Како расте ќерка ми, така сè почесто се фаќам себеси како размислувам на тема меѓуврсничко насилство и што можам да направам за да ја едуцирам правилно да го распознава, да знае да се заштити доколку го искуси или како да постапи доколку биде сведок на меѓуврсничко насилство во училишните клупи. Ниеден родител со висока свесност не сака неговото дете да биде жртва на булинг во училиштето или, пак, неговото дете да врши булинг, но последните неколку инциденти во скопските училишта, како и сведоштвата што сум ги слушала од пријатели и познајници за односите помеѓу учениците, ме исплашија и ме ставија во милион прашалници.
Прво што ми падна на ум е – каде е грешката? Зошто истражувањата направени во училиштата даваат толку вознемирувачки резултати? Каде е одговорноста и што се прави за да се спречи оваа појава?
Речиси две третини од анкетирани ученици во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство во нивното училиште, а околу третина биле жртви на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година, покажува истражувањето спроведено од Институтот за човекови права. Од декември 2021 до февруари 2022 година биле анкетирани 995 ученици и 255 наставници за темата булинг, говор на омраза и дискриминација. И учениците и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспространет на социјалните мрежи. Поново истражување спроведено од тинк-тенк организацијата „Аналитика“ покажа навистина поразителна слика за тоа колку и во каков облик се јавува насилството. Дури 62,7% од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Најголем број од нив го препознаваат физичкото насилство што во голема мера е највидливо, понатаму, според учениците, во висок процент е присутно психичкото насилство и кибернасилството. Високи 70% од учениците се сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но тоа не го пријавуваат од многубројни причини, меѓу кои и не знаењето кому да пријават или како да пријават, а да останат анонимни пријавувачи. Овие податоци се загрижувачки, а одговорност и едукација се чини дека има многу малку. Булинг е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува во училишниот контекст, туку продолжува да ги следи децата и во домот преку интернет-мрежите.
За меѓуврсничкото насилство, формите и опасностите, како и превенцијата, разговаравме со двајца психолози, Ана Попризова и Благородна Димова.
Дестигматизација на посетата на училишниот психолог
Според училишниот психолог Ана Попризова, врсничкото насилство често почнува со поблага форма на префрлање/вознемирување на соучениците.
„Децата изложени на врсничко насилство се вообичаено омаловажени и социјално отфрлени, а трпат и некои форми на агресија од страна на еден или на повеќе врсници, на пример: вербална агресија – потсмевање, именување со погрдни имиња, закани и слично; социјална агресија – исклучување од разни активности; озборување и ширење невистини, со што најдобрите пријатели на детето-жртва одеднаш го свртуваат грбот; пишување пораки по клупи/столчиња или графити; различни напади преку интернет/мобилен телефон и слично; физичка агресија – поттурнување, хостилен говор на телото, заканувачки гестови, удирање, тепање и слично; сексуално вознемирување – навреди во однос на пол и род, допирање и сл. Односот помеѓу сторителот на насилство и жртвата е обележан со злоупотреба на моќ, при што жртвата е вознемирена, преплавена со лутина и страв, додека, пак, сторителот е мирен и надмоќен, опкружен со група поддржувачи. Сведоците се оној дел од групата/паралелката, најчесто најмногубројни, кои се присутни при насилството, но не преземаат ништо, најчесто од страв и тие да не станат жртви. Токму нивното присуство е причина за одржување на насилството, бидејќи пред нив сторителот на насилство ја потврдува својата надмоќ. Причините за меѓуврсничкото насилство се комплексни. Се темелат врз научени модели на справување со агресија од возрасните, како и од родово одредени улоги кои во средината се наметнуваат врз децата. Учениците кои вршат врсничко насилство, најчесто имаат позитивен став кон насилството и убедени се дека сите конфликти можат да ги решат на тој начин, а многу често не познаваат други стратегии за справување и саморегулација на сопствените емоции и однесување. Таквиот став може да биде последица од ’учење по модел‘ – во кругот на семејството или, едноставно, социјалното опкружување во кое детето расте или, пак, има доживеано искуства со претрпено насилство во семејството или во врсничката група“, вели Попризова.
Одењето на психолог сè уште е табу-тема во нашето општество, а уште потабу е во училиштата и меѓу учениците, иако Попризова вели дека последниве години се зголемува свесноста и сензибилизацијата на јавноста за улогата на психологот.
„Сè повеќе во јавноста се потенцира важноста на менталното здравје и начините на грижа за добросостојбата. И во училиштата, родителите и учениците повеќе и поотворено се обраќаат кај психолозите, односно кај стручните служби. Сметам дека и соработката со наставниот кадар е солидна. Она што би требало да биде следен чекор е да се унапредат условите за работа на училишните психолози, бидејќи во многу училишта стручните служби работат по повеќе луѓе во една просторија, што не е во согласност со потребата за дискреција и доверливост што е основна премиса во работата на училишните психолози. Дополнително, потребно е да се димензионира бројот на психолози во училиштата, како и нормативот за тоа со колку ученици во училиштето работи еден психолог. Во некои училишта и на 1.000 ученици има по еден вработен психолог, што со оглед на потребата овозможува слаба покриеност и тоа доведува до неефикасност“, објаснува психологот.
Наставниците како клучна алка во синџирот
Психологот Благородна Димова вели дека, иако, за жал, сè почесто гледаме на социјалните мрежи дека излегуваат видеа, фотографии и коментари со насилна содржина, тоа не ни покажува дека врсничкото насилство е нешто ново за нас и дека не било присутно и порано во училиштата.
„Постоело секогаш, во секаква форма, во помали и во поголеми средини. Но, како и порано, така и сега, образовните институции сè уште немаат развиено систем и начин на кој би се грижеле за менталното здравје на своите ученици и вработени, а како резултат на тоа не би требало да очекуваме дека ќе имаме промени, односно намалено врсничко насилство во училиштата. Во нашето образование немаме предмет во кој се зборува за менталното здравје на учениците и за неговата важност. Промените што се случуваат кај едно дете кое е жртва на насилство можат да се манифестираат низ изолирање, повлекување во себе, намален успех, несоница, болки во стомакот, одбивање да оди на училиште, па дури и агресивно однесување. Наставниците, па и родителите, добро е да бидат запознаени со проблематиката за да можат да ја препознаат рано. Со чест на исклучоците, сметам дека наставниот кадар нема сериозен пристап кон насилството што им се случува околу нив и поради тоа е потребна континуирана едукација за препознавање на нездравото однесување, рана превенција и последиците од таквото силеџиство. Потребно е инстант-будење на сите што работат со деца, бидејќи ваквото однесување не е наивно, не е обична караница помеѓу децата и потребен е синџир на поддршка што ќе биде истраен, ќе вклучува родители, наставници, стручна служба и ученици. Систем што ќе едуцира и ќе превенира, систем што искрено ќе се грижи да ги согледа корените, причините поради кои едно дете се однесува насилно, бидејќи неопходна поддршка и помош имаат и овие ученици“, вели Димова.
Попризова, пак, смета дека мнозинството наставници го препознаваат булингот и се обидуваат да преземат активности. Но, преобемните наставни програми и обврски во воспитно-образовниот процес претставуваат дополнителен притисок, што доведува до ставање на фокусот на наставните содржини, пред поддршката на учениците за нивна интеграција во паралелката.
„Дополнителни обуки и вештини им се потребни и на наставниците за да можат да применуваат различни пристапи со кои би ја унапредила климата и комуникацијата во паралелките и за време на часовите. Во случаи кога ќе се забележи појава на меѓуврсничко насилство училиштето постапува на повеќе нивоа, при што се вклучени стручните соработници, наставниците, учениците и родителите, а секако, по потреба, и надворешни субјекти. Прашањето на булинг е сложено и не може да се остави само стручната служба да го решава, туку има резултат само доколку се вклучат повеќе чинители. Многу е значајно во јавноста да се отвори прашањето и да се обезбедат ресурси за поддршка и на наставниот кадар, бидејќи и нивното ментално здравје и добросостојбата се фактори што придонесуваат за училишната клима“, вели Попризова.
Потребен е систем на едукација и поддршка
Сведоци сме и на страшни последици и големи трауми од булинг кај децата-жртви. Според Димова, последиците од силеџиството се различни, од мала вознемиреност до траума што предизвикува долгорочни промени во личноста на детето.
„Замислете дека едно дете трпи киберсилеџиство на начин што другарот или симпатијата објавуваат фотографија без неговата дозвола и тоа останува засекогаш на интернет или случајот со ’Јавна соба‘. Секако дека начинот на справување со ваков акт би бил побавен, потежок и поисцрпувачки за личноста. Апелирам, секогаш да се споделува со најблиските или да се побара помош од стручно лице. Никој не треба да живее со чувство на срам и страв, особено кога тие чувства припаѓаат на насилникот. Родителите имаат одговорност да бидат присутни и да го следат развојот на детето, да бидат модел по кој децата ќе учат (емпатија, прифаќање различности, искреност, асертивна комуникација, изразување на емоциите, почит кон себеси и другите околу него), често да разговараат и да внимаваат што разговараат и на кој начин се однесуваат со другите луѓе во присуство на детето. Активно и квалитетно поминато време со детето придонесува тоа да се чувствува важно и вредно, а со тоа ќе се чувствува и слободно да разговара за она што му се случува во текот на денот“, вели Димова.
Попризова вели дека децата-жртви на врсничко насилство обично се преплавени со интензивно чувство на срам и страв, фрустрации што често им прават да се чувствуваат беспомошно, незаштитено и осамено.
„Секое дете чувствува основна психолошка потреба дека треба да се чувствува поврзано со блиските, да биде прифатено и сигурно во околината во којашто живее. Тука е и потребата да се чувствува дека е важно, забележано и успешно во однос на своите интеракции со другите. Кога едно дете не може да си ги задоволи ваквите потреби низ вообичаените односи со врсниците, може да избере погрешен пат/начин на деструктивно однесување и приклучување кон лошо друштво (банди, култови и слично). Типични последици од ваквите стресни искуства се: проблеми при учењето, физички болести, тешкотии во размислувањето, стрес, преголема осетливост, поради која се јавува бес и насилно реагирање, дури и во моментите кога за тоа навистина нема потреба, чувство на очај и депресивност, како и чувство на безнадежност што може да кулминира со самоповредување и самоубиствени мисли. Само со реагирање и информирање во училиштето од страна на учениците и родителите може да се превенира, стопира или намали насилството. Се работи со сите ученици кои се вклучени во кругот на насилство преку систем на поддршка за жртвата, преку зајакнување на отпорноста на сведоците во паралелката, за да можат да го пријавуваат насилството или да не го одржуваат со својата пасивност, а секако и со сторителите на насилство преку развивање на поинакви модели на саморегулација и справување со своите чувства на бес и лутина и позиција на моќ. Но, одговорноста не може да се префрли само врз училиштата, бидејќи сè што се случува во нив е под влијание на општествените случувања. Тие не се изолирани системи, туку напротив, тие се дел од социјалното поле. Колку во општеството повеќе е присутно насилството, толку повеќе ќе го има и во училиштата. Во нашето општество, за жал, во голем дел е присутна неказнивост на насилството, криминалот, корупцијата и клиентелизмот. Затоа, многу често родителите се обесхрабрени, а и училиштата не се секогаш ефикасни во справувањето. Потребно е да се воведат и јавни кампањи преку кои овој проблем би се адресирал и до родителите, како и пошироката заедница за да се стимулира намалување на семејното насилство и насилството во рамките на системот, бидејќи додека возрасните не научат стратегии за справување со сопственото насилство и додека системот на казнивост на насилството не профункционира поефикасно, децата и младите само ќе ги ’копираат‘ однесувањата на возрасните“, заклучува Попризова.
Постојат начини на заштита, превенција и едукација, но потребна е вклученост од сите страни, како и преземање одговорност, што во нашето општество малку тешко се постигнува, ако и воопшто може да се постигне. Покрај образовната улога, училиштата ја имаат и воспитната улога, која не треба да биде занемарена. Во целиот образовен систем се чини дека се запоставува едукацијата на децата во однос на емпатија, прифаќање на различностите, важноста на правилно изразување на чувствата и справување со нив, менталното здравје, свесноста за тоа што е добро за себе и за другите околу нас, поттикнување на слободата на изразување, родово-сензитивни прашања, прифаќањето одговорност за сопствените дела… Може уште многу да се набројува, но важно е од некаде да се почне да се гради правилен систем, а пред сè систем од доверба.