како есенција или серум. Тонерот може да биде третман за хидратација, ексфолијација и слично. Ако сакаме да внесеме некоја нова компонента во рутината и ако најдеме добра формула, зошто да не.
Порите се дел од анатомијата на кожата и не можат да се отстранат
Едни од најинтензивно промовираните производи се дефинитивно производите кои ветуваат дека ќе ги намалат или отстранат порите. Ова за жал не е можно. Нивниот дијаметар не може да се намали. Исто така не можеме да ги отстраниме, затоа што се дел од анатомијата на кожата и имаат своја функција. Единствено што можеме да направиме е да ги одржуваме чисти со редовна нега, а притоа визуелно да изгледаат помалку интензивно. Нема магичен производ кој ќе ги среди порите.
Дали кожата се навикнува на производите?
Кожата се регенерира на околу 28 дена и нема мемориски капацитет за тоа што сме користеле претходно. Навикнување или презаситување од козметички производи не е валидно тврдење. Од друга страна пак, кожата реагира на климатски промени, внатрешни процеси на нашето тело па често може да има различни состојби и барања. Ова се случаи кога и негата треба да се прилагоди. Нормално е да сме отворени кон промени, но доколку нешто делува и ни одговара, нема потреба да се менува.
Колку производи ни се потребни за добра рутина ?
Рутините со десетици чекори се доста популарни, но дали навистина ни требаат? Сепак минимализмот е клуч на успехот. Со користење на повеќе производи одеднаш шансата за апсорпција на истите ќе се намали, а шансата за иритација расте. Доколку веќе имате еден серум за хидратација, не ви треба и друг. Доколку имате еден производ со ниацинамид, не ви треба повеќе од тоа. Целта е иста. Наместо на производи на база на индивидуална состојка, фокусот може да биде на продукти со бленд од повеќе состојки. Вака рутината ќе биде едноставна и ефикасна, без многу експериментирање. Дефинитивно нема потреба секој тренд на пазарот да се најде во нашата рутина. Трендовите се минливи, најважни се добрите навики.