Матеј го знаете како Гоки, храбар и вистински другар. Со него направивме супер разговор и ни кажа интересни работи за себе и за текот на снимањето на „Зоки Поки“ 🙂
Што те привлече да се пријавиш на кастингот за снимањето на „Зоки Поки“? Која сцена требаше да ја одглумиш на кастингот?
Желбата за глума и тоа што верував дека ,,Зоки Поки” ќе биде супер детска серија како и лектирата ,,Зоки Поки” ме привлече да се пријавам на кастингот за снимање. Имаше многу сцени кои требаше да ги снимиме за проба, но еве ќе ви кажам една од нив: Кога игравме со Лидија и со Зоки не лути се човече и ја прашувавме Лидија од чија страна е.
Што ти беше најинтересно во текот на снимањето? Што ти беше најголем предизвик, најтешка задача, а што најлесна?
Во текот на снимањето најинтересно ми беше кога имавме мал одмор и си правевме смешки. Најголем предизвик ми беше кога требаше да снимаме во најтоплите денови, најтешка задача ми беше што требаше цело време да стануваме во 7, а некогаш и во 6 часот, а најлесна задача ми беше учењето на текстовите.
Опиши го Гоки со три зборови.
Бубалица, гејмер и дружељубив.
Кога ќе пораснеш сакаш да бидеш актер, па дали имаш желба да глумиш некоја посебна улога на лик од стрип, филм, цртан или книга?
Да, кога ќе пораснам сакам да бидам актер и имам желба да го глумам Iron Man (Железен Човек) од филмот Avengers End Game.
Дали откако почна серијата те препознаваат по ликот Гоки на улица и дали тоа ти пречи или не?
Откога почна емитувањето на серијата покрај децата од маало со кои другарувам и кои знаат дека го глумам Гоки ме препознаваат и други деца. И тоа не ми пречи зашто ми беше желба.
Според тебе, што можат да научат децата, а што возрасните од Зоки, Лидија, Боки и Гоки?
Според мене децата можат да научат дека вистинското другарство постои и секогаш треба да бидеме тука за вистинските другари. За родителите тоа е навраќање на нивното детство и порака да не го заборават детето во самите себе колку и да се големи.