Ирена Хорват ја забележавме на Инстаграм под профилот Minimal Chef со нејзините неодоливи фотографии со минималните детали од вкусната храна што ја подготвува. Како за прв рецепт, ни испрати путер бисквити со интересна приказна позади истите. Совршени за домашно подготвен подарок за најблиските, овие бискоти навистина се одлични за претпразничниот период. Прочитајте го рецептот!
Кога бев малечка моите беа во Италија на одмор. Кога се вратија бев толку фасцинирана од приказните што ми ги раскажаа и меѓу многуте фотографии имаа и цел пополнет (неразвиен) филм со слики кои ги направиле во внатрешноста на Дуждовата палата (Palazzo Ducale). Како секое мало дете па така и јас низ игра го земав апаратот каде беа фотографиите, и решив дека филмот би бил супер играчка. Без да знаат јас си играв со филмот и секако го уништив до степен да не можат да се развијат фотографиите. Од тогаш имам грижа нa совест и секогаш кога правам италијански рецепт половина оди кај мајка ми 😀
Biscotti или cantucci се италијански миризливи путер бисквити кои се препознатливи по тоа што се два пати печени со цел да добијат супер крцкава текстура. Поради таа причина се перфектни за потопување во топло млеко, кафе или чај. Најчесто се прават со бадеми но може да се направат во секаква комбинација. Бидејќи се супер крцкави, а одвнатре се топат во уста, овие слатки задоволства се одлични за празничните периоди каде може да се вклучат како подарок спакувани во празнична хартија (тоа доколку успеете да не ги изедете веднаш штом се готови).
Што ви е потребно за овие бискоти со црно чоколадо?
– 2 чаши брашно
– 2/3 од чаша шеќер
– прстофат сол
– половина ќесичка прашок за пециво
– 6 супени лажици мек путер (не целосно растопен)
– 2 кафени лажички екстракт од ванила
– 2 јајца
– 1 чаша чоколадни копчиња (може да користите и црно ситно исецкано чоколадо, чоколадни капки итн.)
– околу 100 гр црно чоколадо за прелив (ова е опционално).
На страна со миксер ги мешаме путерот, шеќерот, прашокот за пециво и малку сол. Матиме додека не се соединат и ги додаваме и јајцата. На крај го додаваме брашното и ги вмешуваме и чоколадните копчиња. Рерната ја загреваме на 180 степени и на голем плех обложен со хартија за печење правиме две тенки и долги правоаголници високи околу 1,5 см. Печеме околу 20 минути, па ги вадиме и ги пресекуваме на парчиња. Ја намалуваме рерната на 100 степени и печеме уште 10-тина минути колку да се исушат бисквитите. Кога ќе се изладат по желба ги потопуваме до половина во црно чоколадо.
Уживаме 🙂