Онлајн вознемирувањето станува сè почеста појава, а многу девојки добиваат разни пораки на социјалните медиуми, кои вклучуваат малтретирање, навреди или закани. Центарот за еднакви можности „Бубамара“ побара од неколку девојки да испратат скриншот од пораките што ги добиват на социјалните мрежи. На изложбата „Од инбокс, на плоштад“ беа изложени пораките што тие најчесто ги добиват. Првата изложба беше организирана на плоштад во Тетово, а втората во Гостивар.
„Главната цел што сакаме да ја постигнеме со оваа изложба, но и со проектот воопшто е да ги мотивираме девојките и жените и да ги поттикнеме да ги пријават овие пораки“, изјави Рита Бехадини, од „Бубамара“.
Кампањата SEEN се имплементира од август, и ќе трае до крај на ноември, а Центарот за еднакви можности „Бубамара“ го спроведе и истражувањето „Онлајн вознемирување на социјалните медиуми“ според кое многу девојки во Гостивар и Тетово се жртви на сексуално вознемирување на социјалните мрежи.
„Молекуќја” (Бубамара) контактираше 208 девојки на возраст од 18 до 25 години кои одговорија на анкетата по електронски пат. 150 девојки се од Тетово, 51 од Гостивар и останатите од Кичево, Приштина и Охрид. 45,1% се од рурални а 54.8% од урбани средини.
Анкетата имаше за цел да открие колку овие возрасни девојки, кои се уште се во раните дваесетти години, се жртви на сексуално вознемирување, и воедно, што подразбираат под сексуално вознемирување и дали се подготвени да го пријават тоа.
86,5% од анкетираните девојки имаат познавања околу тоа што се подразбира под поимот сексуално вознемирување. 3,8% од нив признаваат дека не знаат и 9,6% претпочитаат да не кажат дали се запознаени или не со оваа терминологија. 65.8% од анкетираните девојки примиле пораки од момчиња или мажи кои содржеле разни форми на сексуално вознемирување, говор на омраза, закани и навреди. 32.2% од нив не примиле такви пораки на социјалните мрежи.
Во реалноста, голем дел од анкетираните девојки кои примиле такви пораки, истите ги игнорирале. Вкупно 89 девојки или 42,7% ги игнорираат ваквите пораки. 97 девојки или 46.6% ги пријавуваат со тоа што регираат или ги објавуваат истите на социјалните мрежи кои ги користат. 3.8% од девојките за овие пораки се обратиле до полиција. 2.4% од девојките рекле дека одбрале лично да се соочат со вршителот на делото.
Кривичниот законик во Македонија вознемирувањето на социјалните мрежи не го признава како конкретно кривично дело, но Владата летово ги изгласа измените на Кривичниот законик со кои се предвидува ново кривично дело „демнење“ и кое носи строги санкции за вознемирување и преку интернет. Ако овие законски измени поминат во Собрание, ова дело ќе се казнува со парична казна, но и со затворска казна до три години.
„Сега тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, изјави Бојан Маричиќ, министерот за правда на 27 јули годинава.